Православната Црква во неделата го слави споменот на светите апостоли Петар и Павле, со кој се одбележува завршувањето на повеќедневните пости.
Петар и Павле се апостолите коишто се посветиле најмногу во проповедањето на христијанството меѓу Јудејците и незнабожците, па црквата ги нарекува „првоврховни“. Тие се вградиле во темелите на црковниот живот, станале фундамент на црковното битие, и денот на споменот на апостолите има големо значење за целата Црква, за разбирањето на нејзината цел и смислата на нејзиното служење.
Црквата ги истакнува како сведоци на земниот живот на Спасителот, на Неговите зборови и чуда, на Неговото воскресение, и Неговата Божествена природа, и тоа сведоштво им го пренесувале на луѓето.
Црквата која ја создадоа апостолите го продолжува нивното дело, а апостолите се дела на самиот Бог. Главните цели се да се приопштат луѓето кон сето она што го рекол и сторил Спасителот, а Црквата е повикана да им ја открива на луѓето Божјата правда, и Божјата промисла за светот и за човекот.
Речиси сите апостоли го завршиле животот како маченици, сведочејќи за верноста кон Христа не само со подвизите во текот на животот, туку и со самата смрт. Така во времињата на жестоките прогони на христијаните во Рим, од страна на императорот Нерон, апостолот Петар беше распнат на крст со лавата надолу , а апостолот Павле обезглавен со меч.
Во спомен на служењето и страдањата на светите апостоли и за да можат христијаните подобро да се подготват за денот на нивниот спомен, Црквата уште во древните времиња ги воспоставила Петровиот или Апостолски пост, кој годинава започна на 8-ми јуни.
Со чествувањето на празникот светите апостоли Петар и Павле, познат и како Петровден, завршува еден од четирите повеќедневни пости во годината, кој е врзан за празникот на апостолите. На овој ден Црквата ги слави двајцата врховни апостоли Петар и Павле. А и историски нивниот празник е утврден пред празникот посветен на 12-те, односно на сите апостоли.
Апостолот Петар се прославува како образец на цврстата и искрена вера, а Павле како оној кој најмногу се вложил во проповедањето на распнатиот и воскреснат Исус Христос. Инаку, како и сите другите апостоли, тие имаат свои посебни празници во текот на богослужбеното годишно време.