Невообиачените поларни температури за струмичкиот регион, кои последниве десетина дена се спуштија и до 17 степени под нулата, предизвикуваат штети кај градинарските производи. Според земјоделските екпсерти, климатските промени не создадоа само високотемпературни амплитуди во летото, туку и изразени температурни скокови со негативен предзнак.
– Загрижувачки е подолгиот период со ниски температури далеку под оптималните услови за некои градинарски култури. Тука пред се мислам на зелката која некои земјоделци ја засадија порано и покрај препораките до нив. Оваа кулктура е измрзната. Станува збор за зелката која е расадена на постојано место, вели Стојан Глигоров, раководител на регионалниот центар на Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството.
Поларните температури, додава, ќе предизвикаат штети и кај некои овошни и лозови насади. – Кај градинарските култури засадени под пластеници, под полиетиленски платна, загреани дополнително, нема да има проблем. Таму каде што нема корекции околу дополнително греење, кои не се заштитени со агрил, платно или најлони ќе има проблем, објаснува Глигоров.
Дополнително ќе се утврдува процентот на штети од измрзнување кај земјоделските производи. Од друга страна, снегот е добредојден за поледелството и житните култури, под претпоставка дека поларните температури нема да се задржат подолг период.
– Со оглед дека подолго време немавме врнежи од дожд и првиот слој од почвата беше сув, снегот нема да предизвика поплавување на земјиштето, туку негово навлажнување. Тоа е предуслов за натамошно успешно засадување на нивите со други земјоделски култури, истакнува Глигоров.