Пред неколку дена г-дине Груевски на митинг рековте дека Вие во програмата немате некој ‘’ко бајаги pроекти’’ како на пример шaховски табли за пензионерите по парковите.
Лично рековте дека Вие за такви работи не ни трошите време па камоли да ги пишувате во програма, туку тоа го решавате едноставно на начин што ќе му кажете на Министерот направи го тоа и тоа, и крај. Така Вие рековте!
Еве јас продолжувам да си читам, ако Вие сте имале време да организирате собирање на 2046 иницијативи, еве јас си најдов време истите да ги прочитам (знам Вие не сте ги прочитале сите).
Да се разбереме, ова што Вие го нарекувате проект за мене е сега во фаза на иницијатива, а тоа дали ќе прерасне во проект ќе видиме, времето ќе покаже.
Ајде да почнеме со дел од 2046 проекти.т.е.иницијативи слични како шаховските табли:
101. ПРОЕКТ: ПОСТАВУВАЊЕ МЕСТА ЗА ШАХ ВО ПАРКОВИТЕ
Практиката во светот покажува дека многу луѓе уживаат во играње шах за рекреативно поминување на денот. Во соработка со ЕЛС, ќе се изградат повеќе места каде што ќе може да се игра шах.
РОК: 2015 – 2018 ГОДИНА
Г-дине Груевски и во првиот дел од моето обраќање до Вас Ви потенцирав дека Вие не сте ја прочитале оваа програма. Еве сега сум сигурен 100% во тоа. Нели Вие на министрите им кажувате за шах во парковите, и тие одма прават. Зошто Ви е Вам оваков проект, кога за оваков проект јавно ги критикувате СДСМ? Не сте ја прочитале програмава, или навистина имате хронична потреба од лажење?
68. ПРОЕКТ: ПРОВЕРИ ГО ТВОЕТО ТАКСИ
Проектот предвидува изработка на онлајн апликација преку која граѓаните ќе може да ги проверат лиценцата на таксито и досието на возачот. На тој начин ќе се подигнат конкурентноста и професионалноста на таксистите и ќе се обезбеди посигурен и побезбеден транспорт на патниците.
РОК: 2015 ГОДИНА
Г-дине Груевски кому му треба овој податок? Кога ќе порачам такси ќе ја прашам оператерката кој број има лиценца возилото кое ќе ми го прати, и ако го нема во системот ќе и кажам да не го праќа, или да се јавам директно на Ин такси бидејќи се професионални и сигурни?
102. ПРОЕКТ: РЕКОНСТРУКЦИЈА И ИЗГРАДБА НА АДМИНИСТРАТИВНАТА ЗГРАДА НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРАНСПОРТ И ВРСКИ
Во тек се надградбата и реконструкцијата на управната зграда на Министерството за транспорт и врски. Со реализацијата на овој проект ќе се добие поголема функционалност и ефикасност на работата во Министерството, со тоа што сите органи што се во состав на Министерството ќе бидат во една иста зграда.
РОК: 2014 ГОДИНА
Г-дине Груевски, нели Вие за оваквите проекти им ги наредувате на Министрите и им велите сами да си ги завршат? Ова е едно од ретките реновирања на државните објекти за следните 4 години, или сте заборавиле да ги напишите сите реновирања на сите државни објекти па да имате не 2046 туку 20246 проекти?
103. ПРОЕКТ: УРЕДУВАЊЕ НА ПЛАЖИ НА БРЕГОТ НА ОХРИДСКОТО, ДОЈРАНСКО И ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО
Со овој зафат на дел од плажите на овие три езера ќе се изврши попесочување на површината, хортикултурно и партерно уредување (поставување на клупи, фонтани за питка вода, детски игралишта, пешачки патеки од монтажно – демонтажни материјали), изградба на сервисниот пункт кој ќе ги опфати следните содржини: шанк со кабина за музика, место за озвучување, санитарен јазол, тушеви, соблекувалници, лежалки и други реквизити и ќе биде изграден од дрво, метал, стакло, пресувана слама, шиндра и др. Исто така, ќе биде поставена и платформа за сончање од дрвен материјал, безжичен интернет и други погодности за забава и престој.
РОК: 2014 – 2018 ГОДИНА
Г-дине Груевски кој Ве спречи да ги средите плажите во изминатите 8 години? Ова Вие го нарекувате стратешки проект кој Македонија ќе ја извлечи од ова беда?
105. ПРОЕКТ: ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА (VOIP) ВОИП-СИСТЕМ И ВОСПОСТАВУВАЊЕ КОЛ-ЦЕНТАР ВО АД МАКЕДОНСКА ПОШТА
Со имплементацијата на ВОИП-систем ќе се намалат трошоците за телефонија за 30% годишно, додека со воспоставувањето на кол-центар ќе има линија на која ќе се примаат пријави за проблеми од страна на граѓаните за сите услуги што ги нуди Македонска пошта, со што многу брзо ќе се детектираат проблемите и ќе се подобрат услугите. На оваа линија граѓаните ќе можат да добијат информација за сите услуги што ги нуди Македонска пошта. Средствата ќе бидат обезбедени од буџетот на АД Македонска пошта.
Буџет: проценета вредност 17 милиони денари
РОК: 2014 – 2015 ГОДИНА
Г-дине Груевски, ова го нарекувате проект на следната Влада кој е чиста техничка операција на едно претпријатије? Отварање на Call центар е епохално важна работа?
108. ПРОЕКТ: УНАПРЕДУВАЊЕ НА ГРИЖАТА ЗА КОРИСНИЦИТЕ И МАРКЕТИНШКИ АКТИВНОСТИ
Со цел унапредување на грижата за корисниците и маркетиншки активности, ќе ги преземеме следниве активности: формирање на одделение за грижа на корисници, воведување на кол-центар, редефинирање на Правилникот за попусти на цените за големи корисници, промоција на сите новитети, иницирање на активна соработка со бизнис-заедницата, надградба на веб-порталот и изработка на мобилна апликација, имплементирање на архитектонските стандарди и набавка на препознатливи униформи за шалтерските работници и поштарите.
РОК: 2014 – 2015 ГОДИНА
Г-дине Груевски, ова го нарекувате проект на следната Влада? Kако не Ви е страм ова да го нарекувате проект? Се прашувам зошто не ни претставивте програма со еден милион проекти од оваков тип и да ни ја отштампавте програмата на три милиони страни, и да се пријавите за гинисов рекорд за најголема програма во светот?
71. „КОЛКАВ БУЏЕТ ЗА ЦИГАРИ?”
Изработка на интернет-калкулатор кој ќе ја пресметува вистинската цена за пушачите и пресметка на заштедата доколку граѓаните престанат да пушат. Секој граѓанин ќе треба да внесе колку цигари пуши дневно и која е цената на една кутија. Целта е да се да се подигне свеста кај пушачите за нивната зависност од пушењето и да ги поттикне да го подобрат своето здравје.
Надлежни институции: Министерство за информатичко општество и администрација и Министерство за здравство
Буџет:300 илјади денари
Г-дине Груевски, Вие лично го одобривте овој проект да се појави во програмата? Ова го нарекувате проект?
90. ПРОЕКТ: СТРАТЕГИСКО ПЛАНИРАЊЕ
Продолжуваат активностите за јакнење на админстративните капацитети за стратешко планирање преку спроведување обуки за стратешко планирање, подобрена координација во министерствата, подобрени стратешки планови, воведување на писмени процедури за изготвување на Годишна програма за работа во министерствата и донесување на задолжителни насоки за учество на јавноста во процесот на креирање политики.
Надлежна институција: Министерство за информатичко општество и администрација
РОК: КОНТИНУИРАНО
Г-дине Груевски, 8 години Ви беа потребни за да сватите дека Ви е неопходно планирање? Ова е проект?
37. ПРОЕКТ: УРЕДУВАЊЕ И ОБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ГРАНИЧНИ ПРЕМИНИ
Проектот има за цел подобрување на состојбата со граничните премини, нивно видливо обележување и поставување соодветни ознаки и патокази. Со овој проект ќе се подобри имиџот на државата, бидејќи ќе се надмине несоодветно обележаните или необележаните гранични премини.
Буџет: 180.000 денари
РОК: 2014-2015 ГОДИНА
Г-дине Груевски, кој Ви пречеше тоа да го направите до сега? Ова го сметате за проект?
Еве и две мерки кој се врв на безобразлукот од ова програма и демант на се она што го говорите во последните денови:
28. СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ВРАБОТУВАЊЕ НА ИНВАЛИДНИ ЛИЦА
Субвенционирањето на вработувањето на инвалидните лица се врши со цел зголемување на вработеноста и социјалната вклученост на оваа категорија на невработени лица и нивно интегрирање на пазарот на трудот. Субвенционирањето се врши согласно Законот за вработување на инвалидни лица. Досега е субвенционирано вработување на 2.226 лица со посебни потреби, а Програмата продолжува со имплементација и во 2014 година.
Буџет: 189.000.000 денари
РОК: 2014 И КОНТИНУИРАНО
29. СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ВРАБОТУВАЊЕ НА МЛАДИ
ЛИЦА ДО 29 ГОДИНИ – ПРВА ШАНСА
Програмата за прв пат се реализира во 2014 година и има за цел да обезбеди побрз премин на дипломирани млади лица од образовниот процес до вработување. Поддршката се обезбедува со цел овие лица да се стекнат со одредени практични знаења и вештини и да станат конкурентни на пазарот на труд. Во 2014 година ќе бидат вклучени 30 невработени лица од евиденцијата на активни баратели на работа на АВРМ, кои завршиле високо образование во студиската година 2012-2013. Субвенционирање на вработувањето ќе се врши по моделот 3+6, кој предвидува 3 месеци субвенционирано вработување со полно работно време и 6 месеци обврска на работо-
давачите да го задржат на работа.
Буџет: 1.170.000 денари
РОК: 2014 ГОДИНА
Г-дине Груевски, зарем толку Ви се важни младите? За младите 1 170 000 денари годишно или 19 024 евра, а за инвалидите 189 000 000 денари, или 3 073 170 евра. Ве прашувам, дали бројките се погрешни или во Македонија има 161 –пати повеќе инвалиди од млади на кој им е потребно вработување?
На крајот Г-дине Груевски ќе Ви наведам уште еден проект:
100. ПРОЕКТ: НА КАФЕ КАЈ СОСЕДИТЕ
Овој проект ќе се реализира преку неформални средби на покана на граѓани во нивните домови со цел информирање за нивната безбедност или други појави кои ги загрижуваат, како и примање на евентуални поплаки.
Буџет: во рамки на одобрениот буџет
Р О К : Д Е К Е М В Р И 2 0 1 4 Г О Д И Н А
Г-дине Груевски, кој ќе ни доаѓа на кафе? Еве ако Ви се јавиме денеска 10 000 луѓе, Вие ќе ни испратите 10 000 Ваши патриоти на кафе кај нас? Ќе донесат кафе или да си купиме?
Г-дине Груевски тешко на Македонија со оваква програма, измачена со векови од други па сега и од своите. Да бидеме на чисто:
– Нити е ова програма,
– Нити се ова проекти,
– Нити сте Вие премиер,
– Нити сте Вие партија, а најмалку патриотска,
Овој куп на 2046 иницијативи покажуваат дека сте Вие тотално забегано друштво кое ни перде, ни страм нема, и кое функционира по принципот, ако неможе милум, може силум.
Драги мои пријатели, роднини, другари, граѓани на Македонија, пред да одлучите за кого да гласате отворете го Вашиот фрижидер, ако е празен, веќе имате 25% од одлуката, ако и новчаникот е празен додајте уште 25%, ако и во банка немате пари, додајте уште 25%, а ако ги прашате Вашите пријатели околу Вас и ако и повеќе од 50% од нив се со истите проблеми, додајте уште 25%.
Ако така ги поставиме прашањата ќе дојдеме до најмудриот одговор:
Неуспешна власт веќе никогаш да не се подржи во Македонија.
Дали ќе гласате за опозицијата или нема да гласате воопшто, или Вашиот глас ќе биде неважечки, секоја Ваша одлука е легитимна и исправна….
Ете Г-дине Груевски, како мој досегашен Премиер Ве послушав, ја прочитав програмата и заклучив дека е една голема лага составена од многу ситни глупости, и дека мојот живот нема да биде подобар поради кафето, фаховските табли, таксито или песокот на плажите.
П.С. Драги гласачи, не заборавајте да ги отворите фрижидерот и новчаникот пред гласање…
Ј.Ј.