Селата од Ерџелија до Каратманово немаат континуирано вода за наводнување, а кај некои, потребните количини воопшто не стигнуваат, информира Водостопанство Брегалница од Кочани.
Како што соопшти директорот Николчо Гоцев, причина за ваквата состојба е самоволието на водокорисниците од Мустафино и Врсаково кои сами си пуштаат вода за наводнување од објектите на ХС Брегалница и притоа ги напаѓаат вработените и им се закануваат.
– Ситуацијата е алармантна бидејќи неколку села воопшто немаат добиено вода за наводнување. Најголемите проблеми ги прават корисниците од селата Мустафино и Врсаково кои воопшто немаат свест за потребите на останатите водокорисници. Планот за испорака на водата не се почитува. Тие самоволно пуштаат вода за наводнување од наши објекти, а притоа дури и физички ги напаѓаат нашите вработени и им се закануваат. Сето ова од наша страна се пријавува во полицијата, изјави Гоцев.
Според него, во село Мустафино се наводнуваат дури и стрништа за полесно орање, поради што од Ерџелија до Каратманово нема вода за наводнување.
За да се фатат сторителите, екипа вработени од Подружницата, заедно со директорот, во вечерните и ноќните часови врши постојани обиколки.
Брегалница дистрибуира 5,5 до 6,5 за корисниците од Овчеполскиот регион, иако за наводнување на околу 3.300 хектари земјоделски површини по десниот магистрален канал треба да се пуштат 3,5 до 4 метри кубни во секунда вода за наводнување.