Професорскиот пленум го подржува Наставничкиот пленум и протестите организирани против новите законски решенија во основното и средно образование, односно Законот за основно и средно образование, Законот за наставници и Законот за Академија на наставници.
Во однос на прашањата врзани со екстерното тестирање и новиот концепт на матура, Професорскиот пленум потсетува дека тестирањето претставува само еден од многуте инструменти кои се користат во методологијата на педагошката евауација и мониторинг.
Улогата на екстерното тестирање може единствено да биде оправдана само како мерење на ефектите од образовниот процес кои ќе бидат наменети за да се согледа реалната состојба и да се осознаат слабостите и проблемите во образованието, податоци кои ќе претставуваат основа во креирањето на образовните политики и усовршување на наставните програми и воопшто, подобрување на образованието. Тестовите на знаење во многу помала мерка можат да мерат варијабли од афективно подрачје како емоции, волја, интереси, како и некои специфично сложени појави од креативното и творечко подрачје. Во сите овие случаи е нагласен квалитативниот пристап и анализа на наученото.
Во 21 -от век педагогијата се раководи од паролата „не колку сум паметен, туку на кој начин сум паметен“, базирајќи се на Гарднеровата теорија за мултиплицирана интелегенција, која ја опфаќа комплексната човекова природа, неговата различност и посебност, нагласувајќи ја комбинацијата на интелигенции кај секој поединец. Освен вербално-лингвистичката и логичко-математичката интелигенција на кои се базира нашиот образовен систем, луѓето поседуваат и телесно кинестетичка, просторна, музичко ритмичка, интерперсонална, интраперсонална интелигенција.
Професорскиот пленум истакнува дека не постои доказ дека Академијата за наставници ќе ги подигне стандардите во образованието, статусот на наставниците и ќе го подигне квалитетот на училиштето. Академијата може да вработува наставници без доволно квалификуван статус, а стручното усовршување на кандидатите и обуката за наставниците ќе се изведуваат и од лица кои немаат никакво искуство во високото образование и во едукација на наставници и воспитувачи. Фактот дека учениците можат да бидат образувани од страна на „неквалификувани наставници“ ќе доведе до ерозија на професионалниот статус на наставниците и до намалување на квалитетот на образованието. Академијата за наставници има поголема можност за финансиска флексибилност во однос на сопствените плати и условите за вработување, а може и самостојно да ги одреди условите за прием што пак ќе доведе до зголемување на нелојалноста и поттикнување на социјалната сегрегација. Програмата на Академијата за наставници е скапа и комплетно ја презема дејноста на досегашните педагошки и наставнички факултети, вклучувајќи го стручното усовршување, Центарот за перманентно усовршување и педагошката доквалификација. Воведувањето на Академијата за наставници го обезвреднува образованието на педагошките и наставничките факултети кои имаат долгогодишна традиција и искуство во оваа дејност и кои се симбол на националното образование.
Образовниот процес претставува круг на поврзани чекори со кои се гради, воспитува и образува ученикот и затоа, тој не смее парцијално да се менува без да се има предвид севкупноста и комплексноста на целиот систем на образование. Затоа, Професорскиот пленум ја упатува својата јавна поддршка до наставниците и средношколците и ги повикува своите членови да се придружат на протестите организирани од двата пленума.