Ако измените на Законот за игри на среќа стапат на сила, ќе има многу негативни последици. Државата ќе изгуби огромна сума на пари, а ќе има многу клубови на црно, без плаќање на даноци и лиценци, кажа на прес конференција Горан Стоименов, претставник на АПИС.
На прес конференцијата, се собраа и дел од вработените кои би останале без своите работни места доколку се донесат предложените измени во Законот за игри на среќа. Во измените, кои предвидуваат затворање на приредувачите на игри на среќа, а истовремено и носење на нови он-лајн приредувачи на игри на среќа, според асоцијациите на приредувачи на игри на среќа, има само бизнис интереси.
,,Дислоцирањето е параван за ставање на клуч на приредувачите на игри на среќа. Ако одиме по оваа логика, треба да се дислоцираат и кафулињата и кафеаните, за да се спречи зависност од никотин и алкохол, вели Горан Стоименов од АПИС.
Според него, се отвора можноста за игри на среќа без работни места, односно преку интернет. Стоименов посочува и дека властите останале глуви на нивните барања.
,,Апелираме до пратениците, да не ги понесува еуфоријата од изборите и да не не користат во дневно-политички цели, таму не ни е местото”, вели Стојменов, кој посочува дека вакви законски ограничувања нема во европските земји.
Според асоцијациите, Законот ќе остави преку 10.000 вработени на улица, кои ако се донесат измените, ќе излезат на улица и преку протести ќе бараат правда.
,,Добивме информација дека предлог законот ќе биде ставен на дневен ред на Комисијата за европски прашања. Ако се донесе Законот, нема да седиме мирно”, вели Васко Илијевски од АСОМ, кој посочува дека вработените се родители, но и луѓе со кредити кои ќе бидат оставени на улица ако се донесе законот, кој според него е најдеструктивен во историјата.
Предлогот, според Наумовски, е напишан без да се направи анализа, а со тоа ќе се донесе нелегална игра, што нема да ги заштити играчите.