Тоа што живееле и твореле на денешната територија на Македонија, во бугарската голема средновековна држава им е единственото заедничко на Цар Самоил, светите браќа Кирил и Методиј, како и нивните ученици, светите Климент и Наум Охридски кои отсега наместо како македонски, со препорака на заедничката комисија ќе ги чествуваме како заеднички историски личности.
Во препораките на заедничката историска експертска комисија кои денес ги објави МНР како што беше договорено со билатералниот протокол кој Османи и Генчовска го потпишаа на 17 јули, никаде не стои дека овие историски личности од Средниот век потекнуваат од Македонија, туку дека само се просветители кои работеле и биле назначени да ја шират словенската писменост од бугарските владетели.
Факт е дека во тој период Македонија немала своја држава, но и факт е дека досегашните генерации ги славеа овие личности како македонски.
„Цар Самоил е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија. Тоа опфаќа значителен дел од земјите и населението на Балканскиот Полуостров. Цар Самоил и неговата драматична судбина се симбол на заедничката историја, којашто се споделува од двете современи држави Република Северна Македонија и Република Бугарија. Заедничката комисија им предлага на двете влади, во духот на потпишаниот двостран Договор, одбележувањето на цар Самоил да биде знак на споделени вредности и вистинско добрососедство и пријателство“ стои во препораката на историската комисија која треба да ја одобрат двете влади во Скопје и Софија.
Заедничко чествување ќе има и за словенските просветители, браќата Кирил и Методиј со забелешка дека славењето на нивното дело за првпат се случило во Бугарија, во Пловдив во 1851 година.
„Делото на Св. Кирил и Методиј е сочувано и развивано во книжевните центри Преслав и Охрид, кои тогаш се наоѓале на територијата на средновековната бугарска држава, каде што нивните ученици наоѓаат услови за работа. Тоа дава суштествена основа на современите држави Република С.Македонија и Република Бугарија заеднички да го одбележуваат денот на Св.Кирил и Методиј.
– Овие препораки не допираат до македонскитот идентитет. Тоа се личности од светско значење и ние инсистиравме на повеќестрано чествување за да има симболично значење за регионот и пошироко. Нема бришење на историски факти, тие не ни можат да се избришат – истакна еден од членовите на историската комисија на брифингот во МНР.
Во учебниците по историја за петти клас во Бугарија и учебниците по историја за шесто одделение во Македонија ќе избегнуваат неосновнани историографски сугестии за античката историја, а ќе се менува и изразот „бугарски земји“ кој Бугарија го користи за античкиот период.
Препораките кои само што ги објави Министерството за надворешни работи може да ги погледнете тука.