Канцеларијата „Една точка за услуги“ на Министерството за информатичко општество и администрација денеска официјално почна со работа во Градскиот трговски центар во Тетово.
Министерот Дамјан Манчевски ја посети канцеларијата и информираше дека на почетокот граѓаните ќе можат да ја активираат својата електронска идентификација со што ќе можат да оставруваат 136 услуги кои во моментов се нудат преку националниот портал за електронски услуги: uslugi.gov.mk.
–Дополнително нашите вработени тука ќе даваат и информации и насоки на граѓаните како полесно да ги остварат услугите преку порталот, но ќе даваат и информации за над 716 услуги попишани во каталогот за услуги кои се дел од порталот. Овде ќе можат да добијат интегрално информации за голем број услуги кои ги нудат голем број различни институции. Граѓаните не треба да одат на различни шалтери, туку овде каде нема шалтери и на нов начин се нудат услугите на граѓантие. Идејата е да нема чекање, полесно да се снајдат и повторно ќе апелирам да ги користат повеќе услугите на националниот портал на електронски услуги, изјави Манчевски.
Тој порача дека во време на здравствена криза, токму електронскиот начин на комуникација дава една можност за безбедноста на граѓаните.
– Дел од овие услуги можат да се дигитализираат, некои не. На пример, со МВР ќе биде можно електронски да се поднесуваат барања, да се добие електронски потврда за прием на барање, но издавање пасош и лична карта ќе мора да се прави физички, односно да се оди до МВР, рече Манчевски.
Соопшти дека со градоначалничката Теута Арифи разговарал и дел од услугите на Општината да се нудат преку електронскиот портал. Сите интернет-клубови на Министерството сега ќе се пренаменат во вакви центри. За еден месец се очекува отворањето во Охрид, а следува Куманово.
До крајот на наредната година би требало во сите градови да се отворат канцелариите „Една точка за услуги“.