Писмо за пратениците од Османи: Отворете го Уставот, одговорно тврдам дека го зачувавме македонскиот идентитет

Од:

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи им испрати писмо на пратениците во Собранието во кое им сугерира да гласаат за отворање на Уставот потенцирајќи им дека ќе одлучуваат за најважното прашање во историјата нз земјата по независноста и после менувањето на највисокиот државен акт за да се промени името со што земјава стана членка на НАТО.

„Во петок започнува дискусија по која ќе следи гласање за второто најважно прашање кое било кој парламентарен состав требал да ги донесе во историјата на земјата по независноста – по зачленувањето во НАТО, остварување на втората стратегиска цел на државата за приклучување кон напредното Европско семејство на држави. Во петок Вие ќе одлучувате за европската иднина на Северна Македонија, определба за која работиме и работеа сите Влади во изминатите 30 години. Од Вас ќе зависи дали со прифаќање на промената на Уставот ќе ги продолжиме разговорите по поглавјата за членство во Унијата или ќе запреме во преговорите на подолг рок, до некоја нова шанса, без никаква гаранција за успех, поттикнувајќи го процесот на „пасошизација“ на граѓаните кои бараат европска иднина за себе.

Верувам и знам дека секој од вас сака да бидеме членка на Унијата составена од најдемократски и најбогати земји во светот која гарантира мир, демократски развој и економски просперитет“, напишал Османи.

Министерот за надворешни работи кој преговарачката рамка со ЕУ во која се вметнати и бугарските барања, си ја препиша лани како голем успех, одговорно тврди дека зачувани се македонскиот јазик и идентитет во овој процес.

„Во процесот на преговорите имавме за цел да го зачуваме и зајакнеме македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет. Одговорно тврдам дека во тоа успеавме. Македонскиот јазик за прв пат беше прифатен и гласан во Советот на ЕУ помеѓу земјите членки и е недвосмислено дел од европските јазици. Овој факт не може никој да го побие.

Јас ги разбирам сите оние што стравуваат од можностите за натамошни обиди за негирање и наметнување нови билатерални услови. Најодговорно тврдам дека историските и идентитетските прашања не се дел од патоказите и одредниците од кои зависи отворањето и затворањето на поглавјата. Со оваа промена на Уставот, ние само ќе ја зајакнеме нашата меѓународна положба и ќе ја зголемиме меѓународната поддршка за нашите цели. Низ преговорите, шансите да продолжиме да ја промовираме и унапредуваме македонската национална посебност, историја и култура ќе бидат значително подобри и зајакнати“, додава Османи.

Во писмото тој потенцира дека политичарите треба да бидат запаметени од историјата дека правилно постапиле носејќи одлука со која помогнале земјата да оди напред, а не се сомнева дека со промената на Уставот ќе се направи грешка.

„Секој човек и политичар би бил среќен да биде запаметен од историјата дека постапил правилно кога било најважно. Да остане запаметен дека бил на вистинската страна, дека не се колебал во одлуката со која помогнал земјата да оди напред, а луѓето во неа да живеат подобро.
Јас лично не се сомневам дека со оваа промена на Уставот ќе направиме било каква грешка, напротив ќе отвориме ново поглавје на развој и стабилност за нашите граѓани.

Како што веќе многупати повторував во сите мои јавни настапи, оваа промена не менува ништо во положбата на Бугарите во земјава и во однос на правата што до сега ги имаа и им ги гарантираше Уставот.
Оваа промена ни дава можност на Република Бугарија и на светот да им докажеме дека тие не се дискриминирани, бидејќи реално тоа е така. Ова е можност да ги одземеме сите аргументи, а потоа да се втурнеме брзо кон реформските процеси кои се најважни за нашите граѓани и во наш најдобар интерес.

Со промената на Уставот, ќе стане јасно дека покрај македонскиот народ во земјава живее и дел од бугарскиот народ, кој е различен.
И конечно, одговорно кажувам дека ова не го правиме под диктат на Бугарија, ниту заради уцена од нејзина страна.

Ова е компромис во преговорите откако нивниот меморандум до ЕУ за непризнавање на македонскиот јазик и нација не доби поддршка од земјите членки. Компромис со кој го заштитивме македонскиот јазик и идентитет“, се вели во писмото до пратениците кои утре ќе имаат седница со единствена точка: Разгледување и гласање на потребата за отворање на Уставот со цел да се вметнат бугарскиот народ и уште неколку народи во него.

За оваа промена, потребни се 80 пратеници, што засега владејачкото мнозинство ги нема.

Би можело да ве интересира

Османи: Европскиот фронт ја победи коалицијата Вреди со над 40.000 гласа, волјата на граѓаните е јасна и треба да се почитува

Адеми: Волјата на гласачите е запишана, таа ќе биде дел од идните политики на државата

Османи: Одлучувачки избори за иднината на државата

Катерина Ѓуровски

Османи: Големиот Eвропски фронт ќе биде моќен штит за растечкиот национализам и ќе стане мост кон Брисел

Османи: На затворена седница ќе презентирам информации за Бањска, а Владата ќе одлучи за натамошно учество во „Отворен Балкан“

Османи: Македонија е коспонзор на Резолуцијата за Сребреница, важно е Србија да гласа дека имало геноцид

Орце Костов