Прирачник насловен „Практични прашања и одговори за примена на Законот за општа управна постапка (ЗОУП)“ е презентиран денеска на работилница во организација Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).
Од МИОА појаснуваат дека во соработка со мисијата на СИГМА го подготвиле прирачикот со цел да се разјаснат одредени прашања и да се олесни примената на овој Закон во секојдневното работење на јавните органи. Во досегашната имплеметација, како што соопштуваат, се воочени голем број предизвици, иако неговата цел е да обезбеди поефикасни, поедноставни и побрзи управни постапки.
Билјана Николовска-Жагар, државен советник во МИОА, на работилницата ги претставила заложбите на Министерството за надминување на проблемите со имплементација на ЗОУП и идните чекори и активности за заокружување на регулативата и процесите, коишто ќе ја овозможат примената на ЗОУП, особено од аспект на комуникација на органите кои одлучуваат во управна постапка по електронски пат.
Според соопштението од МИОА, важноста од примената на Законот, на работилницата ја потенцирал Хавиер Систернас, постар советник во правната служба на СИГМА.
– Демократијата треба да биде во служба на граѓаните, затоа ова е закон што го применуваат институциите, но пред се за граѓаните. Со ЗОУП треба да се направат радикални промени во начинот на размислување и дејствување на администрацијата, но и на граѓаните. Затоа е важна имплементацијата на законот , навел Систернас.
Прашањата и одговорите сместени во прирачникот ги презентирал Жарко Хаџи-Зафиров, адвокат и експерт по управно право. Тој ги повика присутните да даваат свои предлози, забелешки и дополнувања на подготвениот прирачник.
– Прирачникот е резултат на поширока расправа, особено со административните службеници кои нужно ги спроведуваат нормите на овој закон во пракса,секогаш кога одлучуваат за правата на граѓаните, информира МИОА и најавува дека и во иднина ќе бидат организирани работни средби од коишто треба да произлезат конструктивни предлози како за прашалникот, така и за измени и дополнувања на ЗОУП.