ПРОСТЕТЕ, АМА НЕ ИМ ПРОСТУВАМ

Од:

Професорката Гордана Попсимонова на својот Facebook профил напиша:

Од сите верски и државни празници највеќе ми се допаѓа симболиката која ја носи денешниов ден – Прочка. Денот кога си простуваат земјата и небото, кога постарите им проштеваат на помладите, денот кога се оставаат зад себе лошите мисли и дела. Толеранција и љубов на сите страни. Макар и за еден ден.

Јас денес, еве, се обедувам од петни жили да си ги приберам парчињата христијанска и човечка доблест и да си кажам – Простено им е. Не ми оди. Тешко ми е. Уште ми го пече грлото желудочна киселина, уште ми одекнува низ глава ѓаволската смеа и нечовечкиот насит. Верувам дека никој од нас не остана рамнодушен кон овој атак на нормалноста, изнесен преку прислушуваните телефонски разговори. Верувам и дека секој од нас има своја причина за непрост кон одредени луѓе – нелуѓе. Еве ги моите причини и лица наредени по азбучен редослед:

Гордана Јанкулоска: поради тоа што ги навредува униформираните полицајци, но и сите вработени во МВР со кои ресорно раководи, нарекувајќи ги „џандари“ и „гревчиња“, како и поради рамнодушната леснотија со која прејде преку информацијата за смртта на Мартин Нешковски.

Елизабета Канчевска-Милевска – поради дизнилендот кој ми го направи во родениот град и поради сите пари за него кои поминаа преку каса-прими во туѓи каси.

Зоран Ставрески – поради сите затворени бизниси и запустени домови и поради уличарскиот безобразлук спрема оние кои не му се на линија.

Никола Груевски – поради трансформацијата на мојата држава во земја на стравот и лагата, поради нахалноста, суетата и инаетот, како и поради гуштерската насмевка кога го предлагаше глупавиот закон преку победоносната формула – „сега барем ќе имаат шестки“ (се однесува на студентите).

Никола Тодоров – поради комплетната девастација на здравствениот и образовниот систем и поради смртта на Тамара.

Сашо Мијалков – поради простаклукот, кукавичлукот и елементарниот недостаток на човечност, како и поради хиенското кикотење врз туѓа несреќа.

Намерно пропуштам уште неколкумина протагонисти од прислушуваните разговори – Латас, Стојменов или Котевски. Тие не се достојни ни за непрост.

 

Гордана Попсимонова

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска