Почесен докторат за претседателот Иванов на Универзитетот „Џумхуријет“ во Сивас, Турција

Од:

На претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во Сивас, Турција, му беше доделен почесен докторат од страна на престижниот Универзитетот „Џумхуријет“.

Како што соопштија од неговиот кабинет, признанието на претседателот Иванов му било врачено на свечена церемонија од страна на ректорот на Универзитетот д-р Алим Јилдиз, по што македонскиот претседател одржал предавање на тема „Ататурк и Македонија“.

За време на предавањето, претседателот Иванов истакнал дека оваа титула за него претставува привилегија и чест, дотолку што му се доделува во Сивас, градот каде во 1919 година на иницијатива на Ататурк се одржал историски и револуционерен конгрес со кој се означува почетокот на борбата за независност и владеење на граѓаните на Турција.

– Ататурк сметал дека со Конгресот во Сивас, турскиот народ повторно во своите раце го зел суверенитетот. Тој верувал дека единствениот начин на кој Турција ќе стане модерна нација е преку политички систем во кој нема да има поделба, туку единство на моќта, концентрирана во еден единствен авторитет што ќе го отсликува народниот суверенитет. Затоа, Големото национално собрание се јавило како тело што ги контролира законодавната, извршната и судската власт. Како избран претседател на Големото собрание, Ататурк се стекнал со огромна моќ неопходна за да ги направи суштинските реформи во земјата, рекол Иванов.

Врската меѓу Мустафа Кемал и Македонија, според македонскиот претседател, не е само географска. Македонија, истакнал Претседателот, беше прозорецот низ кој Ататурк се запозна со овие вредности, тоа беше просторот каде што се калеше неговиот карактер, каде се градеше неговиот поглед, каде созреваа идеите од кои подоцна никна Република Турција.

– Македонија не е само местото каде што тој бил роден, туку просторот каде што се формирал неговиот светоглед, неговиот карактер и неговите сфаќања. Ататурк во Македонија најнепосредно учел колку е важен соживотот, ги учел македонските вредности, како што е прифаќањето на другите, Подоцна, она што го научил во Македонија, го применил во Турција. Затоа, изворот на неговиот модел за темелни реформи е во Битола, кој во времето на неговиот престој беше гордиот град на конзулите во кој интелигенцијата, но и пошироката популација беше изложена на западните, европските вредности. Битола беше прозорец кон Европа, простор од каде влегуваат напредните идеи во Империјата, порачал македонскиот претседател во своето предавање.

Претседателот Иванов во своето предавање се осврнал на изворите од каде Ататурк ги црпел своите идеали, кои ги применува во трансформацијата на Турција.

– Тој го испокина целото политичко ткиво, ја претвори монархијата во република, ја сведе империјата на една територија, ја претвори религиозната држава во световна република, го собори султанот, го протера калифот и ги отфрли сите врски со Отоманската Империја. Тој направи една од најголемите културни, политички и социо-економски трансформации во современата доба. Така е родена Турција, како национална секуларна држава, рекол Иванов.

Во рамки на посетата на Турција, претседателот Иванов остварил средби со градоначалникот и гувернерот на Сивас, а утре во Истанбул, македонскиот претседател ќе присуствува и ќе се обрати на Глобалниот лидерски форум.

Би можело да ве интересира

Заменик-министерот за одбрана на Русија обвинет за поткуп од една милијарда рубли

Горан Наумовски

Иванов: Се исполнува визионерскиот став на Кисинџер дека за конфликтот во Украина кога тогаш мора да почне дијалог

Горан Наумовски

Ќе воскресне ли аболицијата од Иванов – скопски адвокат поднел барање до Врховен

Анита Петровска Рајковиќ

ДКСК: Обвинувањата од Иванов се паушални

Ана Ололовска

Порнешниот претседател Иванов бара од Антикорупциска информација за предметите што се водат за него

Ана Ололовска

Иванов: По ваква изјава на премиер, во секоја демократска земја паѓа владата

Жарко Настоски