Поповски-Тимоние: Изборите организирани во фер и демократска атмосфера

Од:

Локалните изборите беа организирани во фер и демократска атмосфера, а Франција ќе продолжи со поддршката во медиумската сфера, истакнале денеска на средба министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски и амбасадорот на Франција во Македонија Кристиан Тимоние.

Како што соопшти владината прес-служба, Тимоние упатил честитки за севкупната клима на организирање фер и демократски избори. Генерално, атмосферата беше видно порелаксирана и во областа на медиумите, што е лично Ваша заслуга како министер задолжен за медиумскиот сектор и на Владата, рекол Тимоние.

На средбата се разговарало и за актуелната состојба и оценките за напредокот во медиумската сфера, напредокот на најавените реформи на законската регулатива во медиумскиот сектор, а договорени се и неколку билатерални средби на министерско и премиерско ниво.

– Македонските граѓани, на локалните избори гласаа цивилизирано, во слободна и демократска атмосфера без никаква пресија, која беше присутна во минатото и тоа беше изненадување и за нас, истакнал Поповски и додал дека Владата ќе продолжи со обезбедување услови за слободата на говорот, транспарентното и отчетно работење на институциите, бидејќи граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните пари.

Изразувајќи задоволство од резултатите на локалните избори, министерот Поповски изразил уверување дека Владата ќе продолжи со поддршката на граѓанскиот концепт на централно и локално ниво, посебно акцентирајќи ги медиумските реформи предвидени во рамките на планот 3-6-9 во насока на забрзување на евроатланските интеграции на земјава.

– Според Извештајот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во најголем дел немаше притисок врз медиумите во врска со нивното известување на изборите и за време на кампањата, иако за жал некои медиуми продолжија со неизбалансираност, рекол Поповски нагласувајќи дека актуелната заложба на Владата е презентирање на вистината и објективно информирање.

Амбасадорот Тимоние бил информиран и за плановите и текот на ревидирањето на јавниот сервис, Македонската радио телевизија (МРТВ), како и со состојбата на печатените медиуми.

Министерот Поповски информирал дека реформите во медиумите, вклучувајки ги и измените на законските прописи, се носат врз основа на утврдените сугестии за реформи на експертската група на Рајнхард Прибе и врз основа на широката јавна расправа со медиумските претставници, здруженија и експерти за време на процесите во рамките на преговорите од Пржино.

– Покрај предвидените реформи од Планот 3-6-9, реализиравме и одредени барања кои се однесуваат на медиумскиот сектор. Донесовме Одлука за поддршка на истражувачкото новинарство, бесплатен пристап до информациите од Централниот регистар и Агенцијата за катастар на недвижности, рекол Поповски.

Двајцата соговорници разговарале за заложбите на Владата на Република Македонија кон отвореност и целосна транспарентност на сите институции кон граѓаните, редовно објавување на дневните редови и записници од седниците на Владата на веб страницата, одржување прес конференции, како и редовни неделни брифинзи со претставници на медиумите .

Во делот шест од Агендата, најавил Поповски, во наредните месеци, планираат да отворат јавна дебата за согледување на потребата од измени и дополнувања на Законот за медиумите, во која ќе учествуваат невладини и граѓански организации, новинарски здруженија и меѓународни организации.

Според Поповски, доколку на граѓанската дебата се согледа потреба од измени на Законот, предлог законското решение ќе биде ставено на дневен ред на седница на Влада, а потоа ќе се испрати во Собранието на РМ.

Францускиот амбасадор, пак, ги поздравил најавените мерки за отворање истраги од страна на Министерството за внатрешни работи за пријавени притисоци од страна на новинарите и граѓанските здруженија, како и за заложбите за изнаоѓање решение за помош на печатените медиуми кои се во замирање.

Воедно министерот Поповски го запозна Тимоние со размислувањата и предлозите на Владата за евентуално субвенционирање на печатените медиуми во Македонија, истакнувајќи дека посебно се води сметка да се изнајде соодветен начин, за да се избегнат обвинувањата за политичко влијание врз овие медиуми.

– Амбасадорот Кристиан Тимоние забележувајќи дека Владата знае каде оди со чекорите кои ги презема, ја изрази подготвеноста на Франција да помогне во медиумската сфера, да ги помага новинарските здруженија, особено ЗНМ и да размислува во правец на помош на печатените медиуми, се вели во соопштението.

Би можело да ве интересира

Проштална средба на претседателот Пендаровски со францускиот амбасадор Тимоние

Жарко Настоски

Тимоние: Желбата на Франција е овие избори да бидат што поуспешни и демократски

Ландов

Тимоние на средба со Весел Мемеди во НДП, разговарано за причините за неучество на изборите

Ландов

Спасовски-Тимоние: Државата се движи во вистинската насока, државните интереси мора за сите да се во прв план

Ана Ололовска

Тимоние: До нас е да разговараме за новите правила на игра, а до вас е да ги донесете законите против корупција

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Тимоние: Случајот „Рекет“ покажа дека реформите во судството се движат во позитивна насока

Ана Василевска