СВР Куманово приведе четири лица, на кои во текот на денот ќе им бидат поднесени и кривични пријави за сторени две кривични дела „Грабнување“ и „Насилство“.
На 27 ноември околу 23:30 часот, оштетениот В.Д.(20) од Куманово на булеварот „Трета Македонска Ударна Бригада“, во Куманово, со своето возило „Опел астра“ се движел по левата сообраќајна лента во правец кон Свети Николе, и во моментот кога вртел лево кон улицата „Народна Револуција“ бил удрен од „БМВ“ со регистерски броеви од Скопје управувано од кумановецот Љ.Н.(26) кое се движело во ист правец, но по десната сообраќајна лента вршејќи недозволено свртување.
Веднаш по сообраќајната незгода двајцата возачи излегле од возилата и во разговор Љ.Н. му рекол на оштетениот да не вика полиција туку да се договорат бидејќи неговото возило било нерегуларно, по што побарал и да му плати 150 евра, но оштетениот бидејки сметал дека не е виновен не прифатил и сакал да се јави во полиција.
Во тој момент на лице место пристигнала и Опел Астра од кое излегле лицата Ш.А.(25), Н.Ј.(35) и Ф.А.(20) од Куманово и се приклучиле на разговорот. Откако оштетениот инсистирал да повика полиција тие физички го нападнале удирајќи го со тупаници во пределот на лицето и телото и нанесувајќи му повреди од кои почнал да крвари, а потоа и со тврд предмет го удриле по главата од што паднал во безсознание, а сторителите го ставиле во нивното возило, а неговото возило го тргнале од лице место.
Кога се освестил оштетениот видел дека се наоѓа кај чешмите во с.Проевце, Кумановско, и тоа во возилото „БМВ“, при што Љ.Н. му рекол дека не смее да го пријави случајот во полиција и оти дополнително ќе се видат и договорат за сообраќајката, по што го однеле до неговото возило кое што било преместено на бул. „Трета МУБ“. Откако си заминале, оштетениот се јавил во Медицински центар Куманово заради укажување на лекарска помош.
Од страна на полициските службеници се превземени интензивни мерки заради утврдување и пронаоѓање на сторителите бидејќи оштетениот ниту ги познавал сторителите ниту пак ја знаел регистрацијата на возилата.
Сите пријавени се познати сторители на кривични дела од областа на насилниот криминалитет за што СВР Куманово им има поднесувано кривични пријави и тоа за „насилство“, „тешка телесна повреда“, „спречување службено лице во вршење службено дејствие“, како и за кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога, за што еден од приведените – Ш.А. бил и осудуван.