Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов упати писмо со сочувство до семејството Иваноски, по повод смртта на истакнатиот деец, борец на македонското националноослободително движење и учесник на Првото заседание на АСНОМ, Перо Иваноски – Тикварот.
– Со голема тага ја примив веста за смртта на истакнатиот деец, борец на македонското националноослободително движење и учесник на Првото заседание на АСНОМ, Перо Иваноски – Тикварот, вели Иванов во писмото.
Тој, се додава во него, даде исклучителен придонес во остварувањето на вековниот стремеж на македонскиот народ за слобода и зачувување на својот идентитет и создавање на сопствена, самостојна, суверена и демократска држава. За овие негови заслуги, во 2014 година, на 70 годишнината од АСНОМ, имав чест да го одликувам Иваноски – Тиквар со Орден за заслуги за Македонија.
– Последниот жив учесник на АСНОМ си замина, но ни го остави заветот да ја чуваме нашата единствена татковина Република Македонија, за чија државност и слобода други се бореле и избориле. Затоа, денес, кога имаме сопствена држава и сами носиме одлуки за нашата сегашност и иднина, треба да бидеме свесни за жртвите дадени од претходните генерациии. АСНОМ беше остварлив поради пожртвуваноста и единството во слободарскиот дух на НОМ и државотворниот дух на основоположниците на Македонија. А еден од нив беше и Перо Иваноски – Тикварот, се вели во писмото со сочуство од претседателот Иванов.