Не ми е целта ниту некого да бранам ниту пак нешто да објаснувам во нечие име, повеќето, барем оние што се живи можат тоа и самите да го сторат подобро од мене
Што ново ни се случува периодов? Ништо. Се си е по старо само “паметњаковичиве” мислат дека откриле топла вода во бојлер ако малку ја видоизменат формата на нивното, и тоа како добро осмислено извртување на реалноста за да ги прикријат истите потези што ги влечат цело време се до нивната крајна цел – разнебитување до крај на Република Македонија.
Имено веќе добро познато периодов, додека Премиерот не им е тука (случајно нели) ќе пуштат некој од шутрак-министрине (Спире, Никола, Панче) да скине некоја нова зелена, се разбира сето тоа убаво спакувано, образложено и аргументирано реформски, а потоа се разбира го сервираат под познатиот слоган ОСТВАРУВАМЕ. За остварувањето друг пат, ама дека постигнуваат и тоа најмалку две цели тоа е неспорно. Првата, независно што имаат препокриеност од речиси сите медиуми кога сакаат и колку сакаат и во принцип за “народецов” таков каков што ни е, не им е потребно ништо повеќе, работат на тоа и што е најстрашно успеваат на пропаганден план многу повеќе да не наместат. Овојпат мора да им се признае навистина промислено и интелегентно. По секој нов реформски чекор или свесно лупната глупост, наместо со кратка контрааргументација од едно место (и толку) ние им се лепиме ко мува на г…о. Независно дали сериозно и разумно, иронично или цинично, па се до степен на играње мајтап со мали деца, речиси сите наши (тоа наши условно) аналитичари, политиколози, економисти, здраствени работници, експерти, професори, интелектуалци, политичари не ги вадат од уста барем две недели. Со еден удар две муви, насекаде се зборува (одработува) за реформската влада и само за неа, а од другата страна е она што е поважно, никој не обрнува внимание на темите што се навистина важни и суштински.
Примери на секој чекор. Најновиот е со спуштањето на кредитниот рејтинг на ББ- на Република Македонија од страна на Агенцијата Стандард и поорс. Сега некое време ќе ги плашат пензионерите и администрацијата (веќе се исплашени) дека без нови кредити пари за пензии и плати – т‘нка работа. Независно што со овој потег јасно кажуваат нешто сите што го знаеме, тоа не ги секира. Целта е постигната, психозата е тука, направен е простор повторно да се протне дел од инструментите за постигнување на крајната цел. Одлучувањето и самата одлука на Уставниот ни суд околу греењето не вреди ни да ја споменам, тепаниот тепан-ебаниот ебан.
Во пресрет лустрацијата на професорот Фрчкоски. Истите методи, ама овој пат нишанот е кренат многу и далеку повисоко. Не се ни осврнувам на самиот закон, доволно е зборувано, пишувано, држени се трибини, па дури оној погоре споменатиот Уставен само досега цели два и пол пати го поништуваше. Друго ми е зборот. Поимот лустрација во своето изворно значење значи ПРОСВЕТЛУВАЊЕ. Во Античко време (омиленото на реформаториве) војниците на Александар вечерта пред битка се лустрирале, се вршел обред на прочистување и просветлување на телото и душата со оган, па така чисти оделе во бој. Со кого или против кого овие сега ќе се борат. Лесно е, не е предмет на лустрација професорот Фрчкоски, туку некогашниот министер за Внатрешни работи на Република Македонија. Уште на самиот почеток, од Милчин, Ѓунер, па бр.29 (заради националната безбедност нема податоци за лицето-како не бе, ај важи), преку ред други поранешни функционери во МНР, МВР итн. јасно беше дека линијата на водење на лустрацијата треба да доведе до поранешниот министер во МВР. Но не и тука да заврши. Во еден важен дел станува збор за лустрирање лица на раководни места во или на службите (тајната полиција) што е невиден апсурд. Се прашувам со кого ли соработувале овие лица, сами со себе !? Нејсе, не е тоа поентата. Имено преку ваквиот тек на процесот на лустација на одреден начин се провлекува т.н “командна одговорност” за работата на службите. Е, тука некаде почитувани лежи зајакот. Овојпат момците решиле да го “здрмаат” бр.1, Ви текнува нели? Ако министерот го лустрираме, (а со тоа го правиме недостоен за вршење јавна функција, и не само тоа), а ВИНАТА е што раководел со МВР во чиј состав работи службата, ете го одговорот сам по себе. И министерот има шеф нели? Претпоставен му е Претседателот на Владата на РМ, па по “командната” логика на нештата на ред за лустрација е тогашниот Премиер. Кратко и јасно трн во окото и нареден на ред е Бранко (мислам прекрупен залак, ама ај).
Еве го каде е и конгресот на СДСМ на кој ќе се бира нов председател на партијата. Кој се не анализираше кој, како, зошто, со каква програма ќе го води СДСМ. И шуто и рогато насочено кон конгресот и не го вадат од уста. Оние што “знаат”, многу добро знаат што ќе биде после конгресот.
Добро почитувани ќе прашате чуму сево ова.
Па, извештајот од Брисел, влезот на Македонија во НАТО, преговорите со ЕУ (као нешто името). А, да не заборавам кога сме кај името, после конгресот пак ми мириса на “избори”, а кога има избори преговорите за името се времено замрзнати. Се разбираме нели? Некој пак ќе треба да биде виновен за чекорењето наназад во врска со името, НАТО, ЕУ…а најдобро е тоа да си биде “дежурниот” виновник, ако ништо друго навикнавме веќе, а и добро е за прибирање нови политички поени.
Како и да е пак си ги наредија коцкичките. Идат одмори (со кои пари само) и повторно така елегантно ќе ни го протнат сето ова а ние нормално ќе се правиме мутави. Ако само се правиме.
Александар Величковски
правник