Богојавленското празнување во Гевгелија и потопувањето на Светиот крст во реката Вардар го проследија околу 3.000 верници меѓу кои и претседателот на државата Ѓорѓе Иванов со сопругата и градоначалникот на Гевгелија Иван Франгов.
Најсреќен меѓу триесетината верници кои влегоа по светиот крст во осветената вода на Вардар беше Илија Георгиев од Мрзенци кој по втор пат го фати крстот.
– Многу сум среќен, моето чувство ќе го споделам со сите жители на општина Гевгелија. Светиот крст ќе го однесам во сите христијански домови за да им донесе на моите сограѓани здравје и среќа во новата година, изјави Геоергиев.
Тој од претседателот на државата Иванов за спомен доби уникатен македонски крст украсен со рубин, а од градоначалникот Франгов лап-топ.
– Многу ми е драго што денеска на овој убав ден сум во мојот крај на југот на Македонија да присуствувам на свечениот богојавленски чин заедно со мојот народ. Прекрасно се чувствувам, а истото ти го посакувам и тебе. Овој уникатен крст секогаш нека те потсетува на овој голем ден и нека ти носи здравје и среќа во животот, рече претседателот Иванов, обраќајќи му се на Ѓеогриев.
Покрај илјадниците верници, свечениот чин на потопување на Светиот крст и осветувањето на водата на Вардар во Гевгелија дојдоа да го видат многу гости од Грција кои од година на година токму на Водици ги има се повеќе.