Православните верници утре го слават Богојавление – Водици

Од:

Православните верници утре го слават големиот христијански празник Богојавление – Водици. Празникот, кој се слави уште од вториот век, е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа. Овој празник се нарекува уште и Водици, заради големиот водосвет, што го извршува Црквата на овој ден.

Традиционално, во водите во градовите и другите населени места низ Македонија ќе бидат фрлени крстови, а најмасовно се очекува да биде во Скопје и во Охрид. Се верува дека со фрлањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити, а тој што ќе го фати крстот ќе го следи благослов и среќа цела година. Со Водици  завршуваат т.н. Некрстени денови.

Богојавленската литургија ќе почне во 9 часот во црквата „Св. Димитрија“ во Скопје, по што поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан заедно со свештенослужителите и верниците со литија ќе се упати кон мостот кај хотелот „Холидеј Ин“, каде ќе ги освети водите на Вардар. Чинот на положувањето на светиот крст во Скопје ќе биде на пладне, а по него ќе скокнат 173 пријавени верници. Годинава меѓу учесниците има повозрасни граѓани од над 60 години и малолетни лица, кои ќе учествуваат со писмено одобрение од родител. Најмладиот учесник е 15-годишниот Филип Лазаревски.

Организатор на манифестацијата „Водици 2013“ и годинава е весникот „Нова Македонија‘‘, со чии купони до 14 јануари се пријавуваа граѓаните. Препорака до сите учесници што ќе се обидат да го фатат крстот е во вода да влегуваат исклучиво со обувки на нозете (сандали, патики и слично), како што беше и минатата година.

Просторот околу мостот кај „Холидеј Ин“, од каде што владиката г.г. Стефан ќе го положи крстот во Вардар, ќе го обезбедуваат обезбедувачи од  агенциите „Никоб“ и „Уна“.

„Нова Македонија“ ќе подели специјални пропусници за сите учесници, нивните придружници, гости, новинарските екипи и други лица. Учесниците може да дојдат со најмногу двајца придружници, за кои ќе биде обезбеден посебен бокс по должината на кејот за да се избегнат турканици и метежи. За загревање и за освежување на учесниците ќе има и подвижна кујна, од каде што ќе може да добијат топол чај. Евиденцијата  на учесниците на денот на одржување на манифестацијата, 19 јануари, ќе биде на три пункта, каде што ќе има списоци по азбучен ред на сите учесници.

Годинашниот кум на манифестацијата Мите Јовановски за сите учесници ќе обезбеди маици, а за најсреќниот и други пригодни подароци. Предвидено е да  биде украсен и мостот со балони полни со хелиум наредени во форма на крст, кои потоа ќе бидат пуштени во воздухот заедно со јато гулаби. Директен пренос од целата церемонија ќе вршат МТВ и Сител, со повеќе подвижни камери поставени на кранови. Екипите на Црвен крст ќе обезбедат три тима за прва помош, како и 12 спасувачи на копно и чамец со спасувачи во вода. Од брза помош ќе дојдат со две возила и мобилна екипа, која ќе дејствува по потреба. Сите учесници потребно е да се прегледаат на спортска медицина и потврдата да ја донесат на денот на одржување на манифестацијата.

Богојавление (Водици) – 19 јануари, согласно Законот за празници на Република Македонија, е неработен ден за верниците од православна вероисповед.

Би можело да ве интересира

Осум продолжени викенди за сите граѓани во 2024

Влада: Мерката за замрзнати цени продолжена до 31 јануари поради празниците

A1on

Петок пред Духовден неработен ден за граѓаните од православна вероисповед

Ана Ололовска

Денот на сесловенските просветители неработен за сите граѓани на Македонија

Ана Ололовска

Националниот ден на Власите, 23 мај – неработен ден за граѓаните припадници на влашката заедница

Ана Ололовска

Првиот ден на Рамазан Бајрам неработен за сите граѓани на Македонија

Ана Ололовска