Психологијата на режимот

Од:

Кога една власт станува свесна за губењето на својата апсолутна моќ (иако, во современите демократии, уставите најчесто предвидуваат поделба на власта каде е воспоставен системот на „checks and balances – кочници и рамнотежа“), таа станува неврамнотежена, неартикулирана. Почнува да го губи чувството за „државна“ и „приватна“ сфера. Смета дека има право да го узурпира целиот „небранет простор“, кој и’ е оставен на располагање случајно или намерно. Токму тогаш, дезориентирана власт, како оваа нашата, станува режим.

За жал, последниве неколку години нам во Македонија ни се случува режим. Ни се случува власт која во секоја мера излегува надвор од своите уставни и законски овластувања. Одамна со леснотија, премолчено се одобрува носењето на противуставни закони, забраната за ретроактивно дејство на законите, „збунетоста“ и „затеченоста“ на Уставниот суд. Oдамна како сите да се помиривме со судство кое е буквално инсталирано и раководено од страна на извршната власт. За сервилноста на Собранието кон Владата нема воопшто потреба да зборуваме. Онаа „гласачка машинерија“ составена од 71 сирота душа, не само што гласа слепо и без поговор, туку мирно и покорно одобрува брутално исфрлање на своите колеги од пленарната сала.

Сето погоре споменато, комбинирано со челичните окови кои се ставени околу вратот на независното македонско новинарство и слободата на медиумите, комплетно го разголи овој режим. И сега, комплетно разоткриен, како „гол Асан“, режимот панично трча лево – десно, обидувајќи се да се спаси тоа што може да се спаси…што и да е тоа…

Последниве настани, всушност, се само кулминација на една чудна психолошка состојба во која, очигледно, веќе подолго време се наоѓа нашиов „Левијатан“. Минатата недела, додека се обидував да разрешам еден правен проблем, случајно наидов на една одлука на Советот на Град Скопје. Станува збор за Одлука за промена на имињата на улиците на територија на Град Скопје. Поминувајќи преку старите и новите имиња на улиците, забележав нешто многу „интересно“. Сите одамна знаеме дека градскиот Совет, улицата Бихаќка, на која се наоѓа седиштето на најголемата опозициона партија, ја преименува во Павел Шатев. Но, ликот и делото на Павел Шатев воопшто не се важни за нашата денешна приказна. Важно е само тоа дека владеачката партија сериозно се идентификува со него. Нејсе, приказната за Бихаќка и Павел Шатев ја знаете сите. Но, верувам дека малкумина знаете како се вика денес култната улица „Железничка“ (станува збор за улицата која се протега од Водњанска до Павел Шатев)? Улицата која во колективната меморија на скопјани е тесно поврзана со Старата железничка станица, катастрофалниот земјотрес во 1963, кафеаната „Кај Љуц“…Нека ни е со среќа улица „Јордан Мијалков“!

Искрено, никогаш немав дилеми дека оваа багра е спремна на сé за да ги задоволи своите ниски страсти. Но искрено, на некои работи и самиот Фројд да би бил жив би се изначудил. Верувам дека за нивните ограничени мозочни вијуги, се чини како неверојатен успех да ги гледаат опозиционерите како патуваат од „Јордан Мијалков“ по „Павел Шатев“ до седиштето на најголемата опозициона партија. На моменти се обидувам да ја разберам оваа парапсихологија, но навистина тешко ми оди. Зарем мислат дека ќе предизвикаат некакво чувство на непријатност? Длабоко се лажат…

Ова лудило кое ни се случува денес, многу убаво го опиша една позната македонска новинарка пред само неколку денови. Таа кажа: „За да ја дефинирате оваа власт, најверојатно доволни ви се еден психијатар и еден невропсихијатар!“

p.s. Јавно го повикувам мнозинството на Советот, на следната седница улицата „Огњан Прица“ да ја преименува во, на пример, „Драган Богдановски“! Ќе добиете позитивно мислење од Владата, ви гарантирам! Но верувајте, тоа нема да нé спречи да си ја вратиме слободата, бидејќи, нели, за државата се работи!

 Иван Стефановски

Авторот е магистар по Уставно право

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска