Пред пратениците во Собрание денеска ќе биде ставен предлог буџетот за работа на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, попознато како специјално јавно обвинителство. Министерство за финансии за 2015-та година ќе издвои 63.420.428 денари од државниот буџет за ова обвинителство, или еден милион евра.
Како што стои во предлог одлуката, потпишана од министерот Зоран Ставревски, средствата се наменети за непречено работење и автономно функционирање на ова Обвинителство за последниот квартал од 2015 година. Парите се обезбедуваат со реалокација на средствата во рамки на планираните средства со Буџетот, од ставката Резерви.
Средствата се наменети за исплата на плати и надоместоци на јавните обвинители, плати и надоместоци на вработените во јавно обвинителската стручна служба, средства за набавка на стоки и услуги, трошоци за време на постапките, вклучувајќи и средства за советувања и мислења од експерти, средства за професионално унапредување, средства за одржување на просториите и опремата, како и капитални инвестиции на Јавното обвинителство.