Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, од утре ќе престојува во тридневна посета на Соединетите Американски Држави, каде во главниот град Вашингтон е предвидено со претставници на американската администрација и на Конгресот да говори за најновите слуувања во земјите од проширувањето на Европската унија, со посебен акцент на ситуацијата во земјите од Западен Балкан.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, по денешното посредување за надминување на политичката состојба во Република Македонија, Хан заминува за САД, но иако Западниот Балкан е предвидено да му биде главна тема на дискусија со соговорниците, еврокомесарот за проширување, сепак, нема да се сретне со преговарачот на Обединетите нации за надминување на ралзиките околу името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц.
– Комесарот Хан нема да се сретне со Метју Нимиц за време на неговата посета на САД, изјави за МИА Маја Коцијанчич, портпаролка на Европската комисија.
Според програмата за тридневната посета на Хан на САД, предвидено е тој да размени мислење со американските соговорници и за прашања од надворешната политика и евроатлантскита соработка со Атлантскиот совет, кој е еден од водечките американски тинк-тенкови. Посетата, исто така, ќе обезбеди можност еврокомесарот за проширување да дискутира и за клучни предизвици, да ги координира со своите американски колеги инвестициските приоритети и да размени мислење за понатамошно зајакнување на постојната соработка со меѓународните финансиски институции, меѓу кои и ЕУ, Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).