СЈО ја информира јавноста дека по доставени предлози, Апелациониот суд Скопје донесе решенија со кои им се продолжуваат мерките куќен притвор во траење од 30 дена за осомничените лица Јордан Камчев, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ.
„Осомниченото лице Тодор Мирчевски, покрај веќе изречената мерка на претпазливост – одземање на патна исправа, до Основен суд Скопје 1 Скопје – судија на претходна постапка, доставено е барање за определување на дополнителна мерка на претпазливост – јавување во суд еднаш неделно кај службено лице“, пишува во соопштението на СЈО.
За осомничената Зорица Арсовска, покрај веќе изречената мерка на претпазливост – одземање на патна исправа, до судија на претходна постапка при кривичниот суд, доставено е барање за определување на дополнителни мерки на претпазливост – јавување во суд еднаш неделно кај службено лице, забрана за посетување на деловните простории каде што осомничената работи, како и забрана за превземање на определени работни активности од дома, а кои се поврзани со правните лица – предмет на истрагата.
Во „Империја“ осомничени се Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски за неколку кривични дела.
Според СЈО, осомничените се товарат за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело. Во предистражната постапка, со преземање на различни истражни дејствија како и со примена на посебни истражни мерки, се обезбедени доволно докази од кои произлезе основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост.