Послушајте патриоти, Вмровци!

Од:

Ако лагата е составен дел на животот, исто како што и политиката е составен дел на животот (според концептот на Платон за хомо политикус – човекот како политичко битие) дали тогаш може да се заклучи и дека лагата е составен дел на политиката? Кажано со симболите на математичката логика, исказот би бил ако А=Ц и Б=Ц, тогаш и А=Б. Меѓутоа, она што за егзактната наука е константа, дадена еднаш за секогаш, при анализа на општествените процеси е релативно, така што во нашиов случај може лагата да биде составен дел на политиката, но и не мора, односно не секогаш А е еднакво на Б. Објаснувањето кое во книгата „Пропаганда“, го дава Дарко Тадиќ за манипулативната техника ’мешање на карти’ или ’експлоатација на логички грешки’, е дека оваа техника претставува поставување на одредени точни премиси или тврдења и потоа изведување на намерни погрешни логични заклучоци. Според него, конечниот резултат претставува погрешна логика бидејќи поставените тврдења се конструирани така да произведат резултат битен за пропагандната цел.

Во експериментален облик, еве како тоа функционира:
а. Сите христијани веруваат во Господ;
б. Сите муслимани, исто така, веруваат во Господ;
в. Логичен заклучок: сите христијани се муслимани.
Или друг, помалку радикален пример:
а. Политичарот Х ја поддржува легализацијата на оружјето;
б. Сите фашистички режими во 20-от век ја поддржувале легализацијата на оружјето;
в. Заклучок е дека политичарот Х е фашист.
Автентична адаптација на оваа омилена пропагандна техника во овдешните провладнини медиуми би гласела:
а. Независниот интелектуалец А е критичар на власта;
б. Фондацијата Сорос ја критикува власта;
в. Заклучок: независниот интелектуалец А е соросоид.

Од примерите јасно се гледа дека првите две премиси се неспорно точни, но затоа заклучокот не е вистинит. Манипулација на значењата кои се истргнати од оригиналниот контекст, цитирањето на општо познати тврдења и нивно пакување во сосема нови концепти, секогаш, на прв поглед, делува совршено разумно и убедливо.

Применето на теренот на дискусијата за лагата и политиката, ова е во согласност со заклучокот дека политичарите лажат, но и дека не мора да е така. Тоа зависи од општествениот контекст, кој е важен, пред сѐ, за да се утврди амбиентот во кој делува еден политичар, односно тој е детерминиран од степенот на демократскиот развој на општеството и механизмите кои тоа ги има развиено за одбрана и санкицонирање на лагата изговорена од устата на политичарот. Така, она што е незамисливо или раритетно во политичкиот дискурс во скандинавските држави – политичарите да се служат со лага, е вообичаено и правило во дневните активности на политичарите на Балканот. Тоа се потврдува и од она што го пишува Хана Арент во книгата „Вистина и лага во политиката“, за која „вистината и лагата се релативни во политиката, а граничната линија помеѓу нив секогаш ќе ја повлече оној кој е во позиција на поголема моќ“. Значи, ако веќе не е спорно дека политичарите и лагата се поврзани, таа оди и чекор понатаму, правејќи диференцијација дека лагата ја користат или ја отфрлаат (во зависност од општествениот контекстот во кој дејствуваат), пред сѐ политичарите кои се на власт. На овој став се надоврзува социолингвистот Теон Ван Дијк, кој објаснува дека политичкиот дискурс, особено во средините со ниска политичка култура, е контаминиран со големо присуство на лаги и еуфемизми, а страда и од хронично отсуство на дијалог. Затоа, со право може да се каже дека лагата кај нас е интегрирана во политчкиот хабитус на власта, што најбрутално беше разоткриено со јавно објавените прислушкувани разговори.

Има ли политичарот право да се служи со лага? Во контроверзната полемика која ја воделе филозофот Имануел Кант и политичарот-филозоф Бенџамен Констант, објавена во трактатот „Право да се лаже“, тие расправале на три теми: „Нелегитимност на лагата“, „Нема секој право на вистина“ и „За наводното право за лажење од човекољубие“. Кант верувал дека кажувањето вистина е безусловен и апсолутен императив и дека етичка должност е да се зборува само вистина, ширејќи го својот аргумент зошто никогаш, никаде и во никакви околности немаме етичко право да лажеме, бидејќи така не ги повредуваме само другите туку и себеси. За него никаков исклучок не бил дозволив. Од своја страна, за Констант бил важен само еден случај за кој тој аргументирал дека е етички дозволено да се лаже, а тоа е добронамерната лага. Констант барал од Кант одново да го разгледа ставот за апсолутната обврска за зборување на вистина и прашува дали можат да постојат битни причини кога зборувањето вистина не е најразумна и најдобра одлука. Накратко, прашува дали општество темелено на чиста вистина воопшто може да функционира на практична основа.

Денес, зборувајќи за оваа полемика, професорите по филозофија најчестото прашање од етика кое им го поставуваат на своите студенти е да се одредат како Кант би се поставил во хипотетичка ситуација кога на пр. нацистичка полиција би му тропнала на врата и би го прашала дали го видел припадникот на отпорот, кого нацистите сакаат да го фатат и стрелаат. Дали и тогаш Кант ќе требал да ја каже вистината и признае дека бараната личност е во неговиот стан или може да излаже дека бегалецот никогаш не го видел?

Антиципирајќи го одговорот на Кант, современите филозофи тврдат дека, според убедувањето кое го застапувал, Кант би останал доследен: ако на убиците кои го прогонуваат нашиот пријател мораме да одговориме со да или со не и тогаш наша должност би била да ја ја кажеме вистината. Според нив, овдека се конфронтираат две етики: етика на идеалното и етика на реалното. Очигледно е дека Кант го занемарувал животот и на проблемот гледал единствено од логичка страна во која причината и последицата се тесно и нераскинливо поврзани, додека во реалнот свет тоа не секогаш е случај. За Констант, должноста за вистинољубивост морала да биде прекршена и тоа поради човекољубие – право на вистина да, но и право на лажење поради човекољубие, односно право на лажење на оние кои не се достојни за вистината. Констант би рекол дека нацистите немаат право на вистина бидејќи не ѝ се достојни. Оттука, и одговорот на прашањето дали политичарите имаат право да се служат со лага самиот се наметнува од полемиката на двајцата учени: во реалниот живот – да, но само тогаш кога лагата е добронамерна и е во функција на човекољубието или општото добро, а во теоретски рамки никогаш.

Но, како да се позиционираме и одбраниме кога политичарите лажат од егоистички и утилитарни причини кои се на спротивна страна од човекољубието и општото добро? Оценката за веќе десетгодишната власт на ВМРО-ДПМНЕ е дека таа се потпира на три столба кои доведуваат до постојана репродукција на моќта, а тоа се: 1. репресија и страв, 2. корумпираност и привилегираност и 3. лага и манипулација. Начинот на кој тие се ефектуираат во општеството е обратен од редоследот според кој се наведени. Најголемиот дел од популацијата се придобива со силна пропаганда, во која лагата и манипулацијата се трансформираат во проектирана вистина. Граѓаните веќе не го гледаат она што го гледаат, туку гледаат онака како им е наложено да гледаат. Тоа е состојба на умот, која некои ја посочуваат и како дефиниција за изманипулиран човек: ја гледа вистина, ја знае вистината, ја чувствува вистината, но, сепак, верува во лагата. Во така формираната доминантна колективна свест, доколку се појави помал дел граѓани, кои од различни причини ќе искажат сомнеж кон наметнатата вистина, се придобиваат со втората техника на недемократското владеење на власта: корупција, привилегија, синекура. Се тргнува од претпоставката дека не постои човек кој не може да се придобие со понуда за задоволување на некој личен интерес, само треба да се одреди висината на цената. Како во онаа филмска сентенца: што не може да се купи со пари, може да се купи со многу пари. И тоа, секако, со пари на граѓаните. На крајот, остануваат најтврдокорните – оние кои се нескршливи ниту да подлегнат на силната пропаганда ниту да паднат во искушение од било каква понудена привилегија. Тоа се противниците на ’забеганиот режим’ (Јани Макрадули), резистентни на поткуп – ’стари Вмровци и основачи’ (Јове Кекеновски), кои се одредени за отстрел, односно се подложуваат на репресија и страв. Медимската кампања која почнува да се води против нив е со цел да се убеди доминатното јавно мислење дека тие се противници на државата (а не на забеганата власт), како одлуката за нивна јавна компромитација или дури и нивно затварање во конструирани судски процеси, би се прифатило од изманипулираните граѓани како правично и праведно, но и како предупредување што го очекува секој следен доколку се охрабри да и се спротистави на власта. Или, како што забележува адвокатот Тим Дивјан (бранител на Сноуден), „оние кои ја злоупотребуваат моќта имаат, речиси, животински нагон да го уништат секого кој им се заканува на нивните злоупотреби“. Ваквата шизофрена состојба на колективниот ум, која е својствена за едно тоталитарно општество, во какво живееме и ние последниве години, најубаво ја опишал Џорџ Орвел, со зборовите: „колку општеството повеќе упаѓа во лага, толку луѓето повеќе ги мразат оние кои ја кажуваат вистината“.

Затоа и таквиот однос на власта кон лидерот на опозицијата Зоран Заев, бидејќи тој преку бомбите ги разоткри лагите за кои граѓаните увидеа дека воопшто не биле мотивирани од општо добро или поради човекољубие. Од бомбите се слушна дека кога се преговарало со Кинезите за изградба на автопат, наместо општо добро да биде намалување на цената на чинење, тоа било заменето со пазарење за провизија за лична сметка. Или какво човекољубие имаме во лагата во која признавањето за недозволено пренесување на пиштол од страна на граѓанинот Сашо Мијалков, од власта се прогласува за доблес, додека за легално поседување на пиштол, Зоран Верушевски лежи во затвор? Конечно, каква добрнамерна лага може да се слушне од разговорот помеѓу Груевски и Јанкуловска, во кој тој бара да му се купи нов Мерцедес, во вредност од 600 илјади евра, но и цинично ја потценува интелигенцијата на граѓаните со перфидно даденото упатство дека тој во иднина пак би го користел стариот Мерцедес за низ Скопје, како не би го виделе граѓаните и новинарите дека си купил нов и скап службен автомобил?!

Ова се само неколку примери кои потврдуваат дека неетичката лага им е својствена на нашите политичари и тоа не е нешто на што и СДСМ бил имун во минатото. Меѓутоа, односот на граѓаните кон лагата треба да биде фиксиран, пред сѐ, кон власта бидејќи таа ги има механизмите да управува со општеството, а со тоа директно и врз животот на секој негов член. Политичката култура на граѓанинот налага на секои избори да оцени колку власта во изминатиот период го лажела и според тоа да ја донесе одлуката за кого ќе гласа. Најмеродавниот инструмент за мерење на лагата на власта се (не)исполнетите изборни ветувања, кои таа ги дала кога била опозиција, односно дали ветувањата се реализирале или биле запоставени, а гласачите излажани.

Така и сите симпатизери и членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои сметаат за себеси дека имаат политичка култура, требале на претходните избори, но и на претстојните, да си го постават прашањето што ВМРО-ДПМНЕ како опозиција им ветил пред изборите во 2006., и колку, по 9. години владеење, исполниле или излажале. Постојаното потсетувањето од власта дека (политичкиот пензионер) Бранко Црвенковски пред повеќе од десет години ветил вработување на по еден член од секое семејство, мора да биде проследено и со потсетувањата на ветувањата на (политички активниот) Никола Груевски. Неговото прво ветување, како опозициски лидер, по неуспешниот референдум против територијална поделба на РМ, беше дека бадијала СДСМ и ДУИ го донесуваат законот, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ кога ќе дојде на власт истиот ќе го поништи. Факт е дека до денес ова ветување не е исполнето, што истото го прави лага. Груевски, како искусен политичар, сигурно кога го изрекол знел дека за донесување или укинување на истиот закон е неопходно Бадинтерово мнозиство, кое тој никако не би можел да го обезбеди со ниедна албанска политичка партија, со што свесно ги излажал гласачите за да дојде на власт. Една стара латинска поговорка вели: „Mendacem memorem esse oportet“ („Лажливецот треба да има добро помнење“) и затоа, доколку заборавил, требале делегатите на конгресот да го потсети Груевски на ова ветување.

Второто ветување, кое, исто така, беше кажано од опозиционерот Груевски, за време на кружењето со автомобили низ улиците на Скопје, против приватизацијата на Електростопанство, беше дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојдат на власт приватизацијата со ЕВН ќе биде поништена. Денес, не само што не е поништена, туку, и покрај критиките, оваа влада сѐ уште го одржува монополот на увоз и дистрибуција на електрична енергија.

И третото ветување, кое беше дадено од Груевски во 2006 година, беше дека неговата влада ќе ја намали невработеноста и ќе го подобри економскиот стандард на населението. Настрана медимската пропаганда, дали и најлојалниот член на ВМРО-ДПМНЕ има впечаток дека денес граѓаните живеат подобро од 2006 година и дека невработеноста е така рапидно намалена за 11 проценти, како што покажуваат владините податоци? Во некои независни анализи точно беше прокоментирано ако во РМ навистина се намалила невработеноста за 11 проценти, тогаш државата би требала да има економски развој како Сингапур во златните години. Исто така, го поставија прашањето како тоа се вработиле 11 проценти од невработените, на кои им се плаќаат придонеси, а пензискиот фонд денес е посиромашен во однос од пред десет години кога вработеноста била за 11 проценти помала? Соопштувањето на податоците за намалување на невработеноста, базирано на податоците добиени од Агенцијата за вработување, иронично беше прокоментирано дека ако се случи Агенцијата да ги избрише сите невработени или самите тие се избришат поради непријавување, според методологијата на Владата, во Македонија ќе се случи парадокс невработеноста теоретски да биде нула, а практично и понатака да имаме над 30 проценти невработено работоспособно население.

За општество како македонското, чија политичка елита се потпира на лага, веќе спомнатата Хана Арент вели дека „секогаш се доаѓа до точка после која лажењето дава спротивни резултати и постанува вистина. До таа точка се доаѓа кога публиката, на која ѝ се упатени лагите, да би преживеала е присилена потполно да ги отфрли разликите помеѓу лагата и вистината. Разликата помеѓу вистината и невистината повеќе не е важна ако животот на човекот зависи од тоа дека треба да постапува така како да верува во лагата“. Затоа и не треба да чуди она одвратно лажење на Марко Зврлевски за политичката независност на Јавното обвинителство, но и лажењата на армијата останати ситни шрафови во механизмот на овој репресивен партиски апарат, кои со години ги слушаме: сите тие мораат да ја прифатат и репродуцираат лагата како вистина и да веруваат во неа бидејќи за нивните животи се работи. И тука место за етика нема!

Јасно е дека е неопходна катарза кај гласачите кои го поддржуваат ваквото ВМРО-ДПМНЕ и таа мора да се случи за тие да почнат да ја препознаваат лагата на оваа власт и за тоа да ја казнат. А тоа ќе се случи тогаш, кога, како оценува Тим Дивајн, „граѓаните ќе сфатат дека забошотувањето на злоупотребата на моќта ги загрозува нив и нивните семејства, па затоа мораат да го сменат и закоравениот став кон авторитетите и да им се приклучат на оние кои го користат правото за слобода на говор како би ги предупредиле другите“. Моментот кога тоа ќе се прекрши и кај оние кои се вработени во јавната администрација како активисти на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде и дефинитивниот крај за овој недемократски и тоталитарен систем, кој со години се потпира на репресија, лага и корупција. Само во таква ситуација изборите на 24. април би можеле предвреме да се прогласат за рутинска работа. Во спротивно, останува да стравуваме дали патриотизмот на Вмровците кон државата, сепак ќе надвладее над партиската лојалност кон ваквото ВМРО-ДПМНЕ.
Д-р Ненад Живановски

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска