Почитувана владо, почитуван премиеру, почитуван министре за транспорт и врски,
Сабота, 10 август, 2013. Туристи, гастербајтери (печалбари), бизнисмени, случајни минувачи. Сите на патарина кај Табановце. Три колони, должина до бензинската на „Лукоил“. Од прилика 2 километра. Бензин потрошен во чекање и во тргни застани – 2 литра, што значи околу 150 денари од автомобил. И овој трошок за да се плати патарина од 50 денари. Потрошени 4 пати повеќе пари, потрошено време, загадена средина (толку автомобили, толку литри гориво изгореа на толку мал простор).
Кога го имаме дефинирано проблемот, да размислиме за решение. Имаме две опции. Сами да измислуваме топла вода или да видиме што измислил светот. Сами да измислуваме топла вода ниту можеме, ниту знаеме, затоа што тие што знаат да размислуваат, ем одамна ги избркавме од нашата држава, ем континуирано ги бркаме. Значи, ни останува да видиме што оние кои сме ги избркале во странство им смислиле на странците, па да примениме кај нас.
Постојат неколку решенија. Во Германија, на пример, за товарни возила има сателитски систем, а за патнички возила не се наплаќа патарина. Но, Германија е богата држава, далеку поголема од нас. И не само тоа, ние зад Германија и временски доцниме околу 27 години. Швајцарија има друг систем, систем со налепница на ветробранско стакло. Но и од Швајцарија сме далеку, од нив сме 35 години далеку, ако не и повеќе. Но, со Швајцарците имаме други блискости. Пример, повеќенационална држава, повеќејазична. Но не само тоа. Пример, ние, како и Швајцарија, сме единствена држава, едната во срцето на Европа, а другата во срцето на Балканот, кои не се даваме до последно и за да бидеме членка на ЕУ. А имаме и убави и високи планини, и многу крави исто како Швајцарците. По примерот на Швајцарија, има уште две држави малку поблиски до нас (географски, а и временски) кои го имаат решено проблемот на ист принцип. Тоа се Словенија и Австрија. За далечината Австријците се исто како и Германците далеку, а Словенците ни се скоро на дофат, оддалечени некои 15-16 години.
Досега видовме две доста елегантни решенија. Ајде да видеме од овие овде поблискиве можеби ќе видиме уште некое. Пример, Србија и Хрватска. Со Србите сме тука некаде, зад Хрватите сме едно десетина години. Тоа не е многу далеку, можеби ќе научиме нешто. И Србите и Хрватите имаат систем со електронска наплата на патарина. Истиов го имаа и Словенците (кај нив се поминуваше со 40 на час, а кај Хрвативе мора да застанеш), но бидејќи луѓето се понапред од Хрвативе 6-7 години, пред 4 години го исфрлија од употреба. Хрватите веројатно нема да го следат тој чекор, затоа што кај нив автопатите се приватни, за разлика од Словенија, каде што се уште се во сопственост на државата. Но и покрај електронската наплата, во Хрватска и Србија сепак се прави одредена гужва на патарините.
Оттука заклучуваме дека најдобри решенија се швајцарското, австриското, словенечкото или германското. Ако имаме предвид дека Германија дополнително ќе притиска во ЕУ да се укинат патарините за патнички автомобили во цела ЕУ, а ние како вечен кандидат ќе треба да се стремиме кон тоа, веројатно не вреди да се инвестира во скапи системи зе електронска наплата. Сателитска наплата за камиони веројатно е прескапа за малечка држава како нашата. Затоа го предлагам решението кое го има Словенија: Налепници за патнички возила, рампи за автобуси и камиони. Вака, не е потребна воопшто никаква инвестиција. Рампите ќе си останат, од камиони гужва нема да се направи – печалбарите и туристите не одат со камиони. Од друга страна, трошокот за налепниците ќе биде вкалкулиран во самата цена.
Е сега само уште прашање е колку да чинат овие налепници. Во Словенија се 95 евра годишна, 30 евра месечна, и 15 евра за 7 дена. Во Австрија се нешто поевтини. Ние сме малку поголеми од Словенија. А имаме помал стандард (просечната плата е 1:3). Од друга страна имаме многу помалку автопати од Словенија, отприлика исто како и стандардот, ние имаме скоро 200 км автопат, тие скоро 600 км. Оттука излегува дека некои фер цени би биле 2.000 денари годишна, 650 денари месечна, 300 денари за 7 дена.
Сепак, вие направете си сметка. Вие имате повеќе информации за тоа колку наплаќате сега од патнички возила, и колку би наплатиле во иднина. Ако ви треба помош, кажете. Направете, сработете и покажете дека сакате реформи. Дека сакате да направите нешто. Дека сакате да бидеме Швајцарија, Австрија, Словенија. Покажете дека сакаме да побрзаме и да го затвориме ако не целиот, тогаш барем половина од временскиот период што не дели од современите европски држави. Дајте да покажеме дека сакаме да работиме. Дајте на странците да им ги земеме парите на друг начин, а не во потрошен бензин пред патарина. Така ги земаме само издувните гасови на нивните автомобили и нивните издувни гасови. Ако не знаете како, еве и ви кажуваме како. Вие сте власт, вие ја имате можноста, вие направете го. Направете нешто добро. Нешто по што ќе останете запамтени.
(Авторот го испрати писмото до нашата редакција и сакаше да остане анонимен)