Потврдено е дека лицата кои вчера беа уапсени во Косово се Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, осомничени односно обвинети за петкратното убиство кај Смиљковското езеро.
Како што информираше денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, утрото од страна на косовската полиција се добиени дактилоскопските траги, кои по проверката во базите на МВР се потврдило дека соодветствуваат на идентитетот на овие две лица.
– Приведувањето на лицата се случило вчера од страна на Главниот директорат за криминалистички работи во населбата Сани Хил во Приштина. При претрес на становите каде што се приведени лицата пронајдена е и одредена количина оружје која дополнително ќе биде предмет на вештачење, изјави Јанкулоска.
Таа, како што нагласи, во контактот што веднаш го воспоставила со нејзиниот косовски колега Бајрам Реџепи се заблагодарила за коректниот однос и добрата соработка, како и за нивниот ангажман при што во координирани активности заедно со македонската полиција се постапувало по меѓународната потерница издадена за овие лица. Разговарале и за забрзување на сите постапки и за нивна екстрадиција во Република Македонија затоа што се работи за македонски државјани.
По потврдувањето на идентитетот, на Исмаиловиќ и на Демирина им е одреден 48-часовен екстрадициски притвор во Косово, период во кој треба да бидат комплетирани сите документи кои се неопходни за започнување на постапката за екстрадиција.
На новинарско прашање дали МВР има информација за тоа дали двајцата уапсени цело време биле во Косово, Јанкулоска потенцира дека се уште е рано да се даваат информации во однос на тоа каде биле во целиот изминат период.
– Во периодот што следува согласно разговорот што го имав со колегата Бајрам Реџепи ќе ги преземеме сите мерки за целосно документирање на случајот во смисла на колку што е можно побрза, итна екстрадиција на лицата во Република Македонија за да може во нивно присуство да продолжи судењето по однос на судењето „Монструм“, појасни Јанкулоска.
Судскиот процес за петкратното убиство почна на 20 декември 2012 година, а на обвинителната клупа седнаа Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди и Хаки Азири.
На 12. април минатата година без причина беа убиени Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и Борче Стефковски.