Привилегија е да се биде Вмровец

Од:

Според најопштото објаснување, привилегијата е повластица, ексклузивно право на некое лице или група, која е недостапна за другите и која не мора нужно да биде поврзана со обврските – за разлика од правата, кои се однесуваат на сите и кои секогаш се во сооднос со обврските. Во поширока смисла, привилегија може да се нарече секоја фактичка повластица и секој фактички имунитет кои ги уживаат поединецот или групата благодарение на нивната политичка, социјална и финансиска моќ – иако тоа не им го гарантира ниеден формален закон. Овој вид на привилегии во современите општества создава еден вид на “касти” кои се обидуваат да се претстават како “елити”. Привилегијата во основа е дискриминантна бидејќи прави разлика помеѓу оние кои имаат некое ексклузивно право и сите останати кои го немаат, при што од тоа произлегува дека привилегијата генерира нееднаквост и обесправеност.

Политиката се смета за дејност која најефикасно ја обезбедува привилегијата, иако и секоја друга функција и работна позиција можат да имаат потенцијал да понудат одреден повластен статус. И покрај тоа што повластиците законски се недозволени, сепак од етички аспект можат да бидат преќутно прифатени и толерирани.

Така, иако работодавецот не дозволува, сосема е нормално ако сте возач во јавен сообраќај вашите најблиски роднини и пријатели да ги возите бесплатно. Тоа е за нив привилегија во однос на другите. На секое дете сон му е родителите да му работат во фабрика за слатки и дома да му носат бесплатно чоколади, што повеќето родители кои работат во кондиторската индустрија и го прават со преќутна согласност на претпоставените. Останатите деца ја немаат оваа привилегија и секоја чоколада мораат да ја купат за пари, а ако се обидат да ја земат без да платат ќе бидат казнети. Исто така, отсекогаш традиција во нашето образование била доколку на ученикот еден од родителите е автомеханичар или фризерка, учителот да има бесплатна поправка на автомобилот, а учителката подарок – трајна или ондулирана фризура. Иако формално забранети, ретко кога овие привилегии законски се санкционираат, а најчесто и морално се толерираат. Од друга страна, постојат некои можни повластици кои не само што законски се забранети туку се косат и со етичките и професионалните норми: така, ако сте судија тоа никако не ви дава за право селективно да го применувате законот кон вас и вашите блиски, со што би биле привилегирани во однос на останатите.

За разлика од вработениот во фабрика за чоколади, оној кој работи во печатница за пари не може да се надева на преќутно право да земе за себе некој сноп од ново испечатените пари. И оној кој се наоѓа на најмоќната позиција во државата – премиер, и граѓаните му го довериле правото да располага со заедничките пари, нема право буџетот да го троши со привилегиран однос за лични потреби и потреби на неговите блиски (иако на некои политичари тоа им е тешко да го разберат, како на онаа пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, која, пред фамозниот 24. декември и носењето на буџетот, “брилијантно“ реплицираше на опозициските амандмани со пораката: „Ние сме власт и не нѝ се мешајте во домашниот есап!“).

Јасно е дека работната позицијата претставува соодност помеѓу обврска и право, а не и привилегија, при што, колку позицијата или функцијата е повисока и поодговорна, толку обврските и правата треба да бидат поголеми. Од своја страна, привилегијата во општества како нашето, ако не може целосно да биде елиминирана, тогаш треба да биде што помалку застапена и тоа само онаа која се толерира, затоа што занемарувањето на одговорноста, најчесто води привилегијата освен како дискриминација да мутира и во корупција, што ниту законски е дозволено ниту етички се толерира.

Како ова се ефектуира во Македонија, ќе објаснам преку примерот на еден пријател, кој, покрај тоа што е Вмровец, е и интелигентен и разумен човек. Со него за ВМРО-ДПМНЕ секогаш може да се разговара толерантно, рационално, аргументирано, прифаќа туѓи и упатува свои критики кон владата и партијата, често знае и да опцуе некој министер, а им верува и на бомбите на Заев. Сепак, има и една мана: каква год критика да прифати или упати кон ВМРО-ДПМНЕ, тоа никогаш за овие 25 години не влијаело на неговата одлука за кого ќе гласа на изборите. Тука ѝ е ирационално лојален на неговата партија, што, конечно, го прави и да не се разликува многу од заслепените членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ.

Иако никогаш не бил експониран во првите редови на партијата, повремено умеел себеси да се наметне високо да котира на партиските листи за различни јавни функции. На почетокот на демократијата, во раните деведесети, беше избран за висок функционер во локалната власт. Уште на самиот почеток од функцијата се нашол, за него, во една многу непријатна ситуација. Имено, како ќе дошло време за пауза и појадок, група вработени секој ден му носеле на бирото да појадува скара со месо и полни тави слатки со еклери, индијанки, баклави и тулумби. По неколку дена му паднало незгодно секој ден да биде честен, така што прашал на кого да му даде пари или да му биде дозволено следниот ден тој да го плати појадокот. Одговорот кој го добил од вработените потполно го изненадил – му било појаснето дека нема потреба ниту да враќа пари ниту да чести бидејки сето јадење што го јадат е беслатно, односно никој од вработените не го плаќал.

Според објаснувањето, инспекциите на локалната власт секој ден излегувале на терен да вршат проверки во месарниците, гостилниците, слаткарниците дали храната која ја продаваат е санитарно исправна. Инспекторите наместо од различни објекти да земале по неколку грама месо и слатки и ги носеле во лабараторија на анализа, ги полнеле кесите со килограми месо и слатки и ги појадувале со колегите. Подобра потврда деке храната била исправна од тоа што никој од вработените не го заболело стомак (освен од прејадување) и не добил пролив – не можело да има. Спој на практично и корисно.

Вториот конфликт помеѓу личните убедувања и привилегијата која му следувала на овој Вмровец му се случил на самиот крај на неговиот мандат во локалната власт. Тогаш требало да пополни формулар, кој ќе му овозможил да зема апанажа по завршување на мандатот. Воспитуван во западноевропски дух, веднаш му станало непријатно од самиот себеси како тоа да зема пари и да биде платен 12 месеци, а ништо да не работи. Оваа негова морална дилема бргу стигнала до ушите на неговиот колега по хиерархиски ранг и функција, инаку сега активен опозиционер и критичар на Груевски.

Тој почнал да го обработува и убедува дека не треба да чувствува никаква непријатност со тоа што ќе зема пари за неработење бидејќи формално тоа е законска можност која му следувала, но и етичкиот раскол требало да го премости со објаснувањето дека тој четири години бил на јавна функција, поради што бил надвор од својата професија, ги изгубил контактите и е со хендикеп како да се врати назат и успешно продолжи со својата основна професија. Според објаснувањето на колегата, тој, всушност, се жртвувал себеси за јавен интерес и добро и затоа законодавецот имал разбирање и му пружил можност што побезболно да се вклучи во начинот на живот кој претходно го водел. Сепак, и оваа озаконета демагогија не му била доволно убедлива бидејќи не можел да прифати дека тој се жртвувал себеси, бидејќи во текот на четирите години политички ангажман се стекнал со толку нови контакти и пријатели што и буквално му овозможувало уште од првиот ден по крајот на мандатот успешно да стартува со нова работа и бизнис.

На ова животно искуство, на пријателот Вмровец, се сетив деновиве, кога ја прочитав најавата за оставка на министерот Иво Ивановски и намерата да продолжи да работи како регионален шеф на Телеком Австрија. Спонтано прашање кое се поставува е со што тоа заслужил Ивановски да продолжи да работи во една таква атрактивна странска компанија, односно дали тој таму се вработува поради тоа што е успешен експерт за телекомуникации или поради тоа што бил министер? Барањето одговор на ова прашање хронолошки може да се лоцира уште неколку години поназат: со какви тоа професионални резултати и дострели се препорачал Ивановски за да може да ја обавува одговорната државна функција – министер? Доколку во едно средено општество главен критериум за нечие професионално анажирање е богатата биографија или ЦВ-то, тогаш овој млад бивш министер според ниеден здраворазумски критериум не би можел да биде министер во било кој владин ресор.

Всушност, неговото ЦВ, пред да станел министер, било толку сиромашно и единствено за што го квалификувало во Владата било да добие ангажман да ја одржува работата на нејзината мрежа и ИТ секторот. Меѓутоа, додека во средена средина (каква Македонија не е!), нормалниот развоен пат е ЦВ-то со години да се надградува и збогатува за на врвот на професионалната кариера да може да се заокружи и со министерска позиција, кај нас е обратно – од професионален анонимус се станува министер и со тоа се билда биографијата, за на крај од мандатот да имате ЦВ кое ве препорачува за најатрактивни позиции во врвни компании.

Дали во некои други животни околнсти, во кои не би бил министер, Ивановски би можел да си замисли дека на неговата свадба гостин би му бил еден од најбогатите луѓе во светот, Карлос Слим? Или, дали тој, доколку со министерската позиција немал привилегија да го запознае овој моќен сопственик на најголемите мобилни оператери во светот, би имал прилика да го продолжи својот работен век во негова телекомуникациска компанија? Јасно е какви сè привилегии преку бавење со политика му биле овозможени, за на крај за тоа уште да му биде платена и апанажа, паралелно со високата плата што ќе му биде исплаќана во странска држава, а за што ќе нема увид нашиот УЈП и не ќе може да му ја прекине високата апанажа. Секако, она што во своето накитено ЦВ Ивановски никогаш нема да го напише, а по што единствено ќе остане запаметен кај повеќето граѓани на Македонија, е успехот во целост да ја операционализира тоталитарната идеја на Груевски за целосна партизација на јавната администрација како непресушен извор на гласови за реизбор на ВМРО-ДПМНЕ преку клиентелистичкиот однос ’јас тебе работа – ти мене глас’!
Меѓутоа, камо среќа да беше овој министер единствениот лош пример кој ја користи оваа озаконета привилегија, која, всушност, не е ништо друго освен изигрување на законот и легализирана корупција.

Неговиот поранешен колега, министерот за образоваине и наука, Перо Стојановски, кој на министерската позиција стапил со приложена работна биографија, во која, доколку не се срамел, морал да напише дека претходно работно искуство му било и инсталирање фискални каси во бензински пумпи, пиљари, колонијали и гранапчиња (Велија би рекол: “дуКанчиНа“).

Тој од поправка на фискални каси, преку министерска позиција, заминува директно во дипломатија, и тоа, ни помалку ни повеќе, туку за амасадор во Австралија, притоа без да наведе во неговото ЦВ дека зборува англиски јазик (пред Собраниската комисија убедуваше дека тоа се подразбирало, па затоа немал потреба да го посочува тој податок, иако оние кои го познаваат тврдат дека неговото ниво на говорење англиски јазик повеќе било да го компромитира како амбасадор одошто да го репрезентира како добар дипломат). Крајот на дипломатскиот мандат, кој, иако, му се завршил со сексуална афера, подразбирал и за таквиот личен и државен дебакал да му се плати апанажа, а контактите остварени од државното службување во Австралија да си ги искористи за приватни цели – селење и почнување нов живот на Новиот континет. Што би рекол Кенеди, со мала модификација прилагодена за наши услови: Не прашувај што ти можеш да сториш за татковината, туку што татковината може да стори за тебе!

Покрај Стојановски, дали сè уште некој се сеќава на неговиот колега по функција, амбасадорот Никола Димитров, кој така бомбастично самиот себе се промовираше за реформатор на ВМРО-ДПМНЕ и спасител на Македонија од забеганиот Груевски? Овој бивш македонски амбасадор ја замајуваше јавноста дека, минатата година, кога ја одбил амбасадорската позиција во Москва, тоа го направил поради некакво несогласување со политиката на Груевски, иако, според она што следеше, јасно е дека мотивите му биле од личен интерес да остане со семејствотот да живее и работи во Хаг, што е првостепен скандал кога амбасадор по завршување на мандатот не се враќа во земјата која ја репрезентирал туку останува во државата во која службувал.

Ова фрла сомнеж дека и Н. Димитров својот амбасадорски мандат го поминал (и) во потрага по личен ангажман и средување на приватни професионално-егзистенционални потреби што е морално неспоиво со дипломатската функција, но и со правото да бара апанажа заради ангажман во служба на државата. Во тој поглед, тој не се разликува многу од амбасадор Перо Стојановски, кој службуваше во Австралија и се пресели да живее таму. Иако, да беше Македонија сериозна држава со сите нишани, прашање е дали овие личности воопшто и би биле во можност да градат амбасадорска кариера преку ноќ. За Стојановски е јасно дека тој беше залутан човек во дипломатијата, чија единствена референца за амбасадор беше членувањето во ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа и за тнр. ’амбасадор од кариера’ Н. Димитров и ден-денес во академските кругови се зборува со подбив за начинот на кој му била нострифицирана странската магистерска диплома бидејќи била напишана под секаков академски стандард, инсуфициентна со фусноти и референци и со минимален број страници. За време на заседавање на Комисијата за нострификација, сосема ненајавено и неочекувано на седницата се појавил неговиот татко Димитар Димитров, во тој период со функција министер за образование во владата на ВМРО-ДПМНЕ и ела биди јунак и одби да ја нострифицираш дипломата на синчето поради воочените недостатоци.

Што, пак, да се каже за онаа префинета дама, Валентина Божиновска, какви тек таа жртви во својата професија понела со тоа што престанала да се занимава со актерство и целиот свој физички и интелектуален капацитет ѝ го дала на услуга на татковината. Во моментов ангажирана и платена од 4 места (за тоа пишував во една од претходните колумни: http://a1on.mk/archives/455930), дали и таа кога ќе ѝ заврши мандатот директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи ќе ја искористи привилегијата наречена апанажа?

А нејзе и тоа како ѝ следува: таа цела една деценија е надвор од професијата – пред тоа била просечен актер, а сега, со овој дисконтинуитет, не може да биде ниту статист. Затоа, треба да ѝ се надомести тоа себе жртвување за општествените интереси со некоја лична сатисфакција (финансиска и статусна). Изборот пред кој била ставена мадам Божиновска, како и другите привилегирани Вмровци, бил помеѓу ништо (што имаат) и сешто (што можат да зграбчат во нивните 5 минути): доколку полтронски не се прикачела на ВМРО-Груевистичка, денес би била само актер кого никој не го игра, а вака е видна и угледна партиска марионета. Како актер би имала лик и карактер, сега, како политичар, тоа се само тенки конци преку кои некој друг го одредува нејзиното однесување. Но, кој од новата вмровска елита-каста да се грижи за лице и карактер кога се во прашање пари и статус?!

Под насловот “Привилегија е да се биде Вмровец“ можат да се редат вакви примери уште десетици. Во која саглам држава ликови како Никола Тодоров, Миле Јанакиески, Спиро Ристевски, Диме Спасов, Елизабета Канчевска-Милевска, Гордана Јанкуловска, Никола Поповски, Силвана Бонева, Илија Димовски, актуелните амбасадори на Македонија во Анкара, Загреб, Белград и други би можеле да бидат министри и првокласни државни репрезенти, со бедно ЦВ, какво што имале пред да стапат на функциите!? Меѓутоа, каква корист од тоа редење на имиња, кога и оној кој ги избирал за тие функции е со слична дебелина на сопственото ЦВ. Утеха за нас, обичните граѓани, е сите нив да ги прифатиме како историски инцидент кој се случил во еден период од постоењето на нашата држава и дека испливувањето на површина на ваков талог и полусвет е неодминлива фаза во таканареченото ’време на стаорци’, кое се јавува во развојот на секоја млада држава.

п.с. Како превентива од критики дека ги обвинувам Вмровците за нешто што им е својствено и на СДСМ, мало појаснувае: критиката и посочувањето на аномалите се однесува на власта. Кога СДСМ ќе биде власт вакви и слични критики секако дека ќе бидат во мојот фокус. Дотогаш, наместо да бара оправдувања за нивните високи примања, секој Вмровец, кој не е дел од елитата привилегирани, нека ја отвори страната http://www.donacii.mk/

Се надевам дека за момент човечкото во нив ќе превладее над партиската лојалност.

Д-р Ненад Живановски

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска