Пановска – Ставридис: И да сакам не можам да влијаам на протоколите со кои им се утврдува терапијата на пациентите

Од:

Директорката на ЈЗУ УК Хематологија, проф.д-р. Ирина Пановска – Ставридис, испрати писмен одговор на како што вели, паушалните обвинувања и изречените тешки клевети на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ со цел за да го заштити интегритетот и угледот на ЈЗУ УК Хематологија – Скопје

Писменото соопштение го пренесуваме во целост.

Бидејќи е очигледно дека политичката партија ВМРО-ДПМНЕ преку лична пресметка со мене и со моето семејство се обидува да печали дневно политички поени, а со цел да го заштитам интегритетот и угледот на ЈЗУ УК Хематологија – Скопје и на моите колеги, на нивните паушални обвинувања и изречени тешки клевети, ќе одговорам лично и во мое име.

Тргнувајќи од фактот дека политичката партија ВМРО-ДПМНЕ се прави слепа и глува за фактите дека:

  • цените за лековите на ЈЗУ УК Хематологија – Скопје не ги одредувам ниту јас, ниту менаџментот, ниту стручниот колегиум, туку станува збор за референтни цени однапред дефинирани и определени од министерството за здравство, врз основа на кои се подготвуваат и спроведуваат јавните набавки;
  • во периодот од август 2017, кога сум именувана за в.д. директор, заклучно до денес, е спроведена само една јавна набавка, и тоа меѓународен тендер за 211 видови лекови бр.09-1005/1 од 11.12.2017 година, со рок за доставување понуди од 50 дена;
  • согласно Законот за спречување на судир на интереси, како в.д. директор, на 18.09.2017 година, на сопствена иницијатива, се обратив до Државната комисија за спречување на корупцијата и поднесов Изјава за мое изземање од сите постапки за јавни набавки каде како потенцијален понудувач може да се јави веледрогеријата „Д-р Пановски“. Комисијата со претседател и членови предложени и изгласани во време кога политичката партија ВМРО-ДПМНЕ ја предводеше владата, на 17.11.2017 година, со писмено известување му укажа на менаџментот на клиниката за вакви случаи да овласти друго лице за спроведување на јавните набавки, како што Управниот одбор и постапи;
  • согласно член 30, став 1 од Законот за јавни набавки, со својство на надворешни стручни лица кои не се вработени на клиниката, а со делегирана надлежност да го следат и да вршат увид во начинот на кој се реализираат јавните набавки на клиниката, претставници на НВО секторот извршија увид и изготвија соодветен извештај за јавната набавка бр.09-1005/1 од 11.12.2017 година, што претставува највисок стандард за транспарентност;
  • веледрогеријата „Д-р Пановски“ на конкретната јавната набавка за 211 видови лекови, доставила понуда за 31 лек, а склучила договор со ЈЗУ УК Хематологија – Скопје за набавка на 18 лека, за кои имала најповолна понуда по завршената електронска аукција, додека за останатите 193 видови на лекови клиниката  склучи договор со други понудувачи,

со овој писмен одговор на јавноста ќе и приложам дополнителни факти со кои уште повеќе ќе бидат разобличени нивните лаги кои со секојдневно повторување се надеваат дека ќе станат вистина.

Јас најодговорно тврдам дека како директор на клиниката и да сакам не можам да влијаам на протоколите со кои им се утврдува терапијата на пациентите кои се лекуваат на ЈЗУ УК Хематологија – Скопје.

Земајќи предвид дека политичката партија ВМРО-ДПМНЕ ме обвинува за судир на интереси и криминал, сметам дека е добро на јавноста да и го објаснат следниот податок. Имено, само во 2016 година, додека премиер е Никола Груевски, министер за здравство е Никола Тодоров, директор на ЈЗУ УК Хематологија – Скопје е Проф.д-р Лидија Чевреска сите кадровски решенија на ВМРО-ДПМНЕ, за потребите на ЈЗУ УК Хематологија – Скопје, од веледрогеријата „Д-р Пановски“ преку две постапки за јавни набавки, склучени се договори и набавени се лекови во вкупна вредност од 1,5 милиони евра. Портпаролите на ВМРО-ДПМНЕ нека си ги прашаат своите партиски колеги дали, како што сега лажно тврдат, јас и тогаш, и покрај тоа што не сум била директор, сум можела да извршам влијание веледрогеријата „Д-р Пановски“ и за време на нивното владеење да биде избрана за најповолен понудувач, или пак немале друг избор, туку морале да склучат договор затоа што оваа веледрогерија е единствен застапник, увозник и дистрибутер за тој вид лекови во Република Македонија. Или можеби и овие јавни набавки, што ги спровеле нивни кадри, според денешните опозициски стандарди на ВМРО-ДПМНЕ се сомнителни. Јавноста заслужува прецизен и конкретен одговор, не партиски флоскули и нови лаги!

Срамно и жално е што политичката партија ВМРО-ДПМНЕ упорно се обидува да и претстави на јавноста скандал таму каде што нема, а притоа нанесува огромни штети на јавното здравство. Забораваат дека и тие се потенцијални пациенти и корисници на услугите во јавното здравство. Не што не е точно дека за време на мојот мандат се става веледрогеријата „Д-р Пановски“ во привилегирана позиција, туку напротив, листата на лекови за прволиниска терапија за третирање на хематолошките болести е проширена со нови лекови кои се достапни за пациентите. Тоа што претходните здравствени власти не го направија 10 години, ние го исполнуваме!

Во оваа прилика сакам да му честитам и да му оддадам признание на стручниот колегиум и целиот персонал на ЈЗУ УК Хематологија – Скопје за нивното залагање, кои посветено и со невиден професионализам неуморно и вредно придонесуваат заедно да ја модернизираме клиниката, да ги подигнеме стандардите и квалитетот на здравствените услуги. Така и ќе продолжиме!

Јас нема што да кријам. Секоја моја одлука е во согласност со позитивните законски прописи. Сите надлежни државни институции можат да го проверат секој сегмент од моето работење. На сите заинтересирани новинари им стојам на располагање dа направат комплетен увид во документацијата за сите јавни набавки.

За изнесените лаги и клевети од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ не очекувам извинување. Кога тие би знаеле што е чист образ, после се’ што му сторија на македонското здравство немаше ни да се појават во јавност, а не други да обвинуваат за криминал и да одржуваат вакви прес конференции. За сите измислици, подли конструкции и нарачани прилози со кои не беа поштедени ниту моите малолетни деца, ќе поведам соодветна судска постапка.

Со почит,

ЈЗУ УК за Хематологија

н.в.Проф.Д-р Ирина Пановска – Ставридис

ВД Медицински Директор

Би можело да ве интересира

Набавката на електричните автобуси е задоцнета, имаше три години да се донесе ваква одлука вели Арсовска

Катерина Ѓуровски

Кузеска: За хаосот во Скопје најголема вина имаат Мицкоски и ДПМНЕ

Петрушевски: Бизнис интересот на СДС и ДУИ направи граѓаните да плаќаат поскапа струја

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Тренчевска: Кошничката е прескапа, ДПМНЕ да прифати 0% ДДВ на храна и минимална плата 450

СДСМ бара Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ да се вразумат и понуди предлози за решавање на кризата во Скопје