Еврокомесарот за проширување и европска соседска политика Јоханес Хан, зајакнат со тројцата европратеници Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан ги почна одделните средбите со лидерите на четирите политички партии во обид да се најде компромис за политичката криза.
Преговорите се водат во резиденцијата на ЕУ во Пржино, а прв со Хан и тројцата европратеници се среќава претседателот на СДСМ, Зоран Заев кој веќе пристигна на средбата. Со него пристигнаа Радмила Шеќеринска и Рената Дескоска.
На средбата се приклучи и амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли. По средбата со Заев предвидена е средба со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Еврокомесарот претходно имаше средба во Еу инфо центарот со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и со лидерот на ДПА, Мендух Тачи.