Принцот Едвард посети градинка во која децата и воспитувачките прават пионерски чекори во социо-емоционалниот развој

Од:

За време на посетата на Северна Македонија, Неговото Кралско Височество принцот Едвард, грофот од Весекс, ги посети децата во една од градинките во кои УНИЦЕФ и Владата на Обединетото Кралство заедно со Министерството за труд и социјална политика работат на воведување на нови иновативни начини за развивање на социо-емоционалните вештини и истрајност кај децата.

Оваа соработка претставува дел од програмата финансирана од Обединетото Кралство и поддржана од УНИЦЕФ – Темели за иднината: Градење на позитивно и инклузивно општество засновано врз вредности – што има за цел да ги подобри практиките и јавните политики за општествена кохезија и разнообразност во земјата.

„Постои сѐ поголем консензус дека социјалната и емоционалната интелигенција се едни од најважните фактори со силно влијание врз личниот развој и успешноста на поединците, врз општествената кохезија и врз културниот дијалог во општеството“, изјави британската амбасадорка Рејчел Галовеј.

„Познато е дека развивањето на овие основни вештини има долгорочно влијание врз успехот во образованието и намалување на незадоволството и дискриминаторските однесувања во периодот на растење на децата кон адолесценција и понатаму во животот“.

За време на посетата Неговото Кралско Височество имаше можност да присуствува на новите активности со кои низ игра им се помага на децата да стекнат вештини кои ќе им помогнат да препознаат широк опсег на емоции, да ги изразат и да управуваат со нив и активности низ кои децата учат како функционира нивниот мозок. Програмата исто така воведува нови начини за стимулирање на концентрација, контрола на импулсивност, самопочитување и самодоверба, општествена свест и вештини за негување на меѓучовечки односи – вештини што се важни за воспоставување на здрави односи во животот, како и за лична емоционална добросостојба.

„Оваа програма се надоврзува на најновите научни сознанија што покажуваат дека способноста на децата да учат и да решаваат проблеми, да размислуваат критички и креативно, да одлучуваат, да се фокусираат и да формираат здрави односи, зависи од нивната емоционална добросостојба”, изјави претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс.

„Се воведуваат нови начини да им се помогне на децата при развивањето на социо-емоционални вештини и истрајност што ќе им бидат потребни за да учат и да бидат продуктивни граѓани како тинејџери и како возрасни луѓе“.

Согледувајќи ја важноста од холистичкиот ран детски развој, Министерството за труд и социјална политика отпочна опсежна реформа за подобрување на пристапот до квалитетно предучилишно образование во земјата. Со средства од Владата на Велика Британија, УНИЦЕФ поддржува активности насочени кон постигнување на квалитет преку создавање на нови можности за стручно усовршување на предучилишните воспитувачи за примена на нови методи и стратегии за поддршка на холистички развој и учење кај децата, и преку оформување на онлајн збирка од ресурси за воспитувачите и родителите.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Погодено возило на УНИЦЕФ на влезот на Газа

Во Скопје речиси 50 отсто од децата се невакцинирани со ди-те-пер

Орце Костов

Здравствениот инспекторат ќе ги контролира вакциналните потврди за градинка, министерот ги прифати препораките

Катерина Ѓуровски

Инспекторатот ќе забрани невакцинирани деца во градинките кога ќе добие одлука од министерот

Орце Костов

Училиштата и градинките ќе плаќаат за 35 отсто поевтино парно, Регулаторот ги намали сметките

Орце Костов

УНИЦЕФ: Најмалку 17.000 деца во Газа се одвоени од своите семејства