Голем број јајца од риби останаа во тревата покрај брегот на Тиквешкото езеро откако се намали неговото ниво.
Според Ацо Митев, сопственик на фирмата концесионер на езерото „Селект-ГМ”, добро е што моментно не се мрестат т.н. благородни риби како познатите тиквешки сом и крап чиј риболов е забранет, туку се мрести карашот која важи за плевел меѓу рибите.
– Согласно риболовната основа за риболовната вода во Тиквешко за 2013-2018 година ловењето на карашот не е ограничено со временски период токму поради неговата преголема застапеност во езерото. Затоа можеби и подобро е со ваква природна селекција да се намали бројот на овој вид неквалитетна риба, а да се зголеми бројот на благородните риби чии јајца не се загрозени во овој период од годината, нагласи Митев.
Наводнувањето на земјоделските површини и производството на струја имаат приоритет пред риболовот.
– Освен грдата слика крај брегот полн со јајца од рибата караш, друга штета по рибниот фонд во езерото засега нема. Редовно ја следиме состојбата на терен, рече концесионерот.