Пендаровски: Правниот факултет мора да ги адресира најважните прашања на модерното време, за иднината на демократијата, владеењето на правото и дезинформациите

Од:

Правниот факултет во Скопје е вграден во темелите на современата македонска држава. Од овие аули потекнуваат луѓето кои учествувале во обмислувањето на правната, институционалната и политичката архитектура на државата. Правниот факултет „Јустинијан Први“ е alma mater на генерации правници, адвокати, судии, политиколози, новинари и политичари кои оставија неизбришлива трага во нашиот правен и политички систем и воопшто, имаа влијание врз демократскиот развој на земјата.

Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање по повод 70-годишнината од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

– Факултетот е јадрото од кое произлегоа и многу познати и признати активисти за човекови права и слободи. До пред десетина години патрониот ден на Правниот факултет беше 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права. Како главен носител на одбележувањето на овој ден, Факултетот и понатаму, секоја година, не потсетува дека човекот не постои заради државата, туку дека државата со сите нејзини институции, прописи и политики е создадена заради човекот. И дека морална обврска на секоја современа демократија е да го почитува вроденото достоинство на секој човек, рече Пендаровски.

Претседателот потсети дека Правниот факултет беше и еден од пионерите во европските образовни реформи кај нас и оти преку Болоњскиот процес, европскиот кредит трансфер систем и програмата Еразмус+, Правниот факултет им овозможи на студентите да бидат дел од единствениот европски образовен простор, да ги продлабочуваат своите знаења и да добијат нови вештини на европските универзитети.

– Факултетот има плодна соработка со бројни високообразовни установи и институции во Европа и светот и членува во неколку важни меѓународни асоцијации, меѓу кои е и Мрежата на правни факултети на Југоисточна Европа – SEELS што веќе 10 години ја продлабочува регионалната академска соработка и преку која Факултетот се има вклучено во значајни меѓународни истражувачки и образовни проекти. Имајќи го во предвид неговото долгогодишно постоење во времето и академските достигнувања, Правниот факултет „Јустинијан Први“ се етаблираше како еден вид стандард во областа на високото образование кај нас, особено во сферата на општествените науки, подвлече Пендаровски.

Претседателот истакна дека новото време донесе и големи предизвици и во областа на образованието при што, како што рече, првиот предизвик е сé понагласената конкуренција меѓу различните академски дисциплини.

– Во времето на четвртата индустриска револуција, сé повеќе млади луѓе, не само кај нас туку и во светот, својата иднина ја гледаат во професиите што произлегуваат од природните и техничките, наместо општествените науки. Пандемијата на Ковид-19 само го засили уверувањето дека професиите на иднината се во сферата на новите технологии и дигиталните услуги. Вториот предизвик е конкуренцијата од другите, сродни факултети во странство. Дел од младите луѓе кои во 21 век се определуваат за политичките, правните или комуниколошките науки полесно се решаваат да студираат на странските универзитети наместо кај нас, пред се, заради полесен влез на пазарот на трудот, рече Пендаровски.

Според Пендаровски, проблемот предизвикан од депопулационите бранови значи дека сé помалку млади се запишуваат на Правниот факултет во Скопје бидејќи сé повеќе млади се иселуваат од државава. Во овој контекст рече дека долгогодишните проблеми со надолните трендови на вложување во високото образование, структурната невработеност, хиперинфлацијата на дипломи, нискиот пласман на нашите универзитети на светските ранг листи се, исто така, дел од проблемот.

– Но, убеден сум дека една од главните причини за намалениот интерес за студирање право, политика и новинарство кај нас е токму состојбата во која се наоѓа правната држава и медиумскиот простор. Изразената етнизација на политиката, партизација на институциите и честите примери на приватизација на јавниот интерес, изминативе децении доведоа до длабока криза на доверба на граѓаните во државата, во правниот систем и во медиумите. Сé помалку млади веруваат дека само со лични напори и посветеност ќе ја искачат скалата на успехот и ќе се реализираат во академска и професионална смисла. А кога луѓето ќе ја изгубат довербата во владеењето на правото, ја изгубиле најсилната врска со сопствената држава, рече Пендаровски.

Тој истакна дека за да ја задржи својата релевантност, Факултетот мора да ги адресира најважните општествени прашања на модерното време, поврзани со иднината на демократијата, владеењето на правото, дезинформациите, функционалноста на институциите и борбата против корупцијата.

– Иако е неспорно дека интересот за општествените науки се намалува и на глобално ниво, добрите закони, јавните политики втемелени во јавниот интерес и моделите на демократско владеење се и остануваат да бидат од круцијално значење. Како една од водечките академски институции, од Правниот факултет се очекува да промислува, предлага, јавно да објаснува и брани идеи и концепти кои ќе им помогнат на граѓаните подобро да ги разберат предностите од владеењето на правото, навременото и непристрасно информирање и воопшто, за значењето на доброто управување во денешниот глобален свет. Не смееме да губиме од предвид дека виталноста на демократијата зависи од демократската свест на граѓаните, заклучи Пендаровски во обраќањето по повод 70-годишнината од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Би можело да ве интересира

Сиљановска-Давкова: Правниот факултет беше и остана храм на правото и правдата

А1он

ВМРО-ДПМНЕ: Лажната скромност на Пендаровски, кажа дека не сака канцеларија, за ден потоа експресно да побара

ВМРО-ДПМНЕ: Лицемерие е кога партијата на Заев кој зборуваше за еден народ во две држави и Пендаровски кој праќаше поздрави на “љубави”, да глуми загриженост

Ќе користи ли Пендаровски доживотна пензија? Што му следува по престанокот на функцијата на 12 мај

A1on

Инаугурацијата на новиот претседател треба да биде најдоцна на 12 мај, кога истекува мандатот на Пендаровски

Пендаровски го призна поразот: Резултатите се јасни, но мојата совест е мирна

Анита Петровска Рајковиќ