Поради експлозија во фабриката за полнење гас во прекин е сообраќајот на влезот на Богданци од правец на Гевгелија, во должина од 300 метри. Како што информираат од АМСМ, во моментов сообраќајот се одвива по стариот пат.
Поради одрони на патот во прекин е сообраќајот на правецот Македонски Брод – Скопје, а во една лента се одвива од Катланово кон Велес.
Одронот на патниот правец Р-2132 македонски Брод – Скопје е кај Близанско-Козјак на 1,6 километри после браната. Забранет е сообраќајот за сите видови моторни возила. На патниот правец Катланово – Велес, одронот е после наплатната станица Сопот. Сообраќајот се одвива во една лента за што има поставено сообраќајна сигнализација.
Сообраќајот на патниот правец клучка Марвинци – Гевгелија е во прекин поради излевање на река Вардар на коловозот.
Сообраќајот на патните правци Кочани – Зрновци и Трботивиште – Разловци е во прекин поради попуштање на мостовите на реката Брегалница.
Во општина Пробиштип, поради свлечиште и понатаму е во прекин сообраќајот за сите видови моторни возила на патниот правец Киселица – Злетово. Возилата се пренасочени од Киселица – Пробиштип – Леговец – Злетово.
Поради зголемување на нивото на реката Брегалница, превентивно е затворен патниот правец од Ново Село кон Радовиш.
Локалниот пат за село Покрајчево кој го поврзува магистралниот пат А-4 Радовиш-Струмица, поради излевање на Радовишка Река, сообраќајот е во прекин и истиот се одвива преку с.Подареш-Радовиш.
Регионален патен правец од село Тополчани кон село Клепач поради премногу вода е во прекин за секаков вид на сообраќај.
Сообраќајот на сите останати државни патишта се одвива по влажни коловози.
АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони.
Од ГЕИНГ известуваат дека за потребите за изработка на проектна документација за Трговската Индустриска Развојна Зона Прилеп (надвор од зона), од 03.02.2015 год. ќе се започне со геодетско снимање на патниот правец Прилеп-Битола (во близина на бензиска станица Макпетрол) и истите се очекува да траат 3 дена (до 05.02.2015). Работите се изведуваат во временски период од 08:00 до 18:00 часот.
Од ГЕИНГ известуваат дека за потребите за изработка на проектна документација за рехабилитација на државен пат А-3, делница Превалец (Кочани) – Делчево, од 12.01.2015 год. започнати се активности на патот, односно геодетско снимање и геотехнички истражни работи и истите се очекува да бидат со времетраење од 5 месеци (до 12.06.2015 год.). Работите се изведуваат во временски период од 06:00 до 19:00 часот.
На делот од патот од брана Маврово до раскрсницата за село Галичник продолжуваат градежните работи. Препорачуваме повнимателно возење поради присуство на механизација и работници, а при асфалтирање можни се повремени затворања на патот.
Поради изведување работи на пат (гребење на асфалт) на патниот правец Велес – Скопје (од Штипска клучка до тунелот Катланово) сообраќајот се одвива по една коловозна лента, за што е поставена соодветна сообраќајна сигнализација.
На патниот правец А1 Гевгелија-Скопје од надвозникот кај клучка Велес до наплатната станица Отовица се изведуваат работи на мостовите, а сообраќајот по тие мостови се одвива по една сообраќајна лента.
Поради извршување на градежни активности на државниот пат А3, делница Велес – Кадрифаково, сообраќајот се одвива под времен режим на сообраќај, и тоа од крајот на трета лента (депонија Велес) до с. Лозово и од село Лозово преку село Сарамзалино до клучка Кадрифаково.
Учесниците во сообраќајот треба да се придржувааат на поставената хоризонтална и вертикална сигнализација се до завршување на градежните активности.
На сите овие патни правци за изведувањето на градежните работи има поставено соодветна патна и сообраќајна сигнализација.
На 19 декември 2014 година стартува времениот сообраќаен режим на забрана за движење на товарни моторни возила, чија најголема дозволена маса надминува 15 тони, на подрачјето на Град Скопје. Забраната е од времен карактер и ќе се спроведува од 19.12.2014 година до 31.03.2015 година, во текот на денот и тоа од 08 часот до 20 часот.
Се молат сите учесници кои управуват тешки товарни возила да се придржуват на поставената сообраќајна сигнализација.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.
Потсетување за сите возачи на законската обврска за поседување на зимската опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март.
Фото: Телма