Фондот за иновации и технолошки развој и Министерство за труд и социјална политика, денеска ќе ги презентираат проектите од Jавниот повик за доделување финансиски средства за креирање на иновативно системско и одржливо решение за обезбедување храна за лица или семејства со реална потреба за поддршка од заедницата и институциите „#ОброкЗаСите“.
На презентацијата ќе се обратат Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, и Јован Деспотовски – директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
Сите заинтересирани микро, мали и средни компании, како и граѓански организации можеа да се пријават на јавниот повик на Фондот за иновации и технолошки развој и Министерството за труд и социјална политика „ОброкЗаСите“ објавен во март годинава. Тие со финансиски средства ќе помогнат да се реализираат најиновативните решенија за обезбедување храна за сиромашните граѓани, понудени на повикот.
Тој беше одворен до 21 мај, а се однесуваше на сите микро, мали и средни претпријатија и граѓански организации што работат во доменот на социјалното претприемништво или имаат намера својата дејност да ја прошират на ова поле.
Вкупниот буџет за овој повик е два милиони денари. Ќе се финансираат 90 проценти од вредноста на проектот, а 10 проценти ќе треба да покрие самиот апликант.