Поделби: Divide et impera

Од:

Во трагичниот попис на злосторствата што ги направи (и сè уште ги прави) оваа власт, една ќе остане забележана како најпогубна. Тоа е целосната поделба на „наши“ и на „ваши“, поделбата на „комуњари“ и на „вмровци“

Пишува: Александар ШОЉАКОВСКИ

 

За волја на вистината, на овој план „работеле“ сите досегашни гарнитури на власт. Тоа го правеше и СДСМ. Но, разликата е во тоа што претходните се како „мали деца“ во поглед на „резултатите“. Зашто сега, оваа поделба е официјализирана, институционализирана во сите јавни настапи на нивниот систем на пропаганда. Запоседнатите медиуми се извршители на оваа харанга. Се знае кој добива место и позитивен третман во центрaлните вести додека негативниот е резервиран за „непријателите“. И најдобрите, најнезависните, најкреативните, кога станува збор за нивните диригирани медиуми, никогаш нема да го добијат третманот што ќе го добијат правоверните, најчесто ненадарени подлизурковци во форма на промашени драмски автори, актери, ислужени режисери, неталентирани скулптори, писатели, историчари(!?)… Со голема прецизност може однапред да се предвиди како еден обичен ТВ-дневник ќе се уреди и кој колку време и каков третман ќе добие за некоја своја активност. Таа метода е доведена до совршенство, но овојпат злосторничко. Сите пропагандни правила и досетки од комунизмот, фашизмот, тоталитаризмот во овие медиуми се беспрекорно применети, сè за да се искашкаат, да се минимизираат оние кои не се со нив.

 

БОЛНО ОПШТЕСТВО

Нашето општество е болно. Тоа допрва ќе се покажува. Најголемиот злостор што оваа власт ја направи е монструозниот обид општеството да се подели за така полесно да се владее со него. Ова не е ништо ново, постои од дамнина изреката divide et impera (раздели па владеј), постои и во нашата историј,а особено од 1945 година кога комунистите се обидуваа да го поделат народот по идеолошка основа за полесно да доминираат со него.

Оваа поделба и сега е актуелна. Систематски се спроведува низ целото деветгодишно владеење на оваа гарнитура на недоучени, но дрски, неспособни, но упорни во своите намери, цинични и насилни, кои со лумпенпролетерска конституција под маската на „нова“ идеологија, создаваа систем кој треба да служи на нивните примитивни пориви – омраза на сѐ што е различно, повисоко, попаметно, подобро, промислено – со крајна цел – нивно долго владеење и криминално богатење.

Почнаа со елиминирање на сè што не мисли како нив, на сите кои сервилно не ги подржуваат, на сите оние кои јавно и на дело не се декларирале и потчиниле на нивните замисли (ако воошто во тоа има размисла?). А тие замисли одеа од обидот за менување на постојната свест за сопственото потекло, со коренито менување на историските претпоставки за настанокот на нацијата, преку промовирањето на суспектни криминални „дејци“ од историјата, до оној лажен музеј низ кој треба да се едуцираат („инфицираат“) новите генерации, сè до монструм-проектот „Скопје 2014“.

Поделбата меѓу населението е веќе толку раширена што може да доведе (и веќе доведува) до насилни конфронтации кои, како ќе зема замав кризата, така и ќе се заоструваат. Сега сè уште претежно латентни, но веќе и со конкретни последици. Никој никому не верува, семејства се закрвуваат затоа што едни отишле на една страна (главно од прагматични и профитерски причини), а другите останале она што биле, односно не дозволиле на нив да влијае безмилосната пропаганда. Дури и ученичките протести се сегментизирани – протестираат деца од семејства кои успеале да си ја сочуваат душата и не сакале да му ја продадат на ѓаволот и оние кои не смеат да протестираат поради некое семејно инсталирање во структурите на власта или поради егзистенцијалната зависност од таа власт. Уценети, дури и кога не размислуваат така, под секогаш дежурното око на партиските теренски полицајци, не се осмелуваат да бидат на кој било начин дисонантни. Избегнуваат да се информираат од „соросоидните медиуми“, само за да се сочуваат себеси или придобивките од „правоверноста“.

 

ДА СЕ БИДЕ НА ЛИНИЈА

Дури и во експлицитните докази за криминалот и за безобразието на властодршците изнесени во „бомбите“, не смеат да веруваат. „Да, монитирани се!“, ги убедуваат, а тие се убедуваат себеси (монтажата мора да ја направила врвна екипа оскаровци во категоријата тонска монтажа). Опстојуваат на ова убедување. Всушност, така им рекле во месната партиска организација, така им рекле оние прислужници на власта кои харангираат низ земјата (со лажната слика за Македонија), така рекле и на телевизиите кои власта здушно ги полни со пари за да ја извршат највалканата акција за идиотизирање на човечките души.

За време на изборите, зависници од партијата се претворени во ловци на гласови. Одат, молат, преколнуваат роднини и пријатели да обезбедат гласови за партијата затоа што се уценети со своите работни места, ветени или реализирани, со иднината на децата, семејството.

Овој метод не е непознат. Рековме за тоа што го правеле комунистите по војната, но и на блискиве простори. Кога почна распадот на Југославија, секој во своето дворче почна со пропаганда која на крајот доведе до крвави граѓански војни, со монструозни ликвидации, со стотици илјади трајно раселени лица. И тогаш, за остварување на своите цели, Милошевиќ правеше митинзи и контрамитинзи, а непријателите беа јавно жигосувани, прогонувани и ликвидирани.

Во транскриптите од разговорите на врвните луѓе од власта ја гледаме истата таа матрица на примитивен, злорад, елиминирачки однос кон неистомислениците. По правило сите се „комуњари“, „лажат како Цигани“, „работат за некоја странска служба“! Оние кои се осмелиле да кажат нешто што не е на нивната „линија“, веднаш се распределуваат во графата „сосросоиди“, платеници на Западот, односно САД, кои и покрај тоа се, нели, нашиот најголем и најзначаен стратегиски партнер. (Интересно дека никогаш не се појави некој кој е платеник на Русија, на пример!?)

Оваа негативна селекција се спроведува во сите домени. За ангажирање во медиумите се бара подобност како во време на најтврдиот комунизам. Во здравството признати и познати имиња не можат да го имаат местото кое по секоја основа им припаѓа, едноставно затоа што не се декларирале како „нивни“. Не мора да бидат декларирани ни за некоја друга страна. Ако се веќе неутрални, а згора на тоа и критични, тие се веднаш „комуњари“, непријатели, загроза за нивната апсолутна власт.

Овој метод се прошири и на културата, творештвото. Државна потпора и медиумска промоција за творештво добиваат оние кои се декларирале како послушници. Кога немаат вистински творци, измислуваат „Валентини“ кои нивните луди идеи ќе ги преточат во „уметнички“ дела.

До каде ќе досегнат штетите од овие поделби? Едно е сигурно: ако освестувањето почне уште утре, трагичните последици од оваа поделба ќе се протегаат уште долго во иднина.


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска