„Порака“ одбележа 50 години грижа за лицата интелектуална попреченост

Од:

Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ денеска во Музејот на македонската борба одбележа 50 години активно делување.

„Порака“ како граѓанска, национална, родителска и непрофитна организација ги застапува правата и интересите на повеќе од 20.000 лица со интелектуална попреченост во Македонија.
На настанот по повод петдеценискиот јубилеј на „Порака“ се обрати претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, истакнувајќи дека особено е почестен што денеска е меѓу луѓе кои со својата волја, истрајност и храброст се пример и инспирација за секого.

– Вашата активност преку дваесетте локални клубови ширум Република Македонија има круцијална улога во поддршката на лицата со интелектуална попреченост, рече претседателот Иванов.

Вклучувањето на лицата со интелектуална попреченост во општествените и социјалните процеси, додаде, не е само нивно право и придобивка, туку тоа е институционална и морална обврска.

– Мораме да ги срушиме пречките и да ги победиме предрасудите и стереотипите неуморно работејќи на подигнувањето на јавната свест. Во контекст на ова, сите досегашни искуства, истражувањата кои се преземаат, позитивните пракси на „Порака“, но и на останатите организации, се извонредна основа за целосно имплементирање на Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, која беше ратификувана во македонскиот Парламент пред помалку од две години, нагласи претседателот Иванов.

Дневните центри, како што рече тој, се клучниот фактор во подобрувањето на условите на лицата со интелектуална попреченост. – Во овој контекст секако треба и да се работи на постојано надградување на условите за живот во постоечките институции наменети за лицата со интелектуална попреченост, иако се разбира останува целта за што поголема деинституционализација на овие лица и нивно опфаќање во алтернативни сервисни служби во местото на живеење, нагласи Иванов.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов посочи дека во рамки на Министерството оформени се 23 дневни центри за опфаќање лица со интелектуална попреченост. – Наскоро ќе бидат отворени дневни центри и во Кратово и Струмица, а како резултат на трипартитното партнерство помеѓу Министерството, Републичкиот центар и градот Скопје, ваков центар ќе биде оформен и на територија на општина Ѓорче Петров, најави тој.

Во контекст на подобрување и унапредување на постоечката состојба, министерот Спасов ја спомена и неодамнешната одлука на Владата на Република Македонија за зголемување на посебниот додаток за самохрани родители на деца со пречки во развојот за цели 50 отсто. – Исплатата на ова зголемување ќе започне од 1-ви јануари 2014 година, како и парична помош во износ на минимална пензија за самохраните родители на деца со пречки во развојот доколку ги чуваат децата 15 години во континуитет, а не исполнуват услови за старосна пензија, при што измените на законите веќе се усвоија од страна на Владата и набргу ќе влезат во собраниска процедура, истакна Спасов.

Тој ја спомена и мерката која ја најави премиерот Никола Груевски, со која се превидува вработување во државната и јавната администрација на 300 лица со инвалидност, меѓу кои, покрај лицата со оштетен вид, слух, говор, телесните инвалиди, ќе бидат опфатени и лицата со интелектуална попреченост, при што во текот на овој месец ќе биде објавен оглас на кој ќе можат да аплицират невработените лица со инвалидност, да се вработат, а со тоа да го надминат својот најголем предизвик.

Претседателот на РЦПЛИП „Порака“ Чедомир Трајковски, кој воедно е и родител на дете со попреченост, рече дека во изминатите 50 години „Порака“ како матична организација на лицата со интелектуална попреченост беше носител на бројни иницијативи, чија цел е создавање на општество во кое сите лица со интелектуална попреченост и нивните семејства ќе имаат достоинствен живот.

„Порака“, како што истакна тој, се соочува со многу предизвици и проблеми, но во соработка со институциите тие проблеми да се надминуваат.

– На лицата со посебни потреби не им се потребни само пари, туку им е потребна социјализација и интегрирање во општеството, истакна Трајковски, потенцирајќи го примерот на злоупотреба на одредени фирми кои вработуваат лица со попреченост само на лист хартија за мал надомест, а лицата не ги вклучуваат во производниот процес.

Би можело да ве интересира

Уставен суд заглавен, изборот на претседател е во ќор сокак

(ВИДЕО) Лога: Кога може Обама, може и Сиљановска Давкова по вторпат да даде заклетва

A1on

Ќе користи ли Пендаровски доживотна пензија? Што му следува по престанокот на функцијата на 12 мај

A1on

Инаугурацијата на Сиљановска Давкова в недела на пладне

A1on

Силјановска-Давкова: Има ли поголема промена од тоа што жена првпат ќе биде претседател

A1on

Првични резултати на ДИК: Гордана Силјановска Давкова – 61,98% , Стево Пендаровски – 30,48%

A1on