Ако државата се бори за пазарна економија, нонсенс е да донесува закон што ќе ограничува, односно нема да им даде право на избор на приватните сопственици да одлучат дали ќе работат во неделите или не, сметаат повеќе сопственици и менаџери на кафетериите и рестораните во Скопје.
Од друга страна, пак, касиерките и вработените во големите синџири маркети сметаат дека неделата треба да биде неработна, бидејќи се преморени и, како што велат, максимално експлоатирани. Вработени во секторите што се слободни за викенд со задоволство би прошетале во дуќаните во трговските центри во неделите и би посетиле ресторан или кафетерија.
„Работиме и за празници и за викенди, платата е мала и навистина би требало да се донесе закон за неработење во неделите. Сакаме да се одмориме, така ќе бидеме попродуктивни. Не би сакала да работам дури и за двојна дневница“, вели вработена во еден од големите маркети што е отворен и за празниците и за викендите.
Оние, пак, кои работат во малите колонијални продавници најчесто се и самите сопственици и велат дека не е в ред да им се наложува да затвораат во неделите бидејќи тогаш прометот е поголем, за сметка на купувачите кои се слободни за викендите.
Според Александар Маниќ, сопственик на скопската кафетерија „Манда“, ваков закон е нелогичен затоа што во услови на пазарна економија целиот приватен сектор се бори да заработи, додека на вработените во администрацијата приходите им се загарантирани.
„Кога државата го ограничи работењето во неделите на продавниците во Градскиот трговски центар, никој не ги праша колку губат во севкупниот промет. Ова наликува на препишување закони од европската регулатива каде што сигурен сум дека се направени сериозни анализи дали тоа ќе се одрази на буџетот на тие што не работат во неделите. Кај нас ваков закон е неприменлив, ние плаќаме даноци, се бориме за заработувачка и наше право е дали ќе затвориме во недела или не“, вели за А1он сопственикот на „Манда“.
Расположението меѓу потрошувачите, чести посетители на трговските центри, вообичаено вработени во оние дејности кај кои викендот е неработен, е дека моловите и маркетите треба да останат отворени во недела.
„Цела недела работам и единствено за викендот можам да прошетам во трговски центар и да пазарам во маркет. Најмногу трошам токму за викенд и не ми е јасно зошто токму тогаш да биде затворено, губат и потрошувачите и продавачите“, смета вработена во администрација.
Стопанските комори за угостителство и туризам не се консултирани во процесот на донесување на овој закон и не се информирани точно за кого и за што ќе се однесува неработната недела. Од таму велат да се внимава што ќе вклучува неработењето во недела бидејќи странските туристи оставаат девизи во продавниците за сувенири, хотелите и рестораните во рамките на хотелите.
Според ова, се чини дека работодавците, работниците и потрошувачите не се на иста линија кога станува збор за предлог-измените во Законот за работни односи, а се однесува на забраната за работа во недела. Овој предлог, кој потекна од синдикалните организации, беше поддржан од премиерот Зоран Заев, а измените, односно за кого ќе важи забраната, ги подготвува Министерството за труд и социјална политика. Се очекува предлогот брзо да се најде на владина седница, но бизнис-заедницата, која е воздржана и предупредува на слабости од економски аспект, како и стопанските комори не се повикани на поширока дебата за овој закон.
Синдикатите бараат одмор, работодавачите велат ќе треба да отпуштаат работници
Синдикалните претставници кај нас сметаат дека недела треба да биде ден за одмор и ден за семејството, но бизнис-секторот предупредува дека ова законско решение треба добро да се обмисли, да се направат проценки за влијанието врз економијата и да се види кои гранки, односно економски оператори можат да си дозволат да не работат, а кои не, пред сè поради нарушување на работниот процес. Ова особено, како што потенцираат, поради тоа што бизнисот е и така ранлив поради пандемијата предизвикана од коронавирусот.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека на дневно ниво одржуваат координативни средби и работни состаноци со сите чинители кои се засегнати во носењето на новото законско решение, но не прецизираат во која насока се движат разговорите. Појаснуваат дека во најскоро време ќе излезат со предлог-законското решение. Потенцираат дека ова решение мора да има и исклучоци, со оглед на тоа што некои дејности се од витално значење, како полицијата, здравството, противпожарната служба.
Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) се на став дека пандемијата всушност покажала оти целокупното општество може да функционира и доколку недела се прогласи за неработен ден. Ова решение, потенцираат, ќе овозможи работниците да бидат позадоволни, поодморени, а со тоа и попродуктивни.
Од организацијата на работодавачи посочија дека Словенија во недела не работи ама има 26.600 долари по жител, а ние имаме само 6.200 долари. Од друга страна, во Бугарија, која има нешто подобри резултати од нас, неделата е работна. Според нив, може да се случи нашите граѓани во недела масовно да одат во бугарските трговски центри, да пазарат и да остават девизи таму.
Како аргумент да не се воведе неработна недела работодавачите го посочуваат и тоа што намалувањето на приходите сигурно ќе доведе и до намалување на бројот на вработени во продажбата, во логистиката, па можеби и во администрацијата на тие компании, но и до намалување на примањата на вработените, затоа што ќе има помалку средства, а и нема да земаат 50 отсто зголемена дневница за работа во недела, како што сега е предвидено во законот.
Неработна недела во регионот и во Европа
Прва земја во регионот што забрани да се работи во недела, главно во трговската дејност, е Црна Гора, а по неколкумесечна дебата ваков закон беше усвоен и во Словенија. Во Хрватска, Србија и Бугарија сè уште се полемизира околу ваков закон, главно поради пресметките што ги прави бизнис-заедницата и евентуалните загуби што таа би ги имала ако се усвои предлогот за неработна недела.
Македонија ќе биде четврта земја во регионот во која во неделите ќе може да работат само оние дејности кои ќе бидат посочени како ургентни и неопходни за граѓаните, доколку на владината седница се усвојат измените и дополнувања на Законот за работни односи.
Неработната недела со закон е пропишана во неколку европски земји, меѓу кои Германија, Австрија, Полска, Грција, Велика Британија, Франција, Шпанија. Во Белгија, Холандија и Шведска, пак, освен целосно неработен викенд, постојано има притисок за намалување и на работната недела на 4 дена или не повеќе од 30 часа неделно.
Германија е највпечатлив европски пример каде што со уставот е загарантирано, како што се вели, „недела и државните празници се денови за одмор од работа и духовно закрепнување“.
Од друга страна, правилата во Германија дозволуваат работодавецот да направи договор со работникот ако има потреба од него во недела, но за сметка на работа за викенд тој треба да биде слободен 24 часа по ова.
Болниците, итните и спасувачките служби, кетеринг-рестораните, новинските агенции, радијата и телевизиите и компаниите за транспорт, земјоделските компании и службите за лекување и згрижување животни се изземени од овој закон за неработна недела.
Исклучокот во Црна Гора и во овие европски земји важи и за дежурните аптеки, трафики и ресторани кои се блиску до аеродромите, автобуските или железничките станици, цвеќарници, продавници за погребална опрема, бензински пумпи, автомеханичарски сервиси и слични услужни дејности за кои се смета дека мора да бидат на располагање на граѓаните и во недела.
Овој закон и натаму не може да добие зелено светло во Хрватска бидејќи стопанската комора аргументира дека со прекин на работата во недела би можело да дојде до загуба на 10 проценти од профитот, а тоа става во опасност губење на 20.000 работни места.