Приоритетна вакцина нема да добијат сите вработени во Влада и Собрание, туку само клучните за функционирање на државата

Од:

Иако Влада и Собрание се ставени на листа за приоритетно вакцинирање, вакцина за заштита од Ковид – 19 нема да добијат сите вработени туку само оние за кои самата институција ќе посочи дека се клучни за нејзино функционирање, појасни за „А1он“ Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација и професорка на Фармацевтскиот факултет, по многубројните забелешки зошто овие институции се приоритетни.

Во Националниот план за Ковид – 19 вакцинација е превидено околу 1000 вработени во Влада и Собрание да бидат вакцинирани во втората фаза, во иста група со вработени во итни служби, односно полиција, царина, пожарникари и судство. Тие ќе стигнат на ред во втората фаза откако вакцини ќе добијат лицата од 65 години и повеќе, лицата на возраст од 20 до 65 години со коморбидитети и здравствени работници со умерен ризик да стекнат и пренесат инфекција како што се матичните лекари, здравствени работници вклучени во спроведување вакцинација, ЦЈЗ, ИЈЗ, фармацевти, стоматолози и друг здравствен персонал.

„Кај нив е предвидена суб – приоритизација. Доставени се барања до институциите сами да состават листи на лица кои е неопходно да бидат вакцинирани за да може да функционира државата. Тие сами треба да одредат кој има приоритет, а при подготвување на листата треба да се водат прво од работната позиција, оти не може, на пример, архивар да има приоритет пред претседател на Собрание, а потоа од коморбидитети и од возраста. Нашиот Национален план за Ковид – 19 вакцинација е веќе одобрен од СЗО и спротивно на забелешките од граѓаните, СЗО ни укажа дека сме многу воздржани во однос на вработените во Влада и Собрание оти проценетата бројка е вкупно 1000 и дополнително на тоа е предвидена суб – приоритизација. На овој начин се направени плановите секаде во светот, нема земја која не им дава приоритет на овие институции оти државата мора да функционира. Морам да нагласам дека овој план да се вакцинираат 1000 вработени во Влада и Собрание во втората фаза е направен доколку имаме расположливи количини на вакцини за 11 – 20 отсто од вкупната популација“, вели претседателката Грозданова за „А1он“.

„Нема земја која не им дава приоритет на овие институции оти државата мора да функционира“, вели Александра Грозданова, претседателка на Националниот комитет за иунизација

Први вакцината ќе ја добијат здравствените работници кои работат во првата линија на одговор во болниците и лицата над 70 години за кои дополнително ќе се утврдува приоритетот врз основа на други постоечки заболувања. Овие две категории лица ќе бидат вакцинирани во прва фаза доколку на располагање се мали количини вакцини доволни за вакцинирање на 1 – 10 отсто од вкупната популација.

Во третата фаза од вакцинацијата, кога на располагање ќе има вакцини за 21 – 50 отсто од вкупната популација, вакцинирани ќе бидат сите останати граѓани.

Претседателката Грозданова вели дека системот е подготвен и дека веќе имаат списоци со име и презиме на 11.000 здравствени работници во јавното здравство, а очекуваат и уште 3.000 здравствени работници во приватното здравство, кои се први на листата за вакцинирање. Истовремено со примање на првата доза од вакцината на „Фајзер“, за лицето што ја примило ќе биде резервирана и втората доза.

 

Нема датум за ниту една доза, но договорени се 2.641.000 вакцинa

 

Од Министерството за здравство очекуваат вакцините да стигнат овој месец, но нема да има масовна вакцинација.

„Министерството за здравство почнувајќи од месец февруари очекува сукцесивна испорака на дози вакцини против Ковид – 19, од производителите ’Фајзер’ и ’Синофарм’. Распоредот на Ковакс механзимот со прецизни достави по количини и рокови го очекуваме по што ќе излеземе со детали во јавноста. Во месец февруари нема да има масовни вакцинации, туку прецизно организиран процес на вакцинација, односно ќе ја спроведеме првата фаза од Националната стратегија за ковид имунизација“, велат од Министерството за здравство.

Од таму не одговорија дали договорените 8.000 вакцини од Србија ќе стигнат пред количините договорени преку Ковакс – системот.

Иако нема датуми за ниту една доза која треба да пристигне во Македонија, Министерството за здравство досега извести дека има договори за вкупно 2.641.000 дозa вакцини. Од нив 8.000  дози од вакцината на „Фајзер“ ни отстапи Србија, во тек се договори за 200.000 дози од кинеската вакцина на „Синофарм“, преку Ковакс – системот договорена е набавка на 833.000 дози од вакцината на „Фајзер“, во директни преговори со „Фајзер“, пак, се договорени уште 800.000 дози, а од Министерството за здравство велат дека планираат дополнителни 800.000 дози вакцини да се обезбедат преку солидарниот фонд на ЕУ.

Би можело да ве интересира

Донесена одлука за прием во детски градинки на деца кои примиле три дози ДиТеПер вакцина со задолжително примање ревакцина по шест месеци

Предраг Петровиќ

Меџити: Има доволно вакцини, родителите да ги вакцинираат децата

Нова кампања за имунизација „Да не си играме со здравјето!“

А1он

Вакцините против рак и против срцевите болести ќе бидат готови до крајот на оваа декада

170 мајки на суд – не ги вакцинирале децата

Анита Петровска Рајковиќ

ВИДЕО: Шест месеци Македонија вакцинира со „Фајзер“ со истечен, па продолжен рок

Маја Илиевска-Пачемска