Предизборниот дискурс на Никола и пријателите

Од:

Почетокот на секоја изборна кампања, посебно во Македонија, е зачинета со многу емоции. На секое ќоше штаб, врвулица од луѓе, покачен адреналин. Секој од нас со своја помисла за иднината. Некому одговара статус кво, некој пак, гори од желба за промени. И така, на неколку години во зависност од видот на избори. Рака на срце, кај нас во Македонија, малку почесто од вообичаеното, минимум еднаш во годината.

Составен дел од предизборието е и предизборната кампања, дефинирана со Изборниот законик како „јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми во предизборниот период за одреден вид на избори“. Секако, во рамки на кампањата, една од клучните улоги ја играат митинзите и средбите со граѓани. Мошне често, токму на овие средби избирачите го креираат мислењето за кандидатите кои на денот на изборите стојат запишани на гласачкото ливче. Сметам дека не е потребно посебно да ја нагласувам важноста на битката со идеи, предлози и решенија со кои треба да се придобие волјата на гласачите, наместо негативната кампања која има за една и едниствена цел – да го оцрни политичкиот противник.

За жал, Македонија ја има таа несреќа да биде раководена од власт која седум години лажно се претставува како реформаторска, преродбеничка, народна, правична…Власт која од избори во избори ни излегува со сé подебели и поскапи отчети и предизборни програми. Еднаш е преродба во 100 чекори, по некое време се надградува и проширува, за на крајот да нé убеди дека сме требале да избереме дела. Дополнително вчудоневидува опседнатоста на оваа власт со бројките и нивната „весела математика“.

Така, непосредно пред предвремените парламентарни избори кои се одржаа во 2011, тие нé убедуваа дека реализирале над 95% од програмата, а оној скромен процент на нереализирани ветувања се должел на подобри идеи кои ги добиле во меѓувреме. Искрено, бројки на кои и нивната сестра по идеологија Ангела Меркел би останала нема, слично како што остана стаписана пред неколку години кога го чекаше Никола наш 20-ина минути среде Берлин, да ја удостои со неговото присуство. Сé на сé, тие реализирале скоро 100%, или во најмала рака барем 99,9 и 102% од зацртаното, како нивниот омилен коалиционен партнер. А зарем вие очекувате помалку од власт која 24/7 остварува?

Е токму тука почнуваат да се јавуваат апсурдите. Зошто една власт, која за себе тврди дека е најдоброто нешто што и’ се случило на Македонија од Тодор Александров па наваму, на своите митинзи, наместо да говори за некои од своите 10.112 најавени проекти (повторно тој чуден порив за бројки), таа е болно опседната со опозицијата и нејзиниот наводно политички мртов лидер? Што накусо слушаме секој ден во извадоците од говорите на Никола: „Бранко, не го потценувај својот народ. Бранко, го правиш овој народ да се чувствува помакедончен, наместо македонски. Бранко, лажеш корнеш! Бранко, свесно си поигруваш со граѓаните. Гркот Бранко, повторно работи за Грција. Што да рекламира Бранко Црвенковски?“ Кога слушате од страна, ќе си речете дека од 10.112 највени проекти, околу 10.000 се сведуваат на „Уништи го Бранко!“

Навистина си креативен Никола, а богами и инспиративен за твоите коалициони партнери, посебно за оној најгласниот и најжетокиот, кој ужива да ве засмејува сите вас „преродбеници“ во првиот ред на митинзите. Толку се возбуди господинот Бајрам, што на саботниот митинг на, како што тој милува да каже, „кАОлицијата за подобра Македонија“, за момент помисли дека е Претседател на општинска изборна комисија, а богами и управен судија, при тоа пренебрегнувајќи го фактот дека сé уште го нема дооформено средното образование.

Така, тој ревносно ни раскажа „што се десило вчера у Шутка“ и како замислете, тој не му дозволил на „кАОлициониот“ партнер на Бранко да поднесе листа со кандидати за членови на совет во општина Шуто Оризари. На самиот крај, му порача на Бранко дека „после 24-ти ни Камиловски во Градска болница нема да може да го сошие и состави“, а вети и дека ќе го посетел во болница.

p.s. Никола, првата недела од предизборната кампања помина. Сé уште имаш време да оставиш пристоен впечаток, а богами и малку да си ги приземјиш коалиционите партнери. И не заборавај, избирачите многу често знаат да дадат гол со глава, бидејќи за народот и за државата се работи!

Иван Стефановски

Авторот е магистар по Уставно право

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска