Политичките партии и медиумите главни готвачи на дезинформации и лажни вести во регионот

Од:

Ова e ставот кој доминира кај мнозинството Македонци според не толку одамна спроведената анкета на Институтот за комуникациски студии. Но, ова мислење не е само локално. Генерално, ваквата слика е пресликана и во соседството. За тоа како медиумите и организациите од Србија, Хрватска и Грција се справуваат со ширењето на лажните вести и дезинформации, „А1он“ разговаравше со новинари и проверувачи на факти од овие земји на неодамнешниот Светски конгрес и фестивал за иновации во медиумите во организација на Интернационалниот прес институт во Виена.

Во денешно време, медиумите имаат огромно влијание, без оглед дали се работи за традиционални медиуми, дигитални и онлајн медиуми, социјалните мрежи или преку феноменот на лажни вести. Медиумите влијаат на животите на луѓето и процесите во општествата преку презентирање на реалноста. Но, искуствата, во голема мера, варираат од држава во држава.

Соседна Србија, исто како и сите останати земји во регионот е преплавена со дезинформации и лажни вести – од војната во Украина, ковид – 19 и антиваксерство, теории на заговори за Земјината топка – теми кои најчесто се пласираат и шират преку социјалните мрежи. На оваа тема зборувавме со извршната директорка на Фондацијата „Славко Ќурувија“, Ивана Стевановиќ. Според Стевановиќ, она што Србија ја прави поспецифична во споредба со другите земји од регионот е стравичниот голем број на дезинформации кои доаѓаат од политичарите, претставниците на власта и медиумите кои се под директна контрола на извршната власт.

„Тоа се вести кои се однесуваат на војната во Украина, домашни теми, до брутални напади на сите новинари и на оние кои критички размислуваат и ја критикуваат власта во земјата. Преку тие дезинформации се обвинуваат за најстрашни работи, како што веќе сите знаеме, дека се странски платеници и предавници. Но, ние сега одиме и еден чекор понапред во тоа, новинарите на Н1 телевизија беа обвинети дека навиваат за корона вирусот, што навистина претставуваат изјави кои тешко можат да се објаснат. Во Парламентот, од страна на познат пратеник на владејачката партија и на премиерката, новинарите на истата телевизија се обвинети дека со своето известување создале таква атмосфера во општеството која овозможила шокантно убиство во школа во Младеновац. Ние имаме лажни вести 2:0 ако можам така да се изразам, каде власта и медиумите под нивна контрола се пресметуваат со сите оние кои поинаку размислуваат“, смета Стевановиќ.

Состојбата во Србија ја опишува како општество на заробени медиуми и заробени институции. Наведува дека има и медиуми кои професионално известуваат за секојдневието во Србија, но, оценува дека нивниот досег до публиката е многу мал.

„Србија е една од земјите во Европа која и дава најголема поддршка на Русија во војната со Украина. Јас би сакала да потсетам дека на денот на инвазијата на Русија врз Украина имавме насловна страница на релативно влијателен дневен весник кој објави главен наслов „Украина ја нападна Русија“. Значи, довербата на граѓаните во процесите кои се случуваат во Србија и глобално е многу ниско, довербата на граѓаните во медиумите во Србија е меѓу најниското во Европа и сето тоа е последица на една сеопшта култура и потполна неодговорност за се’ она што јавно се говори и за она што се објавува во медиумите. Институциите кои треба да водат грижа за тоа се потполно нефункционални, како што е Регулаторното тело за електронски медиуми кое забрзува една таква поплава на дезинформации на сите нивоа“, објаснува Стевановиќ.

Генерално, темите околу кои се плетат најголемите конспирации и служат за продукција на дезинформации меѓу граѓаните, се чини се повторуваат од земја во земја. Таква е ситуацијата и во Хрватска.

„Фактограф.хр“ e првиот хрватски медиум специјализиран за проверка на факти, т.е. проверка на фактичката точност на тврдењата искажани во јавниот простор. Активно работи во сферата на борбата против сузбивање на дезинформациите објавени во медиумите уште од 2015 година. Главниот фокус на нивната работа се социјалните мрежи, но, и неточните информации кои доаѓаат од страна на тамошните политичари. За извршната директорка на медиумот, Ана Бракус, мисијата на „Фактограф.хр“ е да и објаснат на пубкиката зошто дезинформациите се шират, но и да пробаат да разбудат свеста на луѓето кои наседнуваат на нив.

„Во последно време, за жал, како и во другите места во светот, во последните неколку години, посебно моравме да се фокусираме на дезинформациите во поглед на пандемијата со ковид – 19. Сега, во последната година дена често се занимаваме и со дезинформации поврзани со војната во Украина. Она што забележуваме е дека и покрај многубројните напори кои ги вложува не само „Фактограф“ туку и другите организации, бројот на неточни информации и начините на кои тие се шират докажано растат. Во еден дел причината за тоа е што технологиите константно се развиваат и дека денес тоа е поефитино и поедноставно отколку што тоа порано било да произведувате и да заработувате од дезинформации“, вели Бракус во разговорот за „А1он“.

Нејзина оценка е дека целта на разните политички и бизнис агенди постојат за да го искористат незнаењето, стравот или покачените емоции во општествата. Односно, да ги искористат кризните ситуации да би оствариле политичка или економска корист.

„Она што ние забележуваме дека честопати се случува е дека луѓето во нашето општество се во постојана потрага за точни информации. Во моментите кога не успеваат да дојдат до информации кои се точни, за жал, може да наседнат на информации кои се неточни. Често не поради лоши намери, туку бидејќи мислат дека работат нешто добро, учествуваат во ширење на тој круг на неточни информации. Да, можеме да зборуваме за пропагандни кампањи, но, она што нам ни се чини е дека релативно често ситуацијата е таква што луѓето навистина не се свесни дека наседнуваат на некоја приказна и дека им се потребни алатки и знаења за да препознаат што е тоа што се случува околу нив. Луѓето не сакаат да споделуваат информации кои се неточни, едноставно имаат премногу проблеми и тешкотии да дојдат до информации кои се добри или точни. И тоа е она што ние го пробуваме, без никого да посрамотиме, без да мислиме дека сме најпаметни на светот, се обидуваме на луѓето да им дадеме точни информации и да бидеме за нив некое сигурно место“, објаснува Бракус.

Како и сите европски земји, кампањите со дезинформации не ја одминаа ниту Грција. Но, доколку се направи споредба со другите држави, според мислењето на Елиза Триантафилу, истражувачки новинар во медиумот „Inside Story“, Грција е во многу подобра позиција. Проблемите со кои се соочувал јужниот сосед се во време на пандемиските години со ковид – 19, со појавата на антиваксерските движења. Но, нејзиниот став е дека во Грција немало големи кампањи на ширење дезинформации.

„Верувам дека споредбено со другите држави сме во подобра позиција, Имавме голем проблем со дезинформациите во време на годините кога имавме ковид -19, вакцините и антиваксерските движења. Но, имавме многу мерки кои беа преземени од страна на Европската унија како би се пригушиле дезинформациите или мисинформациите. Јас верувам дека ние сме на добар пат, но ние треба да имаме публика која ќе му верува на нивниот извор на информации, а не да го зема здраво за готово она што е објавено на социјалните мрежи“, смета Триантафилу.

На Светскиот конгрес изминатата недела се дискутираше и се разгледуваа новите предизвици за слободата и независното новинарство, вклучително давајќи му специјален третман на влијанието на вештачката интелигенција и другите нови технологии, а сето тоа во глобален контекст во услови на зголемен наплив на продорни дезинформации.

Овој текст е изработен во рамките на Светскиот конгрес на Меѓународниот прес институт, на кој група новинари учествуваа преку проектот на Институтот за комуникациски студии „Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Казни ако ширите лаги дури и да не сте знаеле – како да се заштитите?

Анита Петровска Рајковиќ

ВИДЕО: Споделувате ли се и сешто на интернет, помагате во ширење лаги – како да се заштитите

(ВИДЕО) Видео од позната игрa место од Украина, ТВ објавија, експерти коментираа – лаги на кои наседнаа сите

(ВИДЕО) Казни ако споделувате лаги на социјални мрежи – затвор, пари, што вели македонскиот закон

Анита Петровска Рајковиќ

ВИДЕО: Киднапер на деца во Скопје, мртви средношколци во парк – наседнавте ли на лажни вести?

Анита Петровска Рајковиќ

Вештачката интелигенција – потенцијален (не)пријател на новинарството и иднината на медиумите