Преку Националниот портал за електронски услуги што е пуштен официјално во употреба денеска, граѓаните со една најава, корисничко име и лозинка, ќе можат да добијат различни услуги во електронска форма.
„Секогаш први на ред, нема повеќе – кој ќе чека пак“, е пораката за новиот портал од Министерството за информатичко општество и администрација, што ги реализираше активностите во најголем дел со финансиска помош од Европската унија.
– На порталот uslugi.gov.mk во електронска форма се достапни 127 услуги од 28 институции. Во иднина тој број ќе се зголемува со оглед дека на располагање се 1.300 услуги, информира ресорниот министер Дамјан Манчевски на средба со новинари.
Како што појасни, за видливите резултати од оваа електронска платформа претходеа повеќе активности, технички решенија и регистри. Дел од тие решенија е и подготвениот каталог на услуги, како и Централниот регистар на население што е основа на Националниот електронски портал.
Покрај брзината за добивање услуга и заштедата на време во клучните придобивки Манчевски го потенцира и намалувањето на корупцијата. Точно ќе се знае кај е одреден документ и ќе нема веќе заглавени документи во фиоките, најавува Манчевски.
Функционирањето на порталот ќе биде официјализирано на прес-конференција на министерот Манчевски со премиерот Заев.