Еден од најчитаните бугарски новинари познат и како поранешен соработник на комунистичката служба за безбедност Велизар Енчев во Фејсбук статус го обвини македонскиот претседател Стево Пендаровски дека и објавил војна на Бугарија коментирајќи ја состојбата со македонското малцинство во државата.
„Македонскиот претседател Стево Пендаровски си дозволи вербален напад, што е најголемата провокација кон Бугарија откако тој е шеф на државата. Неговите тврдења за „македонското малцинство“ во Пиринскиот регион и неговото вклучување во нашиот Устав е воен чин што не можеме да го одобриме.
Вистина е дека антибугарската реторика на Пендаровски е во контекст на жестоката предизборна кампања во Северна Македонија, но тоа ниту ги оправдува ниту ги отфрла неговите зборови.
Навистина, македонскиот парламент мора да гласа за уставни измени за вклучување на Бугарите во македонскиот Устав, но тоа воопшто не бара реципроцитет од страна на Бугарија од четири основни причини:
Прво, според уставот, Северна Македонија е мултинационална и двојазична држава. Второ, според уставот, Бугарија е еднонационална држава, во која нема малцинства..“напиша Енчев.
Истовремено, бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски кој поради нацистичко салутирање беше отстранет од седница на Европскиот парламент побарал од бугарскиот премиер Денков и од министерката за надворешни работи Габриел нашата амбасадорка во Бугарија Агнеза Руси да биде повикана и да ѝ се врачи остар протест поради изјавите на Пендаровски во врска со положбата на македонското малцинство во оваа соседна држава, а кои го провоцирале овој ултранационалистички бугарски политичар.
Бугарското МНР тоа го сторило и протестирале до амбасадорката дека претседателот Пендаровски се мешал во внатрешните работи на Бугарија.
Се почна од критиката на Пендаровски кон ВМРО-ДПМНЕ кои според него давале нереални ветувања за Македонците во Бугари: „Велат на странските амбасадори ќе се обидеме со Бугарите да се договориме. На кој начин? На тој начин што ќе ги натераме Бугарите да го променат нивниот Устав. Да го променат нивниот Устав за да можат да бидат признаени нашите Македонци кои таму живеат. Јас од овде им велам ако успеат да ги стават Македонците во Уставот на Бугарија, да ги натераат Бугарите да го променат Уставот и ако успеат Македонците кои се таму во огромен број да будат признаени како национално малцинство јас ќе бидам првиот кој ќе се зачлени во ВМРО-ДПМНЕ“, рече Пендаровски на Конгресот на СДСМ на кој беше потврден за претседателски кандидат.
Реакциите доаѓаат од политичари од бугарската ГЕРБ, членка на ЕПП (Европската народна партија), чиј конгрес се одржува во Букурешт деновиве. На него од кај нас учествуваат и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и кандидатката за претседател на партијата Гордана Силјановска-Давкова.