Двегодишната Ангела која пред неколку дена итно, со специјален медицински авион беше испратена на лекување во Турција, сепак не преживеа. Девојчето, и покрај сите напори да биде спасено и од тимот македонски и од тимот турски лекари, денеска не ја издржало битката со ретката и тешка болест, блиска до леукемија.
Ангела во Турција била ставена на апарати за дишење и ѝ била направена дијализа, односно прочистување на крвта, но таа не стигнала до операција и до пресадување коскена срцевина бидејќи состојбата не ѝ била доволно стабилна.
Доктор Аспазија Софијанова – Цули од Детската клиника која го иницираше испраќањето на двегодишното дете во Турција, вели дека од нивна страна било сторено сè за да му се овозможи добар медицински третман и обид да му се спаси животот.
„Од наша страна и од страна на Универзитетската клиника за детски болести – одделот на хематонкологија се направија натчовечки напори за да се надмине болеста и да се даде терапија. Тука посебно го нагласувам Одделот за интензивна нега каде што се организираше транспортот и истиот беше најпрофесионален направен до соодветна установа во Турција. Министерството за здравство и Фондот за здравство веднаш излегоа во пресрет, но понекогаш болестите, како во случајов, за жал имаат непосакуван крај. Едноставно, Ангела не издржа и покрај тоа што беше ставена на најмодерна апаратура и ѝ беше направена дијализа. Стануваше збор за ретка и тешка болест, макрофагоцитна хистиоцитоза. И покрај сите напори дури и од другата држава, крајот е секогаш непредвидлив и навистина ни е жал. За Ангела сторивме се, овозможувајќи и ги и последните трендови што ги пружа медицината и каде што се развиени највисоките медицински стандарди што ги нема кај нас“, вели Софијанова.
„А1он“ веќе објави дека девојчето со неспецифична ретка болест блиска до леукемија, било пациент на „Универзитетската клиника за детски болести“ од мај годинава. Било сместено на онколошкиот оддел, а последните денови пред да замине, откако му се влошила состојбата било симнато на одделот за интензивна нега. Таму му ја следеле состојбата додека траеле преговорите за операција на коскената срцевина. Успеале да најдат соодветен донор на клиника во Турција, а итноста ја забележала Софијанова која во петокот попладне на дежурство забележала дека се бројат часови до моментот кога ќе стане неопходно детето да биде ставено на апарати оти му се влошувало дишењето.
Во четвртокот конзилиум од лекари од онколошкото одделение во Детската клиника ги усогласил ставовите дека детето треба да отпатува, а во петокот кога состојбата со дишењето се влошила, доцна вечерта детето било пренесено на клиника во Турција каде што веќе беше договорена операција на коскена срцевина.