Почнува транспортот на повредените во автобуската несреќа, следната недела и на посмртните останки

Од:

Почнува враќањето во земјава на повредените во автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија. Првите двајца хоспитализирани во софиската болница „Пирогов“ ќе бидат отпуштени денеска, уште двајца утре, двајца на 30 ноември и едно лице на 1 декември. Повредените се во добра и стабилна здравствена состојба.

Повредениот српски државјанин, како што информира вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе биде пренесен во Србија, а нашите во Скопје, во организација на Министерството за здравство. Повредените прво ќе бидат сместени во нашите здравствени установи се додека не бидат пуштени на домашно лекување.

За преносот на посмртните останки, акциски план треба да изготви Работната група што ја формира Владата и на чие чело е токму Османи. Владата ги презема сите трошоци за транспортот и погребот на жртвите.

– Нашите очекувања се наредната недела, штом заврши идентификацијата, може да се очекува вторник или среда, со можност да се помести тој ден додека не се комплтеира идентификацијата. МНР ќе го организира транспортот на посмртните останки. Имавме средба со повеќе компании кои ќе бидат ангажирани околу тоа, а наредните денови планираме средба и со семејствата за да ги испочитуваме нивните барања за предавање на телата, рече Османи.

При дополнителениот увид што вчера го извршија истражители од бугарската Национална истражна служба во опожарениот автобус на „Беса транс“ на автопатот „Струма“ е пронајдено уште едно тело на дете. Со ова, бројката на пронајдени тела во автобусот се искачи на 45.

Портпаролот на главниот обвинител на Бугарија, Сијка Милева на прес-конференција во четвртокот изјави дека на местото на несреќата се пронајдени 44 тела, додавајќи дека еден од преживеаните патници и раскажал како го скршил стаклото на автобусот и рекол дека спасил осум, а не седум лица.

Од софиската Брза помош се децидни дека од местото на несреќата во софиската болница „Пирогов“ биле пренесени седуммина повредени патници.

Дилемата за „осмиот патник“ се разреши откако од Софија беше потврдено дека едно лице, бугарски државјанин, по грешка бил вклучен на листата на повредени патници од несреќата. Тој се обратил до редакцијата на „24 Часа“, објаснувајќи дека нема никаква врска со несреќата на автопатот „Струма“. Кажал дека е државјанин на Бугарија и дека во саботата бил примен на Одделот за трауматологија на Ургентната болница „Пирогов“ во Софија, поради скршеница на раката.

Бидејќи неговото име се најде на листата на повредените патници од несреќата на автобусот на „Беса транс“, излегува дека од клиниката по грешка го внеле на тој список, наведува „24 Часа“, додавајќи дека тој веќе е отпуштен од болницата.

Претставници на Јавното обвинителство на Бугарија се во земјава и денеска во Јавното обвинителство на РСМ ќе им бидат предадени ДНК анализите од роднините на покојните, заедно со документација што е досега обезбедена, пред се одземените документи од „Беса транс“ и податоци од Министерството за транспорт и врски.

На експертизата за утврдување на идентитетот од ДНК анализата, како што информира вчера државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, ќе присуствуваат и двајца претставници од Судска медицина, единствено, како што рече „со цел да се забрза постапката“.

Обвинителот Јовески вели дека нема никаков сомнеж во пронаоѓањето на уште едно тело, затоа што од сликите се гледа дека автобусот е многу оштетен.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера во однос на најновите информации кои стигнале до МВР од страна на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија при Медицинскиот факултет во Скопје, информира дека е обезбеден биолошки материјал од роднини на 44 патници, а добиените ДНК профили се предадени во нашето обвинителство. Овој материјал ќе биде предаден на надлежните служби во Бугарија, кои ќе прават поврзувања по роднински врски со пронајдените останки, а биолошки материјал за 45-тиот патник е обезбеден во Софија.

Спасовски информира дека автобусот на „Беса транс“ бил технички исправен и со важност на регистрација до 13 октомври 2022. Последниот технички преглед бил направен на 5-ти минатиот месец. Се осврна и на деталите во врска со несреќата. Рече дека на 23 ноември 2021 година тим на МВР присуствувал на самото место на сообраќајната незгода која се случи на магистралниот пат А-3, делница Софија – Дупница во Република Бугарија.

– Во несреќата учествуваше автобус марка „Меrcedes Benz“ со регистарски број SK 0284 BA, сопственост на правното лице „Беса транс“ со седиште во село Рашче, Општина Сарај. Она што го дозна тимот на местото на несреќата е дека предметниот автобус, кој се движел на релација од Турција кон Северна Македонија, на местото викано Кулата‘ на автопатот А3, удрил во банкината и еластичната ограда од десната страна која го раздвојува постојното одморалиште покрај автопатот, при што возачот изгубил контрола на возилото и притоа дошло до самозапалување на надворешниот дел од автобусот, а потоа и до удар во средишната разделна еластична одбојна ограда од автопатот при што настанало целосно опожарување на возилото, посочи Спасовски.

Увидот на самото место го водел надлежен обвинител од Националната служба за истраги од Бугарија и лиценцирани вештаци ангажирани, исто така, од обвинителот, додека обезбедувањето на самото место на случената сообраќајна незгода се вршело од страна на сообраќајна полиција од Националната полиција на Бугарија.

По вчерашниот безуспешен обид на инспекторите да извршат вонредна контрола во компанијата, министерот Спасовски на прес-конференција потврди дека се вршат претреси не само во просториите на „Беса Транс“, туку и на други локации со цел да се обезбедат доказни материјали.

„Беса транс“, сепак, имала истечена лиценца за линиски превоз и користела изводи од други возила.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вчера попладне на прес-конференција соопшти дека опожарениот автобус со регистарски таблици СК0284 БА не е пријавен од сопственикот во единствената електронска база на податоци на Министерството, не поседувал извод од лиценца за автобусот, а за превозот на патници користел неважечки извод кој се однесувал за друг автобус.

Според Бочварски, превозникот „Беса транс“ поседувал две лиценци за работа: лиценца за слободен превоз на патници во меѓународниот сообраќај со број 00701 за која е донесено решение да му биде одземена поради злоупотреба и лиценца за линиски превоз на патници во внатрешниот сообраќај со број 8528 која е истечена во октомври 2021 година, односно е неважечка.

Овие лиценци, нагласи Бочварски, се однесуваат на правното лице „Беса транс БТБ“ како фирма, а не на превозни средства.

– Во однос на поседување на изводите од лиценци за автобуси за слободен превоз на патници во меѓународниот сообраќај, превозникот „Беса Транс БТБ“, поседувал изводи од лиценци за четири автобуси, истакна Бочварски.

Согласно Законот за превоз во патниот сообраќај член 11 став 1, објасни министерот, превозникот може да почне да врши превоз на патници во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај откако ќе добие лиценца за фирмата и извод од лиценца за моторно возило. Превозникот ниту го пријавил, ниту побарал од Министерството за транспорт и врски извод од лиценца за опожарениот автобус и поради тоа не е евидентиран во единствената база на податоци.

– Друга работа што е многу важна, а со која се шпекулира во јавноста е начинот како превозникот Беса Транс БТБ ја минувал границата. Изводот од лиценца со број 22679 што се јавува во електронскиот систем на Царинската управа а кој бил користен за опожарениот автобус при излез од земјата, е број на извод од лиценца на друго возило со други регистарски таблички, исто така сопственост на превозникот Беса Транс БТБ, потенцира Бочварски.

Тоа, дополни, јасно упатува дека превозникот вршел злоупотреба на извод од лиценца од друго возило, а во друг наврат ја прикажувал и лиценцата од фирмата и со тоа свесно ги прекршувал одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај.

По барање на Обвинителството, Министерството за транспорт веќе ја предало целосната документација за превозникот „Беса Транс БТБ“ и во наредниот период ќе постапува според барањата и потребите на Обвинителството.

– Превозникот има право на жалба, но жалбата не го одлага решението што значи дека тој има обврска да ја депонира лиценцата и изводите од лиценци назад во Министерството, дециден е Бочварски.

Според правилата на Европската унија, доколку автобусот на Беса Транс немал валидна лиценца за превезување патници, тој не би смеел да премине граница на Европската Унија, во случајов Бугарија.

Законодавството на ЕУ предвидува низа правила за лиценци и дозволи за превоз и од оваа институција, според информациите што ги доби МИА, не е исклучено тие да биле прекршени, но Европската Комисија не се меша во истрагата. Одговорноста за надзор и проверка на документацијата и спроведувањето на законите на ЕУ е во рацете на земјите членки на Унијата.

Доколку се утврди во истрага дека превозникот патувал со нелегална или фалсификувана лиценца, може да се очекува Европската Комисија да осуди ваква пракса која не само што е закана за „слободната конкурентност во ЕУ“, туку претставува загрозување на животите на патниците.

Според правилата на ЕУ, лиценца не би смеело автобусот да добил од Бугарија, бидејќи европското законодавство не дозволува издавање на лиценци на оператори чии возила се регистрирани надвор од земјите членки на ЕУ.

Несреќата се случи рано изутрината на 23 ноември на автопатот „Струма“. Загинаа 45 лица, а седуммина се повредени. Според бугарските истражители, жртвите починале од задушување откако автобусот се запалил, а најверојатна причина за несреќата е човечка грешка.

Би можело да ве интересира

Камион усмрти велосипедист во Куманово

Возачот е виновен за сообраќајката на „Струма“, бугарското Обвинителство ја заврши истрагата

А1он

Заврши собирањето докази за несреќата на македонскиот автобус на автопатот Струма во Бугарија

А1он

Одземена лиценцата на „Беса Травел“

Ана Ололовска

Утре ќе биде поништена лиценцата за туристичка дејност на „Беса транс“

А1он

Трагедии, пожари, избори, заминување на Заев, Европско во фудбал – Македонија во 2021