На 20.01.2015 година во Скопје, по кусо боледување, почина проф. д-р Јован Тофоски, специјалист гинеколог-акушер, професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, поранешен Министер за здравство на Република Македонија, поранешен директор на Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје и претседател на Здружението на гинеколози и опстетричари на Македонија, како и актуелен претседател на Македонското лекарско друштво.
Д-р Јован Тофоски е роден во Прилеп во 1940 година. Студиите на Медицинскиот факултет во Скопје ги завшил во Скопје во 1965 како најдобар студент од основањето на Факултетот. На Гинеколошко-акушерската клиника на Медицинскиот факултет во Скопје работи од 1970 година до своето пензионирање во 2005 г. Во текот на својата стручна кариера прв се занимавал и докторирал на темата поврзана со имунолошките аспекти на односот фетус- мајка. Исто така, прв ја вовел методата за ин витро фертилизација (медицински потпомогнато оплодување) и под негово водство е родено првото „дете од епрувета“ во Македонија, во 2001 г.
Во рамките на своите општествени активности, проф. д-р Јован Тофоски бил претседател на Црвениот крст на Македонија, генерален секретар и претседател на Црвениот крст на Југославија, член на Извршниот одбор на Меѓународната федерација на Црвениот крст и црвената полумесечина со седиште во Женева, Швајцарија. Како специјален претставник на оваа организација бил во многу хуманитарни мисии во преку 100 земји во Африка и Азија.
По пензионирањето, како претседател на Македонското лекарско друштво активно се вклучува во подобрувањето и заштитата на достоинството на лекарската професија преку одржување на бројни трибини, симпозиуми и конгреси, како и печатење на важни изданија поврзани со историјата на здравствената дејност во Република Македонија, лекарската етика и континуираната медицинска едукација.