Пријателе, ние имаме релација, делиме демократски мозок, делиме иста општина, делиме соседство, улица, убави вести и трагични настани… Мој пријателе, делиме и долги разговори. Не секогаш исто мислиме, но тежнееме кон правилното.
Но, мој пријателе, (само)убиства ни се веќе вестите. Пријателе, некогаш дланка лекови, некогаш несоници, некогаш битка, некогаш пораз.Пријателе, некогаш и мотив, а некогаш порив, некогаш задача, некогаш оро. Сепак, мој пријателе, колку и да чини, пушти се од орото. Дојди да протестираш, но немој од другата страна, не биди контра.
Знам дека те влечкаат таму, пријателе од Охрид. Не сум наспроти Тебе. Не ги гледам барикадите. Не сакам да ги пробијам. Сакам да знам дека и Ти сакаш да ги видиш на коленици злосторнициве. Шират зло, пријателе. Зло! Мој пријателе, поведи ја со себе и толпата што режимот со години ја принуди да му служи. Те канам, мој пријателе на битка за нас. Барем на заедничка страна да гориме.
Пријателе мој, јас Ти подавам рака. Ти си мојот другар, сограѓанин, воздушен сосед. Имаме заеднички професори, мутирани пријатели и локална приказна, со лоши прераскажувачи околу себе. Да, имаме приказна мој пријателе. Сигурно во едно друго време, кога имаше продавнички на број, сме купувале леб и млеко од иста продавница.
Пријателе, јас не ги навредувам моите сограѓани… Знаеш, една пријателка од Скопје своевремено ми рече да имам неколку бели кошули. Јас, пријателе, се трудев да не ги извалкам. Едно е дамка, а друго е боја. Но сега, мој пријателе јас ја обоив белата кошула. Сега таа свесно е ШАРЕНА.
Пријателе, се слушаме, пријателе…
Дејан Блажески