Градежништото во наредната година се очекува да има сериозни стапки на раст во позитива. Тоа, планира Владата, да се направи со посветено работење на инфраструктурни проекти и со реализација на капитални проекти од приватни инвеститори, како инвестицијата на турската компанија Лимак која официјално почна со реализација денеска, а предвидува изградба на подземна сообраќајница од 800 метри и станбено деловен комплекс со трговски центар кај Јужен булевар.
Ова го потенцира вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, на стартот на проектот, на кој присуствуваа и премиерот Зоран Заев, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов и претставници на турската компанија.
– Инвестицијата од 250 милиони евра што, ќе се реализира како што е планирано за 40 месеци претпоставува влијание од пет милиони евра месечно на бруто домашниот произовд во РМ. Тоа е значително влијание и се надеавме дека со вакви чекори Владата посветено ќе работи на подигање на градежништвото, рече Анѓушев кој очекува од минус 40 проценти, следната година да има сериозни бројки во плус во делот на градежништвото и со тоа БДП ќе се врати на над предвидените три проценти.
Потенцира дека градежништвото ќе се поврати со проекти корисни за граѓаните, проекти кои се од комерцијална природа, кои се економски насочени и кои е се од интерес и на граѓаните и на државата.
Лимак ќе го реализира проектот во центарот на Скопје на површина од 325.000 метри квадратни а ќе опфаќа станбено деловен простор, трговски центар, хотел, паркинг. Под комплексот ќе се премести сегашниот булевар „Македонија“ во должина од 800 метри со шест ленти и кој ќе го скрати времето за патување од Карпош и Центар кон Аеродром и Кисела Вода.
Инвеститорот ветува градба со високи стандарди, во кој автентично ќе се вклопи Музејот на Град Скопје.
– Ова е прв проект во Македонија земја во која се чувствуваме како дома. Секогаш бараме можности за да инвестираме тука, бидејќи веруваме во добро квалификуваната работна сила и економските динамики, рече Седар Басџаксос, член на УО на Лимак.
Според премиерот Зоран Заев, присуството на Лимак ќе биде фактор кој ќе ги оттикне сите инвеститори да дојдат во Македонија.
– Турција е голем пријател на Македонија и таа е меѓу првите 10 трговски партнери на Макеоднија, но има можности за подобра економска соработка. Во 2017 година имавме трговска размена од 456 милиони долари, а наша цел е таа да достигне една милијарда, рече премиерот.
Лимак треба да ја заврши подземната сообраќајница за 22 месеца, а целиот комплекс за 40 месеци.
Градоначалникот Петре Шилегов истакна дека со овој проект, кој кога ја презел функциајта градоначалник бил во подготвителна фаза, се ревитализира овој дел од градот. Тој се заблагодари на претходната администрација за добрата идеја.
– Кога дојдов за градоначалник ова беше во подготвителна фаза и неспремна документација и за околу пет месеци интензивна соработка усепеавме да дојдеме до почеток на градежни работи, рече Шилегов.