Приватните часови предуслов за преодна оценка

Од:

Професорите во Македонија се должни да даваат дополнителна настава, но без да ја наплаќаат, што не е случај и во неколкуте училишта. Бизнисот со приватните часови, го прекршува законот за образование во Македонија.

privatni-casoviБизнисот со приватните часови меѓу средношколците стана тренд во сите држави низ светот, па и во Македонија. Речиси во сите огласи во весници и огласни интернет сајтови во државава може да се забележат голем број понуди за дополнителна настава по сите училишни предмети.

Приватните часови во домот на ученикот или кај професорот станаа дел од секојдневието.

Родителите најчесто на професорите им плаќаат од 150 до 900 денари од час, за да им помогнат на нивните деца, да го „совладаат“ материјалот.

Експертите велат доколку приватните часови се употребуваат заради потребите на учениците, односно за да постигнат подобри резултати, тогаш тие се прифатливи. Но, не се исклучува ниту можноста часовите да се применуваат само поради стекнување материјална корист на просветниот работник.

Се јавивме на еден професор по математика, од струмичката гимназија „Јане Сандански“ и побаравме да посетиме дополнителни часови. Тој без размислување веднаш даде позитивен одговор. Ни нагласи дека часовите ќе се одржат во неговиот дом, а дека за два часа цената е 300 денари.

Парите на професорите учениците им ги даваат на рака, што значи дека станува збор за голема сума, која е надвор од реалните државни оданочувања.

Но, уште поголем проблем во образованието претставува принудата од професорите на дополнителни приватни часови, како услов за преодна или повисока оценка по некој предмет, која стана се поактуелна во одредени училишта.

ilija-nikolovski-luj

 

Поранешен средношколец во МБУЦ „Илија Николовски Луј“, чие име нема да го објавиме, за да го заштитиме неговиот идентитет ни раскажа дека бил принуден да посетува приватни часови, кај сега веќе пензионирана професорка, за да добие преодна оценка.

-Уште во прва година поголем број од моите соученици посетуваа приватни часови кај истата професорка. Но, јас не бев запознаен дека всушност тие според неа се „задолжителни“. Тоа го дознав дури на крајот на школската година, кога професорката ме остави на поправен испит – вели нашиот соговорник.

Него и неговиот родител класниот раководител ги упатил на разговор кај професорката и на индиректен начин им нагласил дека би било добро доколку може да се договорат со неа и да одржат неколку приватни часови.

-По разговорот со класниот раководител, се сретнавме со професорката. Таа рече дека воопшто не е проблем и дека веднаш може да започнат со приватните часови– изјави родителот на нашиот соговорник.

direktor-namuzicko

За да добие преодна оценка поранешниот средношколец во Музичкото училиште морал да посети најмалку десет приватни часови, кои изнесувале по 600 денари од час.

Македонските медиуми за истото оваучилиште пред неколку години напишаа дека починатиот директор Манољ Јанев отворено ги нападнал наставниците, кои освен редовни на учениците по музички инструменти им давале и приватни часови, кои родителите морале да ги плаќаат.

МН: Се почитуваат ли законите?

Со дополнителните приватни часови освен што не се почитува Законот за средно образование во Македонија, во кој стои дека образованието е бесплатно за секој граѓанин, се прекршува и кривичниот закон. Во член 259 од Кривичниот закон е нагласено дека доколку некој присилува лице на одредена дејство на своја или туѓа штета, тогаш станува збор за кривично дело „уцена“. Во истиот закон во член 353, во став 1 стои дека доколку некој службеник со искористување на својата положба прибави за себе или за друг некаква корист, тој треба да се казни.

За да провериме дали во Музичко балетскиот центар има кршење на законите и дали се уште се актуелни наставниците со своите „дуќанчиња“ се упативме пред училиштето и направивме анкета меѓу учениците.

-Има одреден број наставници во нашето училиште што држат часови. Новата професорка по солфеж, но и претходната која сега е во пензија даваат часови. Директно никој нема да ти каже дека мора да одиш на приватни часови, но индиректно има многу случаи – вели анкетиран ученик од прва година.

Според нив, часови најчесто се држат по солфеж, кларинет, хармонија, клавир, за време на викендите во училиштето или во вечерните часови, но и кај професорот дома.

-Повеќе професори даваат приватни часови овде. Мислам дека еден час е 500 денари. Јас немам посетувано, но ме тераа. Ми имаат речено ајде оди на приватни часови, нема да те пуштам доколку не одиш. Јас не отидов, имав слаба оценка, но на крајот ми ја поправија – изјави друг средношколец од МБУЦ.

И покрај фактот што неколкуте ученици потврдија дека навистина во училиштето постојат приватните часови, одлучивме да стапиме во контакт со сегашната професорка по солфеж.

Анонимно се претставивме дека ни се потребни дополнителни часови. Таа не праша од каде дознавме за неа и дали имаме одредени познавања од областа на музиката. За цената ни одговори дека ќе ја утврдиме откако ќе види колку ја познаваме материјата. Но, ниту во еден момент не го одби нашето барање, што за нас беше повеќе од доволно дека професорката навистина дава дополнителни часови.

Во македонскиот закон јасно стои дека доколку одреден наставник сака да дава дополнителна настава на ученици од основно или средно образование, за која зема паричен надомест мора да основа сопствена фирма за таа дејност.

МН: Директорот не знае каков е договорот за плаќање

            -Немаме информации за такви случаи, но постојат несериозни муабети дека во нашето училиште се држат приватни часови. Јас не можам сто проценти да тврдам дека не се одржуваат, но според моите сознанија се држат само дополнителните часови – изјави директорот на МБУЦ Илија Николовски Луј, Јован Бицевски кој две години се наоѓа на оваа функција.

Според него, доколку на некој ученик му е потребна дополнителна настава по германски јазик тој може да земе час каде било, но кога се работи за стручен музички предмет тогаш учениците доаѓаат во училиштето да вежбаат.

-На пример, доколку за солфеж му треба на некој ученик дополнителна настава, тој не може да ја земе во  гимназијата „Јосип Броз Тито“. Ние имаме многу натпревари за кои што е потребно да вежбаат учениците. Затоа и се потребни дополнителните часови кои и законски се утврдени. Е каков е договорот помеѓу ученикот и наставникот за плаќање, тоа не знам – истакна директорот Бицевски.

Но, само неколку дена откако телефонски контактиравме со директорот на Музичкото училиште, добивме меил со малку поинаква порака од Бицевски.

Во неа тој одговорно тврди дека нему како директор ниту еден родител не му се обратил ниту усно, ниту пак писмено со забелешка дека се одржуваат приватни часови.

-Можеби за некои, дополнителната настава создава недоразбирање и ја поистоветуваат со приватни часови. Дали сепак за таа дополнителна настава на некој родител му е побарано паричен надомест, јас тоа не можам да го знам се додека родителот не ми се обрати лично, за јас понатаму да ги преземам потребните мерки – е дел од пораката која што ни ја испрати директорот Бицевски.

МН: Што велат надлежните?

                Од Државниот просветен инспекторат, кој работи како орган во составот на Министерството за образование и наука и спроведува надзор над исполнетоста на образовните стандарди, примена на законите и други прописи и општи акти нагласија дека постојано вршат редовни и вонредни контроли во училиштата, по интегрална евалуација.

-До Државниот просветен инспекторат во текот на учебната 2012/13 не е пристигната претставка против наставник кој принудувал ученици на приватни часови. Доколку родителите имаат сознание за прекршување на закон по овој основ или некоја друга законска обврска во образовниот процес, апелираме истите да достават претставки – истакнаа од Државниот просветен инспекторат.

Во Министерството за внатрешни работи во текот на 2012/13 година се  пријавени три случаи во кои професори од државните универзитети барале паричен надомест од студенти, за да добијат преодна оцена и против нив се покренати пријави за злоупотреба на службена должност и овластување. Но, во МВР немаат статистички податоци за пријави од средношколци.

И во Првата детска амбасада „Меѓаши“ на СОС телефонот за деца и млади не пристигнале дојави за злоупотреба преку приватните часови. Кај нив во текот на 2012 година, се забележани вкупно 33 пријави за насилство во воспитно-образовните институции.

МН: Дополнителни часови на хартија, парите под рака

           Во Законот за средно образование, од 2011 година воведени се измени во правец на организирање дополнителна настава, за ученици кои покажуваат слаби резултати во учењето. Целта за воведување на овие измени е намалување на бројот на ученици, кои со послаби резултати може да изгубат година. Но, дополнителната настава е задолжителна и бесплатна за сите.

Значи, според изменетиот закон професорите се должни да даваат дополнителна настава, но без да ја наплаќаат, што не е случај и во неколкуте македонски училишта. И во овој случај бизнисот со приватните часови, повторно го прекршува законот за образование во Македонија.

bosevska-izjava

 

 

МН: Зошто никој не зборува за принудните приватните часови?

        Дека принудните приватни часови се актуелни многумина знаат, но ретко кој ќе се осуди да зборува.

-Случајот не го пријавивме, бидејќи ми беше страв од последиците, затоа што професорката требаше да ми предава уште три години. Сето ова го знаеше и еден од моите професори. Тој првин ми даде совет веднаш да одам кај директорот и да му го раскажам тоа. Но, само по неколку минути се премисли и ми рече, дека подобро ќе биде доколку молчам, затоа што и тој не е сигурен за последиците што може да се случат – вели средношколецот од Музичкото училиште, кој на своја кожа ја почувствува оваа аномалија во образованието.

Различни истражувања покажуваат дека најчесто слични се одговорите на учениците кои што имале искуство со одредена форма на корупција во образованието, без оглед дали станува збор за приватни часови, „купување“ испит, книга и слично. Причините поради кои што учениците молчат се стравот од последиците и мислењето дека дури и да пријават, со тоа нема да променат ништо.

Центарот за граѓански комуникации пред неколку години спроведе истражување кое покажа дека корупцијата е распространета појава во целиот образовен систем. Токму во него еден од посочуваните облици на корупција во високото и средното образование се дополнителните часови кои учениците ги земаат надвор од редовната настава. Според истражувањето, посетувањето на одреден фонд дополнителни часови кај самиот професор или негов близок пријател се услов за добивање подобра или преодна оценка.

Од организацијата Младински Образовен Форум (МОФ), која се занимава со младите и нивните проблеми, а прави различни истражувања поврзани со корупцијата во образованието истакнаа дека во фокус групите што ги спроведуваат, средношколците не ги издвоија приватните часови како приоритетен проблем.

-Ова секако не значи дека како појава го нема, но можеби тие се уште злоупотребата со приватните часови, не ја согледуваат како проблем-велат од МОФ.

МН: Ги знаат ли средношколците своите права?

            Според извештајот на МОФ средношколците не се запознаени со правата кои ги имаат додека посетуваат настава. Малиот број ученици кои се запознале со правата, велат дека се информирале од работилници, предавања, семинари, списанија, интернет, телевизија или при изработка на училишен проект.

Директорот на првата детска амбасада „Меѓаши“, Драги Змијанац за Списанието на Народниот правобранител изјави дека нивното истражување покажало дека голем број деца во Македонија  не ги знаат своите права.

-Доколку децата ги познаваат и разбираат нивните права, тие ќе имаат можност да созреат во одговорни личности кои ќе знаат да ги почитуваат и туѓите права и да се борат за остварување на своите цели. Иако оваа година ќе се навршат 22 години од донесувањето на Конвенцијата за правата на детето (КПД), сепак над 70 проценти од децата во Република Македонија, на училишна возраст, не ги познаваат своите права – изјави Змијанац за „Списанието на Народниот правобранител“.

Народниот правобранител на Македонија, секоја година по слободен избор одржува настава во основните и средните училишта, при што децата ги запознава со одредбите од Конвенцијата за заштита на правата на децата, како и со правата предвидени во законите за основно и средно образование.

-Сметам дека има подобрување во запознавање на правата, децата повеќе знаат за теоретските права, а практично не знаат да ги применат – истакна Народниот правобранител на Македонија, Иџет Мемети.

Од Првата детска амбасада „Меѓаши“ која веќе 21 година работи во насока на заштита на децата, велат дека правото на образование е природно право на секое дете и ниту едно дете не смее да биде исклучено од образовниот процес.

-Мотото на Првата детска амбасада е „Едно дете во училишна клупа, едно дете помалку на улица“. Според член 28 од Конвенцијата за права на децата се наведува дека средното образование е задолжително и бесплатно за сите, а во членот 29 стои дека државите членки се согласни дека образованието на детето треба да биде во насока на развој на почитување на правата на човекот и основните слободи-нагласи Јана Зенговска, од Меѓаши.

inspektorat-zaelenastorija

               

  МН: Средношколската унија од невладина стана партиска

Поранешниот претседател на Средношколската унија на Македонија, Иво Николов вели дека додека тој бил на функција (од 2009 до 2011 година) имало гласини за ваков вид на корупција во образованието, но дека никој не им доставил пријава, најверојатно поради страв од можни последици во односот професор-ученик.

-Имаше пријави во врска со нереално оценување, психичко малтретирање, а поретко и физичко – изјави тој.

На прашањето дали денес воопшто функционира невладината Средношколска унија, чии последни јавни активности се забележани во 2008 и 2009 година, Николов одговори дека истата работи и нејзин сегашен претседател е Борис Камчев.

Имено Камчев е претседател на Средношколска унија на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, што значи дека унијата од невладина, стана партиска.

Од наведеното произлегува дека средношколците денес немаат кому да се пожалат, бидејќи повеќе не функцинираат двете невладини унии, а помала е веројатноста дека ќе пријават недоследности во унија која што е дел од владејачката партија.

Од тука произлегува прашањето за каква Средношколска унија на Македонија станува збор?

 

МН: Како да ја решиме оваа аномалија во образованието?

                Професорот по етика, Александар Панев од гимназијата „Гоце Делчев“, од Куманово смета дека приватните часови се проблем за сите инволвирани во случајот и за оние кои што бараат такво нешто, но и за оние кои што прифаќаат.

-Решение за намалување на оваа аномалија во образованието е почитување на законската рамка, држење на задолжителната дополнителна, бесплатна настава, но и  држење до моралот и кредибилитетот на наставниците. Можеби е потребно и повеќе да се следи етиката, како во изборната, така и во редовната настава, која би била доедукација за морално и одговорно однесување со учениците- изјави професорот Панев.

mladi-sos

 

megasi-zaelena

 

Народниот правобранител, Иџет Мемети не се согласува со примената на принудни приватни часови, доколку таа се применува само поради стекнување на материјална корист на наставникот, а се занемарува знаењето на ученикот.

-Сметам дека треба почесто да се спроведуваат анонимни анкети во училиштата, за лоцирање на ваквите појави, а учениците и нивните родители да бидат похрабри и да пријавуваат вакви случаи, за кои ќе следат одредени санкции. Но училиштата треба доследно да се придржуваат кон законските обврски, околу организирање на дополнителните часови, за послабите ученици, за да се избегне појавата на принудни приватни часови-изјави тој.

МН: Педагог: Наставниците да учат етика

 

Професорката по педагогија, Елисавета Луковска од гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ смета дека мора да се преземе не само превентивно, туку и задолжително предавање на наставниците, пред да добијат диплома.

-Потребно е предавање за етичко и педагошко однесување на професорите кон учениците и задолжително тестирање на професорите пред склучување договор за работа, за да се види дали се подготвени да работат и да ги разберат учениците, односно нивните потреби и проблемите со кои се соочуваат во текот на школувањето – истакна професорката Ликовска.

Невладината организација Центар за меѓукултурен дијалог, која се залага за правата на младите и работи со нив, смета дека секоја принуда е кривично дело и атак на човековите права.

-Проблемот може да се реши преку целосно редефинирање на системот на образованието и поставување јасни стандарди за квалитет, кои ќе бидат основа за инвестициите и мониторингот на училиштата и нивните вработени. Казнувањето на професорите, родителите и учениците нема да вроди со плод, бидејќи тие ќе најдат нов начин и ќе ги извршуваат овие нелегални активности-изјави Ивана Давидовска од ЦИД.

Автор: Елена Георгиевска

(Авторката е апсолвентка на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста. Текстот е дел од истражувачка приказна по предметот Истражувачко новинарство)

Би можело да ве интересира

МОН: Поради голем интерес до 25 декември може да се аплицира за финансиска поддршка за учениците

Осум важни достигнувања за осум години: Иновации на Бреинстер што го менуваат образованието

Горан Наумовски

Септемвриските плати во основното и средното образование ќе бидат повисоки за 15 oтсто

МОН ветува – ниту еден наставник нема да биде отпуштен, ниту ќе добива помала плата

А1он

Егзодус во Прилеп: 300 деца отпишани од училиште за шест месеци поради селење во странство

Катерина Ѓуровски

Усписите на ученици во средно образование во две пријавувања во јуни

Ана Ололовска