Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски бара да се повлече текст од А1он

Од:

Зоран Караџовски, од позиција на претседател на Судскиот совет, бара од А1он да повлече текст во спротивно ќе поднел тужба во судот. Тој обвини дека порталот ширел „лажни вести“ во текстот со наслов „Караџовски ги излажа новинарите, во обвинителството беше поради змоупотреба на службена должност“.


„Бидејќи во наведениот текст се наведени повеќе невистинити факти – во насловот дека сум ги излажал новинарите…, за потоа во текстот, врз основа на оваа невистина да ја развиете тезата:

„Доколку првиот човек на институцијата која треба да е гарант за независноста на судството и пред која делителите на правда одговараат за совесното работење и почитување на правдата, не ја говореше вистината пред новинарите, логично се поставува прашањето како граѓаните да имаат верба во судството“.

Нема да го цитирам понатаму Вашиот текст, но до неговиот крај продолжува во истиот стил, со неосновано валкање на мојата личност, со нарушување на мојата чест и углед, со изрекување на повеќе навреди и клевети. Покрај личните дисквалификации и омаловажувања, наведеното во текстот, бидејќи се што е напишано е лага, пардон, невистина, директно ја нарушува довербата на граѓаните во судството, во конкретниот случај без ниту една основана причина.

Текстот заради кој јас Ви се обраќам е класичен пример за ширење на лажни вести од Ваша страна.

Затоа, барам од Вас, согласно член 13 став 1 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, како главен и одговорен уредник на порталот „а1он“, веднаш, а не подоцна од 48 часа (член 13 став 3 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета), да објавите извинување до мене како претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија и јавно да го повлечете наведениот наслов и текст од 22.03.2019 година (член 13 став 2 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета)“, пишува во дописот од претседателот на Судскиот совет.

А1он останува секогаш достапен да се објават ставовите на сите страни, а меѓу нив и на претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџаовски. Но, сметаме дека во конкретниот текст ниту има лажни вести, ниту пак е нарушен угледот и честа на претседателот на Судскиот совет кој на овој начин, преку функцијата, врши притисок врз порталот со закани за тужба и со намера да ги цензурира сите идни вести за него.

Господинот Зоран Караџовски е носител на висока судска функција и како таков е подложен на критики на медиумите кои можат да изразуваат мислење дали ја извршува работата како што треба или не и тоа не е нарушувањето на неговата чест и углед.

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски може да изразува свои ставови и тие да бидат пренесени, но истиот не може да кажува како и што ќе пишуваат медиумите, уште помалку кој текст да биде отстранет од порталот затоа што не му се допаѓа и смета дека со тоа бил нарушен неговиот углед.

По излегувањето од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција на 23 март, оваа година, Зоран Караџовски изјави:

„Службени обврски имав во оваа зграда. Не можам да ви кажам во врска со што е“.

А1он уште еднаш провери и од Обвинителството повторно посочија дека господинот Зоран Караџовки не бил по службена должност ниту имал службени обврски, туку бил повикан да даде исказ за дело. Од тука уште еднаш потенцирме дека Караџовски не им ја кажа вистината на новинарите.

А1он нема пракса на повлекување на текстови, посебно не под закана.

Главен и одговорен уредник
Предраг Петровиќ

Би можело да ве интересира

Антикорупциска повторно реагира за назначувањето на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители: Законите важат подеднакво за сите

Судскиот совет ја промени ранг листата за избор на судии за Апелационен суд Битола

Филков: Измените во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се клучни за патот кон ЕУ

ДКСК поднесе иницијатива за дисциплинска постапка против член на Судскиот совет

Горан Наумовски

Лидија Георгиевска избрана за претседателка на Вишиот управен суд

Петрушевски: Судскиот совет и Советот на јавни обвинители со упадот во Академијата за судии и јавни обвинители уште еднаш покажаа зошто народот нема доверба во правосудството