Пишува Жарко Трајаноски, м-р по човекови права
„…моќта на медиумите може исто така да биде погрешно употребена
дотаму што се загрозува самото функционирање на демократијата.
Некои медиумски канали се претвораат во пропагандни мегафони на
оние кои се на власт.“ (Eтичко новинарство и човекови права)
Етичкото новинарство е неспоиво со партиската пропаганда. Претворањето на медиумите во пропагандни мегафони на владејачката партија е неспоиво со демократијата и слободата на печатот. Поистоветувањето на новинарството со пропагандата е карактеристика на тоталитарните режими, а не на демократиите.
За жал, историјата на македонското новинарство не може да се пофали со јасно разграничување помеѓу етичко новинарство и партиска пропаганда. Синтагмата „првото перо на македонското новинарство“ му се припишува на Мито Хаџивасилев Јасмин, кој бил „началник за агитација и пропаганда во Главниот одбор на Народниот фронт на Македонија“, а потоа со години главен уредник на „Нова Македонија“ – „Орган на народно- ослободителниот фронт на Македонија“. Покрај тоа, ако се земе предвид и неговата успешна политичка кариера, сосема е логично да се постави прашањето: За што се доделува државната награда „Мито Хаџивасилев – Јасмин“ – дали за придонес во новинарството и публицистиката, за „Новинарско перо – владино мастило!“, или за успешен новинар-политичар? Да потсетиме, дел од новинарството во независна Македонија започна да се ослободува од политичките притисоци токму со разбивањето на пропагандната империја на „еднопартиското новинарство“ (НИП „Нова Македонија“ и МРТВ).
Пропагандата и „Империјата“
„Пропагандата за одредена политичка партија или опција е неспоива со новинарската професија.“ (Прирачник за етиката во новинарството)
Иако во едно демократско општество новинарите не треба да играат улога на мегафони во партиско-пропагандни „органи“, сведоци сме на бројни примери на партиско-пропагандни содржини кои се обидуваат да се маскираат како новинарство.
Од пропаганда не беше поштеден ни изборот за песна на „Евровизија“. Да видиме како беше претставена песната „Империја“, веднаш по првата официјална изведба:
„Македонски ритам и два моќни гласа, а во позадина гордо исправени историските
споменици… вака кралицата на ромската музика, Есма и младиот Влатко Лозаноски
ќе ја претстават Македонија на Евровизија во Малме.“ (ВИДЕО: Слушнете ја
евровизиската Империја 27.02.2013)
Откако политичката песна (изведувана од провладина политичарка) и пропагандното видео предизвикаа жестоки реакции во јавноста и на социјалните мрежи, видеото беше повлечено од Youtube. Набргу, на социјалните мрежи за првпат се појави информација дека ќе биде повлечена и песната „Империја“. Сепак, иако таа информација подоцна се покажа како точна, одредени медиуми побрзаа да ја прогласат за „гласини“:
„Гласини за повлекување на песната ‘Империја’ почнаа да се шират низ социјалните
мрежи… Од наши извори дознаваме дека сепак, не станува збор за никакво
повлекување на песната ‘Империја’ со која Есма и Лозано ќе ја претставуваат
Македонија на Евросонг во Шведска, туку за техничка грешка во видео-записот и дека
наскоро повторно ќе може да ја слушаме и гледаме на Ју-тјуб.“ (НЕТОЧНИ ГЛАСИНИ НА
СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ: Евровизиската песна не е повлечена! 28 февруари 2013 – 17:04)
Само неколку часа подоцна беше објавена реакцијата на МТВ – „МТВ: Спотот не ги исполнува критериумите за достојно претставување на Македонија“, а следниот ден беше пренесена информацијата дека песната „Империја“ ќе се менува.
Тогаш проработи со полна пареа пропагандната машинерија. Прилогот Кому му пречи „Империја“? се обиде да ги поистовети негативните коментари во Македонија и Грција:
„низа негативни коментари, како во Македонија, така и во Грција. Единствено што е
различно е предметот на критикување.“
Критиката дека „Империја“ е исполитизирана песна со исполитизирано видео се отфрла со напад врз „одредени медиумски структури“:
„одредени медиумски структури сосема го исполитизираа особено видеозаписот за
песната на Есма и Лозано.“
Секоја критика на песната е претставена како удар кој ѝ нанесува штета на Македонија:
„По низата удари од внатре и од надвор, спотот беше отстранет од Youtube.
Единствено останува отворено прашањето, чии удари кон овие естрадни уметници со
силни вокални способности, повеќе и штетат на Македонија.“
И следниот ден истиот медиум продолжи со обиди за делегитимирање на домашната критика:
„За само 24 часа, колку што видео записот стоеше на Youtube добивме повеќе
позитивни коментари од странци, отколку од Македонци… Професионалци ќе
ја преработат ‘Империја’, но останува отворено прашањето што ќе го натера
македонскиот народ да даде поддршка и почит за своето?“ („Империја“ ќе се
преработи, критиката нема!, Сабота, 02 Март 2013 11:14)
Оцрнувачката пропаганда на критичарите на „Империја“ го достигна својот зенит во статијата: „МРТ ЈА ПОВЛЕЧЕ ‘ИМПЕРИЈА’: На Бране и Мадона да му пее, сонце нема да го грее! “За разлика од „Курир“, кој вината за дебаклот на „Империја“ ја префрли на „македонскиот народ“ кој не дава „поддршка и почит за своето“, „Вечер“ вината ја префрла директно на опозицијата и нејзиниот лидер:
„…негативните реакции тргнаа од Фејсбук, каде што групите формирани од членови
на опозицијата го дадоа својот максимум во оцрнување и плукање по евровизиската
песна ‘Империја’ на Есма и Влатко. Како резултат на ова, МРТ ја повлече со најава за
доработка и на песната и на спотот.“
За разлика од МТВ, која се огради од недостојното претставување во спотот, прилогот со антологискиот наслов „На Бране и Мадона да му пее, сонце нема да го грее!“ го глорификува токму претставувањето во спотот на објектите од „Скопје 2014“:
„Конечно излезе спот за евровизиска песна за Македонија во кој нема планини и овци,
туку вистински репрезентативни културни објекти кои се дел од сите евровизиски
претставувања.“
Партиско-уредувачка политика
„Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.“ (Кодекс на ЗНМ)
Објавувањето на „факти“ без да се наведат нивните извори или инструменти за проверка, е уште еден симптом на пропаганда која сака да се маскира како новинарство. За разлика од етичкото новинарство, кое нуди проверени информации, партиските мегафони нудат непроверени или непроверливи „факти“. Честопати, таквите факти се однесуваат за масовен или за минорен одѕив на партиски митинзи.
На пример, неколку медиуми објавија фотографии од партиски митинг, со тврдење дека на митингот присуствувале над 90.000 граѓани ( ФОТО: Над 90.000 граѓани на плоштадот „Македонија”). Ниту еден медиум не образложи врз основа на каква методологија или истражување е дојдено до таквото фактичко тврдење. Победникот во категоријата „најдобар информативен сајт за 2012“ излезе со прогноза дека „Ова ќе биде најмасовниот митинг во историјата на Република Македонија“. Политичарите можат да си дозволат „ќе биде“ искази, но таквите искази се непримерени за новинарите кои известуваат за актуелни политички процеси.
Она што ја прави пропагандата најпрепознатлива е отсуството на професионална дистанца од политичкиот субјект за кој се известува. Објавувањето на партиски изјави како наслови (во или без наводници), без да се наведе партискиот извор, оправдано може да се толкува како поклопување на уредувачката и партиската политика. Исто така, кога веста започнува со коментар, а кога коментарот се поклопува со партиско соопштение, повеќе од јасно е дека медиумот почнал да му служи на партискиот, наместо на јавниот интерес.
На пример, фото-сторијата ФОТО: Над 90.000 граѓани на плоштадот „Македонија”, започнува со коментарот „ВМРО-ДПМНЕ покажува што значи народ“. Формулацијата „Зборовите на лидерот на партијата … од пред извесно време вечерва се покажуваат на дело“ е класичен пример на известување без професионална дистанца од политичкиот субјект за кој се известува.
„Додека не ја стигнеме Германија“
„Насловната страница на Њујорк Тајмс кога ги пишувам овие параграфи
содржи 8 важни вести-приказни. Четири од нив, или една половина, се
пропаганда.“ (Бернајс, „Пропаганда“, 1928)
Вистински пропаганден „бисер“ изминатава седмица е статијата „ВЛАСТА СО ИНВЕСТИЦИИ И НОВИ РАБОТНИ МЕСТА: Македонија со најмала невработеност, а ова е од транзицијата на Бранко“. Во статијата се тврди дека „Од транзицијата наваму, Македонија има најниска стапка на невработеност“.
Формулациите „од транзицијата наваму“ и „транзицијата на Бранко“ се јасен показател дека иако новинарот избрал теми кои несомнено претставуваат јавен интерес (инвестиции, работни места, невработеност) начинот на кој се обработуваат темите нема допирни точки со етичко новинарство. Класична пропагандна манипулација е обидот да му се припише „транзицијата“ на еден политичар (заедно со сите нејзини негативни ефекти) и истовремено да се прогласи за минато свршено време.
Сепак, врв на пропагандно манипулативно известување е следниов исказ: „На европско ниво, додека не ја стигнеме Германија, засега Македонија е на ниво на Шпанија.“ Како прво, невработеноста во Македонија (30.6%) не е на ниво на Шпанија (26.2%), туку 4,4% повисока и сè уште највисока во споредба со сите земји од ЕУ. (Во анализата воопшто не се споменува официјалната стапка на невработеност, туку се оперира со неофицијална стапка „најмногу до 22 проценти“). Како второ, каква смисла има изразот „додека не ја стигнеме Германија“, кога ќе се земе предвид дека невработеноста во Германија е само 5.3%? Како трето, во текстот се изведуваат оптимистички заклучоци без воопшто да се зема предвид стапката на вработеност (39.1 %, трет квартал 2012), која е далеку најниска во споредба со сите други земји членки на ЕУ. Исто така, анализата воопшто не ги зема предвид официјалните статистички показатели според кои индексот на бројот на работниците во индустријата континуирано опаѓа.
Но, што е толку битно што сè уште сме на дното во ЕУ кога станува збор за индексот на невработеност и вработеност? Што ако бројот на работници во индустријата постојано ни опаѓа? За недемократските политичари многу е побитно индексот на пропагандни работници да расте, а индексот на етички новинари да опаѓа. Така најлесно ќе нè убедат во радосните вести дека „Македонија има најниска стапка на невработеност…“ и дека само што не сме ја стигнале Германија.
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на
медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите,
имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на
Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата
е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД
или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија,
ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-
страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).