Пресудата за „Трезор“ ќе биде објавена идната недела

Од:

Основниот кривичен суд во Скопје пресудата за предметот „Трезор“, кој се однесува на злоупотреба на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија, ќе ја објави на 13 април.

Во „Трезор“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски. Тројца се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Тони Јакимовски за помагање.

Одбраната на Мијалков, во завршен збор на денешното рочиште, наведе дека обвинението за случајот е засновано врз претпоставки, дека постапката ја води неовластен тужител и на судот му предложи да донесе ослободителна пресуда, со оглед дека јавните обвинители не го докажале обвинението.

Во завршен збор, адвокатот Петар Василев, рече дека поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, во јули 2010 година во Лондон не договарал набавка на опрема за потребите на УБК.

– Целото обвинение е конструкција. Неспорно е дека набавката за опрема во МВР, се врши преку помошник-министер кој одговара директно пред министерот. Директор не може да даде наредба на помошник-министер. Обвинителството со ниту еден доказ не докажа дека Мијалков, му наложил, сугерирал за набавка на опрема, изјави адвокатот Василев.

Обвинетиот Тони Јакимовски, додаде дека тој бил четири нивоа после помошник-министерот, и дека немал можност да му даде наредба нешто да стори.

Бранителот на Мијалков, адвокат Љупчо Шврговски, по завршување на денешното рочиште рече, дека вака поставеното обвинение е апсурдно од аспект дека секое службено лице, кое врши набавка на опрема, обука или услуга, доколку истото не го стори директно од производителот, туку го стори од овластен дистрибутер, го врши кривичното дело.

– Сметам дека одбраната од анализа на доказите и пред се од клучниот доказ на Обвинителството успеа да докаже дека Сашо Мијалков воопшти не договорил набавка на опрема, нити пак обуки. Истовремено, тој не дал никакво усно наложување на сведокот Ѓоко Поповски, да набавката се изврши преку одредено правно лице, како што тврди обвинителот, бидејќи тоа правно лице имало ексклузивен договор со производителот и единствено набавката на опремата можела да се изврши преку ексклузивниот дистрибутер на ГАМА, а тоа е правното лице преку кое што МВР ја набавило опремата, рече Шврговски.

Она што е нејасно, посочи тој, е фактот како Јавниот обвинител воопшто се пуштил во кривичен прогон, кога одсуствува објективниот услов на инкриминација, а тоа е штетата.

– Јавниот обвинител за штетата мораше да приложи економско-финансиски вештачење, од кое што ќе прозлезеше наводната штета, за која се обвинуваат во диспозитивот на обвинителниот акт. Напротив, иако тоа не го стори јавниот обвинител, го стори одбраната. Преку технички советник успеа да докаже дека штета во овој кривично правен предмет нема, изјави Шврговски.

Во завршниот збор, Обвинителството, рече дека наместо МВР да направи директна набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК од фирмата ГАМА од Велика Британија, како најекономичен начин, тие договориле набавката да се изврши преку друга фирма – посредник Финзи ДООЕЛ Скопје, со што успеале да злоупотребат средства од Буџетот на државата.

Според обвинението во овој случај се злоупотребени над 860 илјади евра.

Би можело да ве интересира

Мијалков утрово го напушти струшкиот затвор, бил примерен затвореник

(ВИДЕО) „Да удриш некого, ќе добиеш поголема казна од ова, а тука син ми е убиен“: Таткото на Самоил ќе ја обжали пресудата

A1on

(ВИДЕО) Обвинителството задоволно од пресудата во случајот со грабнувањето на Костадиновски

A1on

Обвинителството бара да продолжи мерката притвор за грабнувачите на Самоил Костадиновски

A1on

(ВИДЕО) Вкупно осум години затвор за грабнувачите на Самоил Костадиновски: Го грабнале за да му наплатат за украдена дрога

A1on

Јанакиески излегува во јуни, за Мијалков ќе одлучува Кривичен